Мистерија: исчезнатите слики од Старо Тетово !?

posted May 2, 2013, 6:51 AM by Darko Gavrovski   [ updated May 2, 2013, 6:51 AM ]
~ 29.03.2013  ~  Каде мистериозно исчезна најголемата колекција на слики од Стари Објекти од Тетово - која ја поседуваше заводот Комуна Проект ???

Најголемата мистерија за историографијата на Тетово - каде е огромната колекција на фотографии од стари градски објекти кои биле сликувани пред да се рушат и на нивно место да се градат нови.....  Колекцијата на КОМУНАПРОЕКТ

Погледни ја и сликата на дното на текстов

Овој проект го водел КОМУНА ПРОЕКТ, и во моето повеќегодишно досегашно истражување за Тетово, оваа информација беше на ниво на мит и шпекулација: ‘изгледа имало’ или немало таква колекција...

Сепак деновиве КОНЕЧНО најдов пишан Доказ: разлистувајќи стари броеви на Тетовскиот локален весник ПОЛОГ, најдов текст од 27.12.1973 кој е директен доказ дека КОМУНАПРОЕКТ (Завод за Урбанизам) започнала проект ‘со значителна сума на пари’ за правење ФОТОТЕКА .

Во таа фототека имало слики сликувани од работници на Комунапроект со задача да сликаат стари објекти пред рушење, но и собирање и откуп на слики од граѓани.

Таму убаво пишува дека 300 слики се сликани само во изминатата 1973 година !

 Јас веќе неколку месеци наназад трагам по гласините за оваа колекција, а сега имам и доказ дека таа постоела.

Во меѓувреме Комуна Проект е во 2012 купена од Еколог и останати се само 2 административни работници. На другите им заврши работниот однос. Сега имаат само една мала канцеларија на спрат во Новиот Трговски Центар.

Ги распрашав и сегашните и поранешните вработени: Виолета, Раде, Гиге Мабуз... На такви слики не се сеќаваат.

Сите ги споменуваат само оние големите на картон кои беа во ходниците на Комуна Проект.... но јас не мислам на тие неколку отпечатени за на ѕид (откупени од колекцијата на фотографот Томко Игоски)...

Ако во текстот подолу се гледа дека само во една единствена година (1973) се сликани 300 слики... Тогаш, ако овој прокт да траел и само неколку години - тоа значи дека се работи за 1000-дници слики на веќе исчезнати Стари Објекти !

Гиге Мабуз како домар од 1991 е категоричен дека таква колекција никогаш немало и дека првиот апарат за сликање (настаро од Панта) е купен дури по неговото вработување во 1991 (тој како домар бил задолжен за апаратот, а би бил и за сликите ако ги имало). Сите вработени во 1990-тите се категорични дека не затекнале таква колекција...

Сепак, во текстот подолу се гледа дека за оваа намена во 1973 ’е набавена ‘комплетна фотолабораторија за чија е одвоена знатна сума парични средства‘ !

Тогаш останува прашањето (читајќи го подолниот напис) каде исчезнале овие слики од 1973 до 1991 ???

Сигурен сум дека со време овој проект стагнирал, е оставен настрана,...  и при менувањето на позиции, пензионирање, или слично... завршиле во нечива приватна колекција, кај некој мераклија што мислел дека така ќе бидат позаштитени. Можеби знаејќи го пропаѓањето и раскрчмувањето на Комунапроект денес - тој ‘некој’ и навистина бил во право.... Во Комунапроект сигурно не останале по 1991.

Во наредниов период ќе напрвам интервју со сите пензионирани и најстари вработени во Комунапрект. Во тоа истражување би сакал да најдам кој бил задолжен за проектот ФОТОТЕКА на Тетово.

Во текстот подолу се вели: ‘задолжена група на работници’. Значи не е 1 задолжен. ќе откријам кој бил во таа група... ако е некој од нив денес жив (вработен дури пред 40 години во 1973) - ќе можеме да ги најдеме...

Ќе биде круна на целиот тој труд - да ги вратиме тие слики на Тетово и да ги преставиме пред јавноста.

Прочитај на исечокот десно доказ дека таква колекција постоела.

Полог, 27.12.1973

 


Comments