Потекло на Иконите
Иконите потекнуваат од повеќе цркви во градот Тетово (Св. Никола, Св. Богородица, Св. Димитриј и Св. Кирил и Методиј) и од поширокиот тетовски регион (црквите и капелата на манастирот
Лешок, црквата Св. Петка во с.
Вратница, црквата Св. Богородица во с.
Беловиште, црквата Св. Богородица во с.
Јелошник, црквата Св. Теодор Тирон во с.
Јанчиште, црквата Св. Мина во с.
Волковија, црквата Св. Ѓорѓи во с.
Волковија, црквата Св. Ѓорѓи во с.
Отуње).
Временска рамка на збирката икони
Оваа збирка икони дава одличен увид во развојот на иконописот во Македонија низ целиот XIX и почетокот на XX век. Ја сочинуваат дела од познати/потпишани зографи и зографски работилници, како и од неколку неидентификувани автори.
Најстарите икони во галеријата, се само две, кои датираат од крајот на XVIII век.
Едната од нив е иконата Вознесението на св.Илија, (сл. 1) која претставува редок примерок на ликовен и литературен спој, мошне карактеристичен за ракописите. Врз композицијата е испишан опширен текст преземен од Акатистот на св. Илија, пишуван на локален говор. Иконата најверојатно настанала во монашка работилница. Сликарството поседува елементи на наивизам со дводимензионален пристап, рудиментарен цртеж и употреба на живи и чисти бои.
Втората е мала по димензии иконата Св. Димитриј на коњ, кој го прободува бугарскиот цар Калојан, со тројца јереи во горниот дел (сл. 2), а која според стилските карактеристики најверојатно произлегла од некоја корчанска работилница.
Зографи на иконите
Најголемиот број зографи се домашни мајстори и потекнуваат главно од Велешкиот, Крушевскиот, Дебарскиот и Малореканскиот крај. Тоа се: Дичо Крстев зограф (1855, 1860, 1861) и Аврам Дичов (1873) од Тресонче (Тресанче), Михаил Ѓурчинов од Галичник (1879), Јосиф и неговиот брат Јаков Радев Мажовски од Лазарополе (1866, 1884, 1896, 1897), Константин Јаков (Бундовски) од Галичник (1884, 1886), Евгениј Поп Кузманов од Галичник (1882, 1888), Крсто и Константин Николиќ и Русалим Крстиќ од Лазарополе, и најмладиот меѓу нив, Димитриј Андонов Папрадишки од Папрадиште (1927).
Со дополнителната стилската анализа на повеќе икони од збирката, идентификувани се уште тројца автори, Јереј Петар, Дамјан од Крушево и Анастас од Крушево, кои не оставиле потписи врз своите дела.
Значајно за нас, е евидентираната икона која е најверојатно од локален теотовски зограф Јане Шишич (1856)
Освен икони од домашни автори во Галеријата се изложени и икони од тројца зографи со руско потекло, Николај Јосиф, Константин Апостолович и Георги Авраамович, кои живееле и твореле во Ерусалим. Само за мал број икони со мошне препознатлив иконографски концепт може да се претпостави дека е грчки импорт.
Меѓу непотпишаните зографи е идентификуван
Јереј Петар, на кого му се припишуваат три икони од црквата Св. Атанасиј во Лешочкиот манастир (сл. 3). Активноста на јереј Петар се следи во тетовскиот крај, како и во Скопје, каде што слика икони за црквата Св. Спас. Во ликовниот израз на овој плоден иконописец се забележува одредено влијание од руската уметност од крајот на XVIII и почетокот на XIX век. Корпулентни, но без волуминозност, фигурите се обликувани со нагласен врежан цртеж и светли тонови со скуден дијапазон на бои. На подоцнежната фаза на овој зограф би можеле да му се припишат уште две икони што потекнуваат од с. Јелошник, Богородица со дете од типот Одигитрија (сл. 4) и Св. Јован Претеча Кефалофорос, датирани во 1834 година и сликани во традиционална византиска иконографија. Дарителскиот текст испишан на иконата св. Јован Претеча на црковно-словенски јазик е значаен поради споменувањето на топонимот (Ј)Елошник.
