За Тодор Геров и неговите тетовски приказни



Многу Тетовчани го сакале Тетоо, но ретко кој што зад себе оставил историски запис и книга за градот.

Има многу стари книги напишани за Тетово, ама не од Тетовчани.

Меѓу првите Тетовчани што напишале книга за историјата на свое Тетово, е Тодор Геров, кој во Софија 1934 ја објавува книгата ‘При Шар’. Тој бил Тетовчанец кој се иселил во Бугарија, таму ја објавил книгата и таму и починал – ама неможете да верувате со каква страст и слаткоречивост тој опишува настани од тетовското минато. Меѓу другото, во книгата има и стари тетовски песни, прекари, но и приказни за интересни случки од секојдневниот живот.

Внатре има многу за тетовската историја и исечоци од секојдневниот живот. Една таква кратка вистинита приказна одбрав за вас - за тетовскиот чорбаџија ‘Аџи Серафиљ’, која овде ја преведувам зошто оригиналот е на бугарски (обрнете внимание со каков мерак Геров раскажуе):

‘‘Аџи Серафиљ. Тип на тетовски чорбаџија! Куќата му беше, се разбира на главната улица: висока тешка порта, обкована на крст со големи железни пулови, а на едната од нив во среде, виси железно чукче. Пред вратата од двете страни два бинека за седење. Лете, штом вечерта сонцето ќе је прекрши жештината, излага он со скемле, и седнува пред отворените врати ‘на ладовина’. Јаката му е раскопчана, ракавите на свилениот минтан – завиткани, а нозете – без чорапи, обуени во чевли ‘пајтонбичимлии’, над кои што лежат развиорено везени тозлуци.

Зарем треба да му се опишува лицето и фигурата? – Како секој чорбаџија: најсефте беше црвен во лицето, со дебел врат и голем бел мустак. Другото и не е важно.

Ја тегли аџијата броеницата спокојно, и спокојно ги брои мунистрите. Еве и луѓето почнуваат да се враќаат од работа: кој од чаршија со тефтер под мишка, кој од полeто со мотика на рамо, или некој, уморен од тешкиот занает – со опуштени празни раце. И сите, очите ги редат на аџијата и смирено го поздравуваат со ‘добро вечер’.

- дал бог добро, одговара со повисок глас тој кога ќе помине некој подобар трговец, ама како да се подискашлува по него.

Сосем тивко, иако враќаше на поздравот на занаетчиската класа, тој само си потклатуваше со главата во знак на одобрување. А кога минуваше некој сиромав измачен од полска работа, дрипав, бос и со торбана на рамо, тогаш аџијата не ни погледнуваше кон него, туку си продолжуваше со работата – или да си тупка од колено со раката, или да си го чисти цигарето со сламка. Бедникот ќе погледнеше уплашено кон него, ќе промрмореше нешто недочуено и си одминуваше без да биде удостоен со одговор.

Еднаш еден сиромав, под влијание на некаква лична нетрпеливост, подвикнал посилно: - добро вечер – аџијо!

- ‘‘Ајде, ајде, врви си по путот ! Не је за свекого таја работа’’, одговорил срдито аџи Серо и од лутина се иссекнал на земја. ’’


Така завршува кратката приказна.
На тетовски аџија свекој клошар неможел здраво да му рече. Јаааа

Кога првпат ја напишав приказнава, се јавија неговите потомци, правнуци од семејството Грнчаровски... Велат они имале таков прадедо Аџи Серафиљ со таков табиет и бш со дуќан у Доуна Чаршија кај денешен Комуна Проект. Рекоја и слика ќе ми дада а ја чекам да го видиме ликот на овој аџија.

За крај да се навратам на собирачот на овие приказни.... Длабока почит и Аферим за Тетовчанецот Тодор Геров, прв од Тетоо што со љубов напишал книга за Тетоо, а заборавен од самите Тетовчани...

(с) Дарко Гавровски, 2009