Антика

* Резиме од книгата: Гавровски Д; Тетовски Древности - Полог од праисторијата до 7.век н.е. со посебен осврт на тетовскиот крај; Тетово 2009.


Хронологија

Околу 520-500 години п.н.е.  Тетовската Менада, познатата статуетка лиена во бронза а потоа на некои места дотерувана со фино гравирање, е со мали димензии, висока 9,4 см, растојанието на нозете 6,5 см, и е прекрасен примерок на дорската уметност (коринтска школа), но е тешко да се каже дали е увезена од Егејот или Јужна Италија, или пак е изработена од локални мајстори– неимари. Преставувала мал украсен детал како дел од сложена декорација, и најверојатно стоела залепена за нозете на работ на голем кратер (бронзен котел) или луксузна бронзена ваза. Митолошки Менадата е вид грчка нимфа, следбеничка на богот на виното и плодноста- Дионис. Нашата е претставена како девојка во грациозно движење (кое е често прикажувано во античкиот свет како ‘бегање на Менадата пред митолошкиот Силен’), со раширени и подигнати подлактици и расчекорени нозе. Трупот е прикажан фронтално, но нозете и главата свртени се кон десно. Таа е со убави црти на лицето, со долга коса која по грбот паѓа сè до струкот, а облечена е во хитон (долго здолниште), преку кој има префрлено небрис (пантерска кожа) со концентрични кругови и пантерски шепи кои висат како украс. Оваа статуетка е пронајдена при ископувањето во т.н. Архајска кнежевска гробница во гр.Тетово во 1933 година, но е датирана како постара од неа што докажува дека садот на кој таа била поставена бил претходно долго во употреба пред конечно да се стави како гробен прилог.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Околу 5 – 4 век п.н.е.   Во врвот на моќта локален агријански кнез гради својата богата Архајската кнежевска гробница во денешно Тетово, што е без сомнение најатрактивен археолошки наод досега пронајден во Полог,  откриена случајно при изградба на куќа, пролетта 1933.  Од оваа гробница откопана и истражена била само т.н. главна комора која е со четвртест облик и димензии 5,51 х 3,5 м. и зачувана во височина од 1,85 м, поставена по должина во правец север-југ. Градена е од големи правилно делкани мазни жолтеникави камени блокови, совршено споени меѓу себе, без малтер. Покриена била полукружно со т.н. ‘лажен свод’, составен од хоризонтално редени блокови, косо засечени од внатрешната страна. Таа од другите се разликува по тоа што кај неа е пронајден поплочен под со камени плочи, како и засводување на комората. Иако е веројатно дека оваа гробница имала богати гробни прилози, за жал при истражувањата пронајдени се само неколку скромни движни наоди (фрагменти од неколку искршени брозени плочки – најверојатно кнемиди). Сепак најисклучителен и најпознат наод од оваа гробница, е бронзена статуетка на Менада.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Помеѓу 360 - 300 година п.н.е.
   Помеѓу други независни градови во северна Македонија, свои сребрени пари во Дамастионската ковница, кова и независниот агријански град Пелагија (најчесто на аверсот има глава на Аполон, а на реверсот стои името на градот во генитив- ПEΛАГIТА/ОN). Според најновите теории и интерпретации на светски познати научници, а анализирајќи ја концентацијата на наоди на овие монети -  овој град се наоѓал во близината на денешно Тетово. Поради поврзаноста на грчката основа на ова име Пелаг (грч. ПЕΛАГ), со значење ‘рамница’, предвид се зема што и до денес тоа име е во корелација со основата и на денешниот словенски назив на котлината Полог. Токму затоа овој град се смета за антички предок на денешниот град Тетово.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Околу 98.-117. н.е.  Статуа од типот Големата Херкуланка од Тетово, а откриена 1939. Претставена како жена која стои мирно со тежиште на десната нога, а со лесно свиткана и истурена настрана- лева нога. Облечена е во хитон (здолниште) кое допира до стапалата, оставајќи ги голи прстите на нозете во сандали. Озгора целата е прекриена со химатион (наметка) што ја обвиткува целата фигура до под колената, а префрлен преку главата во облик на шал. Со десната рака, таа го придржува крајот на химатионот, а во левата држи некаков предмет. Скоро по правило статуите од овој тип се со откршени глави. Во Македонија, копиите од типот Гомема Херкуланка се застапени со 10 примероци, од кои тетовската е специфична по тоа што е единствениот примерок од овој тип изработен во толку мали димензии (висока 1,10 м).  Потекнува од т.н. трајановски период, односно периодот на владеењето на императорот Трајан од 98.-117. н.е., во чие време Империјата го достигнала  врвот на својата надмоќ и сјај.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Крајот на 4. и почетокот на 5. век н.е.  На локалитетот Грдаште кај тетовското село Стенче, со интензивни археолошки ископувања од 2000. до денес, откриен е комплекс со две базилики, кој преставува  единствениот ранохристијански комплекс во Македонија со три одделни и истовремени крстилници (баптистериуми), а кои служеле за покрстување (крштевање) на локалното население. Ова сензационално откритие беше окарактеризирано како редок научен феномен и исклучително редок случај во целото источно православие. Во малата црква, археолозите откриле мала конструкција на внатрешна крстилница. Втората крстилница е сосема кружна и во неа се слегува преку две скалила. Третата крстилница е најголема и веројатно најмлада и изградена поради зголемената потреба од покрстување во регионот, оти претходните две помали крстилници не можеле да ги задоволат потребите за покрстување. Овој и други значајни наоди откриени потврдуваат дека овој локалитет преставувал значајно ранохристијанско епископко седиште.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Околу 5. – 6. век н.е.  Единствена работилница за изработка на материјал за мозаици во Македонија, е најзначајното откритие од лок. Кука, тетовско село Рогле. Во оваа работилница било топено стакло кое се мешало со хромни оксиди пришто се добивале пити (плочки) од стаклена паста во 5 различни бои (откриени се: аквамарин, кобалт, зелена, карнеол-црвена и жолтеникава со позлата) од кои потоа се сечеле помали коцкички за изработка на мозаици. Така, на многу антички локалитети се наоѓаат изработени мозаични површини, но ова е прва работилница за изработка на материјал (коцкички во боја) за тие мозаици, засега регистрирана во Македонија, а е ретко и сензационално научно откритие и извонредно значаен наод воопшто во светски рамки.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