Зограф Крсте од Велес е уште еден мошне плоден зограф од почетокот на XIX век, чија активност може да се следи од 1815 до 1835 година. Застапен e со иконата Богородица со дете, која потекнува од Лешочкиот манастир (сл. 5). Датирана е во 1831 год. според нејзиниот пандан, иконата Исус Христос Велик Архијереј, која се чува во збирката на икони во Музејот на Македонија, и на која зографот се потпишал. Покрај препознатливиот ликовен израз двете икони имаат исти димензии, исти рамки и иконографски детали, како што се: стилизираниот барокизиран трон, дезенот на тапицирот од наслонот, златната заднина, сигнатурите испишани со бела боја, зрачните светлосни рефлексии околу ореолот и тн. Икони од овој тип од 30-тите години на XIX век има и во галериите на штипските цркви Св. Богородица и Св. Никола, како и во збирката икони во Музејот на Македонија.
Со својот специфичен стилски израз се издвојува и зографот
Дамјан од Крушево. Идентификуван е на три престолни икони од црквата во с. Беловиште (сл. 6) и на три престолни икони, царски двери и една деисисна икона од црквата во с.Вратница (сл. 7). Освен годината на сликањето 1842, којашто е запишана на иконата Св. Димитриј, тој не соопштува други податоци за себе.
Овој зограф малку порано е откриен во околината на Скопје, во црквата Св. Петка во с. Побужје и во Побушкиот манастир Св. Богородица (каде што запишал дека е „зуграф и духовник“), потоа во манастирот Св. Архангели Кучевишки, во црквата Св. Спас во с. Кучевиште и во црквите Св. Никола во с. Љубанци и Св. Никола во с. Добри Дол.
За зографот
Јане Шишич се претпоставува дека е локален мајстор од тетовскиот регион чие име е потврдено на малата празнична икона Крштевањето Христово, сликана во 1856 година (сл. 8). Иконографијата е проследена со наивен цртеж, живи бои и изразит графицизам.
Познатиот крушевски
зограф Анастас е идентификуван на две икони. На првата е претставен Св. Наум, големиот подвижник, чудотворен молитвеник и духовник, кој е насликан во великосхимничка облека без качулка на главата, со модел на црква/ротонда во левата рака (сл. 9). На втората икона е претставена Богородица Гликофилуса (Слаткољубива), со коњанички претстави на св. Ѓорѓи и св. Димитриј и допојасна фигура на св. Никола меѓу нив во долниот дел, датирана во 1853 година. Сигнатурите се пишувани на грчки.
Опусот на Анастас, кој е татко на Коста, Вангел и Никола, (исто така плодни зографи) е импозантен и се следи преку делата во манастирот Трескавец 1847, с. Ресава 1845-1847, с. Гарниково, 1847, село Ума 1862-1863.
Најзначаен дел на оваа збирка се иконите на
Димитар Крстев - Дичо од Тресонче, зограф кој одбележа една епоха. Од неговиот импозантен опус, во поставката се изложени икони што потекнуваат од црквите во с. Волковија (сл. 12) и Тетово. Станува збор главно за престолни икони и зa неколку икони од мал формат и царски двери, кои настанале меѓу 1855 - 1861 година. Делата се работени под силно влијание на италокритскиот манир со „барокни“ елементи прифатени како украс и еден вид реалистичко моделирање на инкарнатот на светителските ликови. Додека на почетокот е присутен графицизам со површинско третирање на облеката, кон крајот на четириесеттите години на XIX век творечката зрелост на Дичо ќе еволуира со впечатлив стилско-уметнички израз, со тонска моделација и сложена технологија во примената на повеќе техники. Боите што ги користи се чисти, јаки, често комплементарни и секогаш контрастни, а тука е и обилното користење на златото. По углед на своите претходници и современици, малите формати, како што се празничните икони, ги исполнувал со мноштво фигури, впечатлива архитектура и пејзаж во заднината.
