Тетово во новo-обjавени документи на ЦИА (1945-1995)

posted Jan 26, 2017, 9:12 AM by Darko Gavrovski   [ updated Jan 26, 2017, 3:05 PM ]
~ 26.01.2017 ~ ЦИА со документи за Тетово (1945-1995). Агентите на ЦИА со интерес за тетовска касарна, тетовскиот воен аеродром, стопанството, волнарскиот комбинат и албанското прашање. Во детали до тоа какви видови крави има на Земјоделскиот институт во Тетово и колку е широчината на патиштата...

Статистика:

Вкупен број и релевантност

  • Вкупно документи во кои се споменува Тетово = 89 
  • Историски релевантни = 65
  • Историски нерелевантни = 24
    Почетни и крајни документи
    • Најстар документ = 02.11.1945 
    • Најнов документ = 21.12.1995 

    Јазик

    • англиски = 88 
    • француски = 1
    Број на док. по декади (од 65 релевантни)
    • 1940-ти = 11
    • 1950-ти = 45
    • 1960-ти = 2 
    • 1970-ти = 3 
    • 1980-ти = 1
    • 1990-ти = 3
    Најмногу во една година
    • 1951 = 16 
    • 1950 = 15
    Околу 13.милиони страници на нови декласифицирани и претходно заведени како ‘Врвна Тајна’ и никогаш не објавени документи од ЦИА (Централната Разузнавачка служба на САД) беа пред 1 месец објавени на интернет. Тие го опфаќаат периодот од 1940 до 1995.

    Во нив има илјадници документи за Македонија и Југославија, но јас заради темата на страницата се потрудив да истражам што е пишувано за Тетово. Што шпионите во тоа време исвестувале за Тетово и што како информација за Тетово стигало до Вашингтон.

    Јас се потрудив да ги исчитам сите за да неморате вие, и овде ви давам целосен пресек.

    Овие документи се вреден историски извор, за сите истражувачи на периодот од 2.светска војна до 1995. Сите документи можат да се погледнат на интернет страницата на ЦИА: https://www.cia.gov/library/readingroom/

    При претрага, Тетово се споменува во точно 89 документи, од кој најмалите се на 1 страница а најголемите на 700 страници. За вас ги прелистав сите и подолу за прв пат ви давам анализа што се од Тетово било од интерес за Вашингтон.

    Во овие 89 документи во кои се споменува наше Тетово (има 101 но другите се за градчето со исто име во Бугарија), дури 65 се со историско значење и може да се извлече релевантен податок. Останатите 24 се општи документи за Југославија или Македонија во кои Тетово само се попатно се споменува (пример: при набројување градови, научни анализи за географија и сл.).

    Најстариот документ кој се однесува на Тетово е од 02.11.1945 (испратено од Лондон за Вашингтон, во кој се споменуваат на 26 страни шпиони од Балканот и кодирани имиња и меѓу нив, на стр.11, дека за соработник се понудил тогашниот Тетовски Муфтија !) СЛИКА 1 ДЕСНО. 

    Најновиот документ е од 21.12.1995 (каде во погoлем извештај за кризата во бивша ЈУ, се споменува проблемот со тензиите околу тетовскиот универзитет).

    Што содржат овие 65 документи за Тетово, од кои најголем дел се од 1940-тите и 1950-тите?

    Воени информации

    Најголем дел од нив се она што навистина ЦИА ја интересирало а тоа се шпионски информации за воени информации и распоред на воската. Најчесто се тоа цели списоци од над 10-тина страни за распоред на војската низ цела Југославија па се споменува накратко што има и во Тетово. По датум на извештајот:

    17.10.1947 – Во Тетово е стационирана 2-рата тенковска дивизија со 11 моторизирана бригада,

    07.11.1947 – дека 2-рата оклопна дивизија има 1 бригада и во Тетово 

    08.04.1948 – дека Тетово е во 5-тата Армиска Област со стационирана 5-та Оклопна Бригада

    18.10.1948 – во детална листа што содржи 5-тиот Армиски Корпус, стои дека во тетово е стационирана 32-та Тенковска Бригада

    17.03.1949 – во ургентна дојава стои дека Војската има 27 магацини за оружје вкопано на двете страни на Шара кон крајот на 1948. Некои од нив се околу 8 тетовски планински села. 

    17.11.1950 - 13.окт 1950 специјален батаљон на Југословенската војска пристигна во Тетoво и започна реквизиција на домови за трупите и офицерите. Околу 1000 се очекува да пристигнат од Сараево.