Втора пололовина на 6. век н.е.  Во февруари 2004, на локалитетот Црквиште-Бучало, над с.Туденце, Тетовско, откриена е најстарата триконхална (трикорабна) црква во Република Македонија, а е редок триконхален објект на просторите на цела јужна Европа. Следните вакви базилики во Македонија се дури од 9. век па натаму (‘Св. Пантелејмон’ на Плаошник, ‘Св. Наум’,  ‘Зглавеница’ и др.). Правоаголните краци на источниот крстовиден дел одвнатре се апсидално оформени. Ѕидана е масивно со дебели ѕидови широки просечно 1 м, а сепак со мали димензии (18 х 7,5 м). На локалитетот пронајдено е и олтарно столпче (квадратен капител) со рудиментирани одлики (рудиментиран коринтски тип) од втората половина на 6. век (според кој е и датирана црквата). Овој капител  е монолитен примерок со база, украсен со стилизирани хелици од врежани триаголници, кои преку два прстена се спојуваат со столбот, а абакусот со една врежана линија е поделен на два дела.  (© Дарко Гавровски, Тетовски Древности, 2009)

РАНА АНТИКА

Влијанијата на грчките занаетчиски центри врз овој дел на Балканот, всушност ќе доведат до дополнителна промена на културата и начинот на живот на овдешните популации. Токму тие промени го најавуваат новиот, архајски период и преминот од епохата на праисторијата во епохата на историјата и антиката. На археолошки план овие трансформации се видливи преку новите материјални (нови типови керамика, накит и други занаетчиски производи), и духовни (нов начин на погребување: кремирање наместо инхумација, прифаќање на култовите на грчките божества) и други обележја, кои отпрвин биле прифаќани како престиж од најелитните општествени слоеви, а потоа и од останатото население, што најдобро се гледа од т.н. кнежевски гробници, од кои најпозната е онаа од Тетово, во која е пронајдена и познатата статуетка на Менада.