На иконите се забележува стилска хетерогеност во застапените елементи од повеќе уметнички епохи и стилови на Византија, маниризмот, барокот, дури и на реализмот. Иконата Св. Симеон Столпник (сл. 10) најверојатно настанала во време кога е сликана серијата икони за иконостасот на соборниот храм Света Троица во Врање (1859).
Зографот се потпишал на иконите Архангел Михаил и Св. великомаченик Мина Египетски (сл. 11), датирана во 1855 година. Иконата Богородица со дете од типот Одигитрија (Патоводителка) во долниот дел е иконографски дополнета со уште четири светителски допојасја на св. Спиридон, св.Петка, св. Стилијан и св. Никола. Менолошката икона со тројца светители, Софрониј, патријарх Ерусалимски, Архангел Михаил и св. Стефан, крал Дечански (сл. 13), говори за богатата сликарска ерудиција на овој исклучителен уметник. Три престолни икони, дела на неидентификуван зограф, потекнуваат од иконостасот на црквата Св. Богородица во с. Беловиште, и не се сликани со ист квалитет. Забележана е само годината на нивното создавање, во 1863, врз ореолот на св.Никола. Се издвојува ликот на Исус Христос (сл.14), кој изгледа е работен според предлошката на иконата Исус Христос од Бигорскиот манастир, од крајот на XVIII век.
Уште две икони од колекцијата заслужуваат внимание поради нивната тематско-иконографска и стилска вредност. Иконата Богородица Умиление со дете на нејзината десна рака е датирана во 1857 година (сл. 15). Од горната страна на Богородица се поставени допојасја на тројца јереи: Василиј, Јован Златоуст и Григориј, лево од неа е еден од најпопуларните српски светители, св. крал Стефан Дечански, чиј култ од династички светител преку нов мартир континуирано траел низ целиот XIX век, десно е св. Трифун, кој, исто така, се поврзув со династијата Немањиќ, додека долу се допојасјата на светителките Варвара, Параскева и Екатерина.
Иконата Св. великомаченик Ѓорѓи и Алимпиј Столпник (сл. 16) е датирана во 1863 година и претставува навидум невообичаен идејно-тематски склоп, чие поврзување има оправданост во заедничкото прославување на двајцата светители на 26 ноември/9 декември (со св. Стилијан).
Јосиф Радев Мажовски од Лазарополе (1830-1910) е автор на четири икони од мал формат (сл.17-18), кои потекнуваат од празничниот ред на иконостасот од црквата во с. Вратница. Зографот се потпишал на иконата Благовештение. Јосиф потекнува од семејство во кое татко му Радул Кузманов Мажовски и браќата Јаков и Исаија се занимавале со зографство. Делата на Јосиф не поседуваат уметнички квалитети, но занаетчиски се поткрепени со добро познавање на технологијата и иконографијата преземени најверојатно од ерминиите што ги користел Дичо зограф.
Омилената тема на зографите од XIX век била Богородица од типот Одигитрија, со епитет Елеуса, често во придружба на други светители. Така, на иконата од Тетово, Богородица Всецарица Небесна е насликана како ја крунисуваат архангелите Михаил и Гаврил, лево и десно се св. Никола и св. Јован Пртеча во став на моление, а во фризот во долниот дел на иконата се насликани допојасја на св. Георги, св. Константин и Елена и св. Димитриј. Сигнатурите се пишувани на грчки јазик.
Иконата Богородица Одигитрија, со епитет Умилителна од Тетово (сл. 19), има традиционална иконографија на која се забележува еден карактеристичен детаљ - развиен свиток во скутот на малиот Христос, посебно користен од познатите самоковски зографи (Самоков, Бугарија).