    31.01.1951 – Распоред на 42.дивизија (од Тетово во Охрид) со седиште во Кичево. Во Тетово има 45 луѓе со претпоставен Живко Лечовски 

    14.02.1951 – Еден од ретките документи кој се однесува само за Тетово. На 2 стр има детална информација и опис на касарната во Тетово каде бил сместен 87.пешадиски полк на чело со словенечкиот Мајор Фердо Толар. Следи листа колку пушки имаат, колку телефони, радио станици и др. Покрај тоа има и една Тенковска единица со 15 тенкови од советско и германско производство. - СЛИКА 2 ДЕСНО

    20.12.1951 – 96.внатрешен батаљон на КНОЈ е со седиште во Гостивар и има 3 оддели, од кои 1 во Тетово.

    01.12.1970 - На 65 страни извештај за Југословенската Војска по градови. На стр.52 е описот на Касарната во Тетово (обезбедена, 4 бараки во форма на Т, 3 гаражи, 2 придружни згради, 20 возила од еден вид (пречкртано кои) и 40 возила од друг вид (пречкртано кои) - СЛИКА 3 ДЕСНО

    01.07.1983 – Во листа на фотографии на 700 стр од воени инсталации од цел свет, стои во списокот опис на фотографија и од Тетово со наслов Тетovo Ammunition Depot East Construction (Магацин за Оружје во Тетово). За жал објавена е само листата на фотографии но не и самата фотографија.

    Тетовскиот Аеродром

    Голем интерес агентите на ЦИА покажале и за тогашниот Тетовски  АЕРОДРОМ. Се работи за Аеродромот кај Жеровјане јужно од Тетово, кој постарите Тетовчани во 1960-тите и 1970-тите го памтат како спортски Аеродром на Аеро клубот во Тетово.

    Се наведува дека е завршен пролетта 1948 на барање на Советите. Тој во 1940-тите и 1950-тите се споемнува во овие документи како Најмодерен Воен Аеродром на Балканот. Бил 2500 м долг и 150 м широк, на 8 км јужно од Тетово на левата страна од патот кон Гостивар. Најверојатно неговата важност опаѓа после информбирото и повлекување на Советите, што зборува зошто се споменува само од 1948 до 1951.

    Заради тоа што ова е интересно и досега не опишано прашање деновиве ќе пуштам посебен текст само за темата Тетовскиот Аеродром во документите на ЦИА.

    Инфраструктура и Администрација

    Агентите известуваат за градење на новата железничка пруга Скопје-Тетово-Гостивар. Тоа всушност е замена на старата теснолинејка (градена уште од  1916) со нова стандарна поширока пруга. Дека оваа изградба е во тек кратко информираат во докуемнтите од 04.04.1949, 17.01.1951 и 10.01.1952. Во извештајот од 27.10.1950 пишува дека тогашната (стара) пруга е со ширина 600 мм и дека во Тетово има Станица со водна пумпа. Спред извештајот од 31.05.1951 стои дека делот од Скопје до Радуша бил завршен 1950, а сега се гради од Радуша до Тетово  при што ќе има 3 тунели во вкупна должина од 567 м. Инаку, новата пруга е пуштена 1952.

    Се известува и за електрификацијата на Југославија, при што за Тетово стои дека во Македонија пред војната само 10-тина села околу Тетово и Скопје биле осветлени а сега многу повеќе (извештај 07.07.1949); дека во 1949 електричната линија Тетово-Гостивар-Вруток е завршена, а сега е завршена и Тетово-радуша со линија од 35.000 волти (извештај: 08.03.1950). При анализа на електрификацијата на цела Македонија, наведува дека меѓу другите градови базна трафостаница има и во Тетово (извештај: 22.05.1950)

    Уште во неколку документи кои ја опишуваат инфраструктурата во Југославија накратко е посочено за Тетово дека: има мост на кај Вардар со челична конструкција 80м долг и 6 м широк, и капацитет од 70 тони (10.12.1950); дека патот од скопје до Тетово е солиден со ширина од 6-10 м (21.12.1950); или дека 1950 е изграден патот Тетово-Качаник (08.03.1951)

    Известувања има и за административни прашања. На 12.11.1952 известуваат за изборите за Народното Собрабие на Македонија од 03.дек 1950, каде пишуваат: ГРАД Тетово - 13341 гласач, гласале 11410 од кои 11217 за Народниот Фронт (СРЕЗ Тетово 35733 гласачи од кои гласале 30909 од нив 30707 за НФ). Во документ од 01.01.1957 известуваат за Административна поделба од 22.јун.1955 при што нагласуваат дека Тетовски срез има: Незејоделско население 23,8%, а неземјоделски приходи 58,3%.

