Тихомир Крстовски (01.10.1914 - 29.12.1999) или меѓу тетовчани знаен по прекарот Томе Голубар, а со ко се гордееше, е човекот кој целиот свој живот го посвети на собирање на тетовските народни песни, и ретко кој тетовчанец има за својот живот оставено дури 6 книги посветени на својот град. Сепак, до денеска, не постоеше ниту еден извор каде што можеше да се прочита повеќе за него. Затоа си зедов за задача и го посетив неговиот син Борислав Крстовски и ги објавувам овде деталите од тоа интервју.
Најрани денови: Непроштено - Тетово - Белград
Далечните претци насемејтвото на Томе се по потекло од Призрен, но уште за време Турско, заедно со 25 други фамилии сите од родот Терзиини, заедно се населуваат во тетовското село Ѓермо, потоа во Сетоле за на крај најголемиот дел од овој род (меѓу кои и претците на Томе) да заврши во Непроштено.
Крајот на 19.век родителите на Томе се селат во Тетово (на ул. Јане Сандански на самиот пат пред денешно кафуле Имиџ), но зошто Бугарската власт решава да ја руши куќата за да ја отвори улицата Ј.Сандански, тие се враќаат назад во Непроштено. Тогаш на 01.10.1914 во Непроштено и се раѓа Тихомир (Томе) од мајка Ѓурѓана и татко Ацо.

Набргу потоа пак се населуваат во Тетово купувајќи 12 дуќани од турското семејство Топук на денешна ул. И.Р.Лола бр.132, каде што ќе
живее Томе, а денес живее неговиот син.
Набрзо потоа, таткото на Томе, Ацо, заминува на гурбет како фурнаџија во Белград каде имале куќа со дуќани на ул.Сараевска 2, и дуќани на Зелени Венац. Во Белград доаѓа и Томе за да учи и каде завршува приватно трговско училиште ‘Комерциум', каде по дипломирањето во 1932/33 се заинтетресирал за народните песни. Првите ги забележал кога овдешните сопственици на над 600 фурни се собирале со нивното здружение во неделите во хотел Славија во Белград, пеејќи народни песни.
Враќање во Тетово
Тоа што го натерало да се врати во тетово била љубовта. Прво се верил а по извесно време и оженил за Иванка која имала 16 години. Таа никако не сакала да се сели во Белград, што било причината Томе да се врати и да се насели конечно во Тетово. Со Иванка имале среќен живот а таа му родила 3 деца: Борислав (род. 1940), Магдалена (род. 1944) и Ацо (род. 1950).
Веднаш по војната, бил мобилизиран како постручен кадар да се вработи како службеник во Собранието на општина Тетово каде останал да работи се до својата пензија околу 1974.
Во Тетово бил познат по својата ведрина, речитост и желба за дружење. Бил член на пеачкото друштво при Здружението 'Иљо Антески Смок', каде дошле до идеја да оформат своја пеачка група.
Таа заедно со Душан Штица, Цветан и Томе Шикла во 1960-тите и 1970-тите имале група за фолклорни песни, наречена ‘Мокри Браќа’, а потоа истата група продолжува како трио со него и уште двајца негови братучеди.

Настапувале често на фолклорни смотри и пееле на радио Скопје.
Живот во Детроит и назад во Тетово
Во меѓувреме неговиот син Ацо заминува во Детроит, добива деца, но за жал набргу починува. Гледањето на внуците биле главна причина заедно со сопругата околу 1976. да се преселат во Детроит каде заедно живеат се до околу 1994/5 кога се враќаат назад во Тетово со сопругата која била веќе болна и изнемоштена, и која набргу починува во Тетово. Чичко Томе продолжува неуморно да работи и летото 1999. ја вади својата последна книга за своето страсно хоби 'Голубарството во Тетово', по кои дури го носел и прекарот Томе Голубар. Само неколку месеци потоа починува во тетово на 29.12.1999 година.
Библиографија - Неговите 6 книги
За време на својот живот, секогаш запишувал народни песни, одејќи често по тетовските села. Тие ги објавил во своите 4 книги, делумно во 5-тата заедно со други македонски печалбарски песни, а 6-тата книга била посветена на Голубарството во Тетово
- 1971-Крстовски, Ми долета ред голуби : народни песни од Тетовско; Одбор за прослава на 200 - годишницата од раѓањето на Кирил Пејчиновиќ - Тетоец: Центар за информирање и издавачка дејност "Полог"; Тетово. 118 с. (во која има 79 тетовски песни).
1978-Крстовски, И ти дејче надеај се; Тетово : 118 с. (со 77 тетовски песни);
- 1982-Крстовски, Распукала Шар Планина : [изворни народни песни од Тетово и Тетовско]; Тетово : 94 с. (со 65 тетовски песни);
- 1985-Крстовски, Пукна пушка горе Балтепе; Тетово : 102 с. (со 64 тетовски песни).
- 1995-Крстовски, Македонски Печалбари-Патриоти; тетово : 112 с. (во која има 50-тина песни собрани од печалбарите во Детроит, и од други краеви од Македонија, а дел препечатени тетовски песни од неговите претходни збирки).
- 1999-Крстовски, Гулабарството во Тетово; Тетово : 23 с. (за хобито Голубарство)
![]() |