На иконата Богородица „Несвенлива роза“ (сл.20), чиј автор е
руски зограф, кој работи во ерусалимска работилница, допојасната Богородица е насликана како царица, а Христос дете во цел раст, облечен во царски дивитисион со сфера во десната и жезол во левата рака. Оваа иконографска предлошка ќе биде мошне омилена кај современиците. На иконата Богородица Одигитрија, со епитет Елеуса, која е веројатно грчки импорт, освен крунисувањето на Богородица од архангелите Михаил и Гаврил, се насликани уште св. Василиј од левата и св. Јован Крстител Кефалофорос од десната страна. Долните агли се исполнети со коњанички фигури на св. Ѓорѓи, кој ја убива ламјата и на св. Димитриј, кој го прободува кралот Калојан, а меѓу нив е насликана стоечка фигура на св. Елефтериј, епископ на Илирик. Сигнатурите се пишувани на грчки јазик.
Во групаата икони на Богородица со дете е вклучено и едно потпишано и датирано дело на Аврам Дичов на кое се насликани апостолите Петар и Павле лево и десно од Богородица, а во долните агли св. Ѓорѓи и св.Никола (сл. 21).
Четири икони со мал формат од црквата на Богородица во Лешочкиот манастир (сл. 22) немаат потпис на авторот, но со сигурност се атрибуирани на Михаил Ѓурчинов, зограф од Галичник. Михаил е автор на помладото ѕидно сликарство и на иконите од оваа црква, каде што го потврдил авторството со потпис и со годината на изработка, во 1879.11 Изградениот стил и познавањето на иконографијата и сликарската постапка се на завидно ниво и лесно препознатливи. Доследен е и во испишувањето на црковно-словенските натписи.
Од познатите имиња на зографи што потекнуваат од Галичкик свое место има и Константин Јаков (Бундовски), потпишан дури на две икони на специфичен начин. Иконата Апостол Тома е композициски осмислена со центриран медалјон во кој е сместена полуфигурата Света Троица над него и со четири сцени од неговиот живот во долниот фриз: 1. Св. Тома прима (сребро) и злато од индискиот (цар) Гундафор. 2. Св. Тома им го разделува златото и среброто на сиромашните. 3. Св. Тома го затвораат во зандана. 4. Св. Тома ги крштева царот и неговиот брат.
Приложничката порака со потписот (иницијалите) на зографот гласи: „Оваа икона ја приложи
православниот еснаф мајсторски и дограмаџиски: за душевно им и телесно здравје, година 1886, месец февруари 14. Од раката на К(онстантин) Јак(ов) од Г(аличник)“. На малата икона Крштевање (сл. 23), лапидарниот натпис е дополнет со годината 1884.
На уште еден галичанец по име Евгениј Поп Кузманов може да се следи зографската активност во црквите во западниот дел на Македонија. Двете негови потпишани дела, Св. Илија од 1887 година (сл. 24) и Раѓањето на св. Јован Претеча од 1888 година се работени под силно влијание на Дичо и неговите современици. Во сликарската постапка користи злато, а во натписите црковно-словенски јазик.