Во минатото имаше различни теории за тоа, кое античко племе го населувало овој крај. Сепак според најновите сознанија, целиот простор на Јужна Србија, Источно Косово и Северна Македонија, вклучително и Полог, во овој период, а се до 3. век ст.е. бил населен од најсеверното античко-македонско (пајонско) племе Агријани (Agrianes). Ова се гледа по континуитетот во археолошките хоризонти, развиениот керамички импорт од грчкиот југ, богатите кнежевски гробници и сл. Ова племе имало свои кралеви од кои најпознат е Лангар (Langaros) кои во 335. ст.е. му помогнал на македонскиот крал Александар III, при неговиот поход против Трибалите на север. Агријаните него го следеле и при неговиот поход низ Азија кога се покажале како едни од најбезмилосните борци во многу клучни битки, по што станале особено познати во античкиот свет.

Поради економскaта и трговска развиеност и одредени градови ковале свои автономни монети. Таков бил случајот со градот Пелагија (Pelagia) кој низ целиот 4. век ст.е. кова свои сребрени монети во ковницата во Дамастион. Градот Пелагија се смета дека се наоѓал близу денешно Тетово, и е всушност, во урбанистичка смисла негов антички предок, од чиј назив подоцна е изведено и денешното словенско име на целата котлина Полог (Пелагија-Полог, како во случај и со Скупи-Скопје, Астибо-Штип, Тесалоника-Солун итн).

Кон крајот на 4.век ст.е. ослабента агријанска држава потпаднала под власт на кралот Авдолеон од Пајонија, а веќе до средината на 3. век ст.е., сите нивни територии биле заземени од Дарданците од север (на југ сосе Северна Македонија и Полог), што се гледа и преку дисконтинуитет во археолошките хоризонти од тој период. Овие погранични краеви низ целиот нареден период ќе биде користен како логистичка позадина, од каде Дарданија организирала јаки пљачкосувачки походи на југ кон богатото кралство Македонија, дури и откако тие територии ќе потпаднат во склоп на Римската Империја во 168. ст.е.


РИМСКИ ПЕРИОД

Дури во 29. ст.е. и Полог, задно со останатите делови на Дарданија, па на север сè до Дунав, ќе подапнат под римска управа, по што ќе започне ера на стабилизација, мирен живот, трговија и напредок. Од 2-3 век н.е. датираат неколку камени плочи- стели, на кои епитафот е напишан со грчко писмо што говори дека овој регион бил во склоп на грчката јазична сфера, за разлика од Косово и скопкскиот регион кои биле дел од латинската јазична сфера. Ова значи дека во Раноцарскиот период (1-3 век н.е.) Полог бил дел од римската провинција Македонија, а во доцната атника (3-6 век н.е.), по реформите на Диоклевцијан дел од провинцијата Македонија Втора (Macedonia Secunda). Пронајдените стели содржат и богат ономастички материјал и лични имиња кои се доминатно автохтони и од кои се гледа дека романизацијата на овиепериферни краеви, надвор од главните патишта, не зела голем замав.

Поучена од големите варварски продори (Келти, Остроготи, Хуни) кои сè почесто се случувале од 3. век, а траеле и низ наредните векови, римските императори почнале во доцниот 4. век да градат укрепени градови и тврдини на доминантни ридови. Од тој период датираат и бројните каструми (castrum), кастели (castellum) и збегови (refugium) за населението во тетовскиот крај од кои најзначајни се оние близу денешните села Рогле, Орашје, Лешок, Стенче, Јегуновце, Градец и локалитетот Исар-Бањиче крај Тетово.

Иако христијанството во Македонија доаѓа со Св.Апостол Павле во 50-тите години од 1. век н.е., сепак дури по легализацијата на Константин вo 313. н.е. тоа можело помасовно да продре до обичните луѓе, и да се отпочне со градење на ранохристијански цркви- базилики. До денес во Полог се регистрирани траги од 16 ранохристијански базилики, од кои 12 во Тетовско и 4 во Гостиварско, пришто најдобро проучени се базиликата од Стенче од 5. век н.е. која е единствена во Македонија со 3 крстилници (баптистериуми), и онаа во Туденце која датира од втората пол. 6. век. и е најстарата триконхална (трикорабна) црква воопшто во Република Македонија, а е ретка и во цела Јужна Европа.

Сепак, по силните аварско-словенски продори во доцниот 6. век н.е. сите тврдини се напуштени но не во целост и срушени. Поголемиот дел од нив, два-три века подоцна, кога повторно е воведена стабилна државна организација,  повторно ќе бидат обновени со истата намена, но овојпат тие ќе бидат населени од доминантното словенско население  поставувајќи ги темелите за новите средновековни гратчиња.


Comments