    Агентите известуваат во огромни извештаи и за Здравството во Југославија. При тоа Тетово се споменува: дека имало епидемија на Catarrhal Ophthalmia (коњуктивитис) во 1946-47 (извешетај 05.05.1950). Во листа на доктори низ Југолсвија во Тетово ги наведува Др. Фиданчо (без презимето) и Др. Џафер Елбасани (извештај 21.09.1950). Во Скопје има Македонска Медицинска Асоцијација формирана 1946 со 220 членови со подружници во 8 града меѓу кои и Тетово (извештај 23.04.1952). Во јуни и јули 1952 бил организиран тим од 7 различни доктори и 40 асистенти од Скопје кои 2 месеци оделе на терен на здравствени прегледи низ Тетовските Села (извештај 24.02.1953)

    Стопанство

    Вашингтон се интересирал за сите аспекти на живот, а особено стопанството на Југославија. Во детални извештаи Тетово се споменува неколку пати: За видот на стока (црвени украински говеда) кои се одгледувале на Земјоделско-Технолошкиот Институт во Тетово (извештај 21.11.1950 и 15.06.1951). Во детална анализа каков вид храна се произведува во Југославија по градови, во делот за ‘Јаболки’ наведено е дека се одгледува во околината на Тетово (изв. 16.11.1953). 
    Има детален извештај и што работи и што градела градежната компанија ‘Бетон‘ при што се напоменува дека има подружници во 5 града меѓу кои и Тетово (изв. 29.04.1953) и дека оваа компанија го градела Волнарскиот Комбинат во Тетово (изв. 24.01.1951).

    Волнарскиот Комбинат во Тетово

    Најголемиот дел на информации од стопанството во Тетово се за градбата на Волнарскиот Комбинат во Тетово (подоцна преименуван во ТЕТЕКС) во дури 14 документи. Инаку Тетекс е пуштен свечено во употреба на 25.мај 1951 (известува на 02.07.1951). Најчесто ова се извештаи од дневни весници преведени на англиски за да може да ги користи ЦИА.

    Дека е започнат да се гради уште во 1949 пишува во извештаите од 10.03.1950 (на 15,5 хектари) и 10.08.1950. Потоа има многу известувања дека е во тек градба на таков комбинат (03.02.1950, 03.05.1950, 03.08.1950, 23.02.1951).
    Инсталирана е предилница со 11.000 преѓи, а ќе почне пробно во март 1951 со капацитет од 7000 кг преѓа (извештај 03.04.1951 и 28.05.1951). Дојдени се експерти од Словенија и Хрватска  а ќе има 2000 вработени за кои се градат 6 стамбени згради со по 18 стана. Очекувано 500 тона текстивл во 1951 и 2000 тона во 1952 (извештај 11.07.1951). На 08.мај 1951 започна експериментално производство а комплетирана ќе има 10.000 преѓи на 24 машини (извештај: 20.07.1951)

    Во планот за развој на Југославија од 1953, наведено е дека за Тетово се планира Текстилниот Комбинат да произведе до крај на 1954: 1900 тони памучна преѓа и 30 милиони М2 ткаенина (извештај: 09.06.1953)

    Албанското малцинство

    Неочекувано за Тетово, оваа тема е многу слабо застапена во известувањата до Вашингтон и само како напомена во детални анализи на ниво на Југославија.

    Најраните документи за оваа тема се за Про-Титови избеглици кои пребегале од Албанија: дека дел од нив прво биле населени во Сараево, па живееле и работеле под заштита на државата во Тетово, за потоа да бидат префрлени во Белград (извештај 05.07.1951). Ова е потврдено и во извештајот од 03.06.1952.
    Од друга страна известуваат и за Анти-Титови инфилтрации од Албанија во Југославија, при што тимот на Bajram Dobrodolli бил инфилтриран од Пешкопеја за реоните на Челопек и Добридол (извештај: 28.09.1950).

    Иако очекував да најдам документ околу најтензичната ситуација во Тетово во овој период - Албанските демонстрации од 1968 - таков документ нема. Единствено во една анализа (од 07.02.1969) за кризата во 1968 на Косово, кратко се наведува дека таа се прелила и во Тетово со Демонстрации во кои главно барање било присоединување на Тетово кон Косово. Истото само накратко се потврдува во една пообемна анализа многу години подоцна од 01.05.1979 (наведувајќи дека демонстрациите во тетово биле на 28.декември 1968).

    Дури многу подоцна (во последните документи од 1995) повторно и пак накратко се известува за ова албанското малцинство (како што е наведено во документите), а се однесува на посочување дека во Македонија има опасност од тензии околу Универзитетот во Тетово (извештај за улогата на УНПРОФОР од 08.03.1995 и друг од 21.12.1995)


    Последниот, всушност е и најнов документ од овие новообјавени на ЦИА а се споменува Тетово... во исчекување на нови што допрва ќе се објавуваат...



    При цитирање на текстов да се наведе извор: Дарко Гавровски / портал 'Тајните на Тетово' / gavro.com.mk
    Comments