Во Галеријата се изложени повеќе икони што потекнуваат од Ерусалим. Биле донесени за тетовските цркви Св. Никола и Св. Богородица од поклониците што се враќале од посета на Светиот Гроб. Нивните имиња често се споменуваат во дарителските натписи. Станува збор за петнаесет икони создадени во периодот од 1877 до 1886 година. Некои од нив се потпишани од авторите Николај Јосиф, Константин Апостолович и Георги Авраамович, зографи со руско потекло, кои најверојатно работеле во иста иконописна работилница. Иконите се препознаваат по типична иконографија и добрата занаетчиска изработка, сликани на златна заднина со врежана квадратна мрежа од цветен мотив на камилица, застапена на повеќето од нив. Успението на Богородица (сл.25) од таа група икони има необичен правоаголен формат и сведена иконографија без присуство на апостолите. Кусиот приложнички текст гласи: „Димитри Ата(насов) поклоник на Светиот Гроб 1879“. На престолната икона Богородица Иверска (сл. 26) или Портаитиса, наречена и Чудотворка (чиј прототип од X век се чува во рускиот манастир Ивирон на Света Гора), се забележува лузна на десниот образ од која капе крв, иконографски детаљ кој е врзан со вистински настан. На долниот раб е запишан кус дарителски текст: „Подарува раб божји Михаил, син на Те(одор), 1885“. Нејзиниот пандан, иконата на Исус Христос (сл. 27), има поопширен дарителски натпис: „Оваа икона е насликана во светиот град Ерусалим: уметници - Константин Апостолович и Георги Авраамович, 1886. Поклоник Серафим Мило Станчевич“.
Се претпоставува дека од иста работилница со руско потекло произлегле и иконите Успението на Богородица и Вознесението на св. Илија (сл. 28) на што укажува сликарската постапка во обликувањето на диплите со лазурни бои и начинот на сликањето на ликовите.
Во XIX век е мошне присутна техниката на асист (assist) во оформувањето на златни флорални мотиви врз облеката, застапена на иконите Св. Трифун (сл. 29) и Св. Спиридон, што ја поткрепува претпоставката за нивното можно потекло од иста работрилница.
Јаков Р. Мажовски од Лазарополе (1835-1920) е застапен со најголем број икони, кои потекнуваат од иконостасот на црквата Св. Теодор Тирон во с. Јанчиште (сл. 30), Лешок и Вратница. Јаков е брат на Јосиф и Исаија од познатото лазарополско зографско семејство. Иконите се сликани во 1897 година и на нив се забележува опаѓање на уметничките квалитети, поради што претставуваат интересен ликовен материјал за следење на развојот на сликарските тенденции во црковната уметност во Македонија.
Кај последните иконописци од крајот на XIX и првите децении на XX век се јавува замор и шаблонизирање на ликовите, што добро се забележува на групата икони што произлегле од една лазарополска работилница. Автори на иконите се Крсто и Константин Николиќ и Русалим Крстиќ од Лазарополе, чии имиња се врежани на долната бордура од иконата Исус Христос (сл. 31). Под превезот на традиционализмот се забележува суво и безживотно сликарство.
Оваа интересна колекција на икони ја заокружуваат дела на еден од најзначајните сликарски имиња во македонската уметност, Димитрија Андонов Папрадишки (1859-1954). Кон крајот на XIX век Д. А. Папрадишки направи историски пресврт во ликовната уметност, поврзувајќи ги последните импулси од религиозното сликарство со првите никулци на профаната уметност. Овој плоден сликар, кој е роден во велешкото село Папрадиште, во 1884/85 година заврши Уметничка иконографска школа во Киев. Со неговата појава почнува процесот на бавно запоставување на естетиката на традиционалното византиско и поствизантиско сликарство и „европеизирање“ на црковната уметност во сé уште конзервативните црковни средини. Реалистичкиот портрет на игуменот Езекиил (сл. 32) настанал како резултат на визуелното искуство на уметникот и фотографијата, како работна предлошка. Со исти стилско-ликовни разбирања е сликана и иконата Св.Јоаким Осоговски (сл. 109).
Меѓу делата на неидентификувани зографи од првата половина на XIX век во поставката се наоѓа и еден диптих со претставите Распетие Христово на едната и Воскресение Христово на другатаикона (сл.33). Дрвените носачи на иконите, кои се мали по димензија и обработени со ковчежец, се поврзани со две метални алки. Диптисите имале портативна богослужбена улога. Композициите се сликани на златна заднина, а годината на изработката, 1847, е запишана на Распетието. Натписите се црковно-словенски.
