Интервју: Гојко Ефтоски - тетовски новинар

posted Feb 14, 2017, 7:04 AM by Darko Gavrovski   [ updated Feb 14, 2017, 2:04 PM ]
~ 14.02.2017 ~ Интервју со Ефтоски, еден од доајените на тетовското новинарство, дописник од Тетово на многу весници, основач на локалниот Весник ПОЛОГ, и автор на повеќе книги за Тетово. 
Иако цел живот правел интервјуа и репортажи, сега од мене за прв пат и тој е во позиција да биде интервјуиран, зошто го има задолжено Тетово со својот долгогодишен труд... и годинава со ЈУБИЛЕЈ од 50 ГОДИНИ НОВИНАРСКИ СТАЖ !!!


На 14.02.2017 го имав првото интервју кој некој го прави со господин Гојко Ефтоски - човекот кој секогаш другого интервјуираше и правеше репортажи како Тетовски Новинар. Тоа е човекот кој по многу нешта го има задолжено Тетово... дописник од Тетово, основач, уредник, директор на локалниот весник ПОЛОГ, автор на книги за Тетово...
Еве што Ефтоски сподели за нашиот Портал, како одредници од неговиот живот:
Роден на 13.09.1941 во Врапчиште по што се населува во Тетово каде цел живот работи и живее. Негова сопруга е Бранка, деца: Јелица (1963-) и Сашо (1965-2001).

Покрај бројните општествени функции на кои бил, тој најактивно се занимава со новинарство. Годинава празнува 50 години новинарски стаж, започнувајќи уште 1967 како дописнинк на вечер па се до ден денес !

Во 1967 избран на огласот за дописник од Тетово на весникот ’Вечер’ каде останува цели 34 години се до 2001. Дописник е и на други бројни весници (подолу цела листа).

Во 1969 заедно со Живко Стефановски се основачите на Локалниот Весник ПОЛОГ, како орган на Сојузот на Социјалисти на Тетово, кој потоа се обединува со Радио Тетово во 1971 во еден 'Центар за Информирање и Издавачка Дејност ’ПОЛОГ’ - Тетово'. Токму Ефтоски бил и Директор на овој центар од 1975 до 1983.

Во 1974 завршува и едногодишна школа на тогашниот престижен Југословенски Институт за Новинари во Белград, каде еден од неговите професори е и познатиот писател и новинар Момо Капор.

Автор е на 8 книги за Тетово (види подолу листа)

Значаен придонес има и во спортскиот живот со тоа што во 1980-тите е член на одборот на Одбојкарскиот Клуб Љуботен а во еден период и Претседател. Член на одбојкарскиот сојуз на Македонија и на Југославија (таму и член на претседателството).

Од 1999 до денес е редовен дописник од Тетово за Весникот 'Утрински Весник'.

На прашањето, на кои негови написи во кариерата е најповеќе горд, јасно одговара дека тоа се репортажите кои ги објавува во весниците, а се однесуваат на цели историски теми за историјата на Тетово (хоровите, школството, Лешок итн).

Ефтоски напоменува дека според неговата евиденција во целокиупниот негов дописнички стаж во овие 50 години (1967-2017) тој има објавено над 30.000 прилози. Според пресметките, ако тие се во просек текстови од половина страна тоа значи дека има објавено над 15.000 страници текст. На шега вели: тоа ’во превод’ би биле дури 150 романи од по 100 страни...

Негови идни планови, покрај ангажманот како дописник за ‘Утрински Весник’ и ‘Пензионер’ се и објавување на уште 3 книги со неговите новински написи за Војната 2001, Како и Неговите Новински Репортажи од Тетово, и новинските исечоци 'На минута со...' кое го објавуваше како дописник за Утрински.


Весникот и Издавачки Центар ПОЛОГ

Ефтоски ни раскажа за историјата на Издавачкиот Центар Полог (каде 7 години бил и Директор) и двата најважни делови на овој Ценар: Весникот Полог и Радио Тетово:

1967 во Работничкиот Униврзитет (стариот, на местото на денешниот ГТЦ во Тетово) се формира Радио Тетово со 15 ватна станица по иницијатива на Бране Штакле како орган на Работничкиот Универзитет

1967 – Го формираат заедно со Живко Стефановски весникот Полог каде он е Главен и Одговорен Уредник а Живко Директор, првин на Македонски и Албански јазик, еднаш месечно. 

1971 се спојуваат Полог и Радио Тетово во Центар за Информирање и Издавачка Дејност 'Полог' –Тетово – како орган на Социјалистички Сојуз на Општина Тетово

1975 излегува тројазично (сега и на Турски), а Центарот го превзема и водењето на Службениот весник на Општина Тетово. 

Седиштето на весникот е напрвин од 1967 во денешната зграда на денешното Биро за Социјални Работи во Тетово (ул.121), од каде 1971 им се придружува и радио Тетово префрлајќи се од Работнички Универзитет тука. Од 1976/7 Центарот се префрла во зградата на ул.Радован Цониќ (спроти Тетовскиот Музеј) каде останува до крајот.

Издавачкиот центар во чиј склоп е и Радиото и Весникот од 5-6 вработени на почетокот станува на 24 вработени до 1983. Издавачката дејност покрива издавање и на над 40 наслови на книги на различни автори од Македонија.

1973/4 - Ефтоски е иницијатор за формирање на ’Здружение на Локални радио Станици во Македонија’ кое функционира до 1990-тите.

Од 1975 до 1983  Директор на Центарот за издаваштво ’Полог’ е токму Гојко Ефтоски.

1975/6 – На Радио Тетово се воведува емисија на 4-ти јазик: Ромски – со што Радио Тетово влегува во историјата како Радио на кое прв пат во светот се слушнал Ромскиот јазик

Посебно горд е што за време на неговиот манадат како директор, во 1981 се отвора зградата на Радио Тетово на патот кон Брвеница опремена со предавател од 2 кв, со среднобранова антена, ултра кратки бранови, 2 студија (мало и големо), скривница, најсовремен агрегат за струја...

Се сеќава дека Радиото било толку рентабилно, особено со ‘поздрави и честитки’ што во одредени периоди само 10% од приходите биле од страна на општината и тоа можело да се самоодржува.

Дејноста на издавачкиот центар, весникот Полог и Радио Тетово трае до 1990-тите кога згаснуваат особено по Законот за приватизирање на локалните радио станици.

Ефтоски во својата кариера е тетовски дописник на:

  • Радио Гостивар 
  • Млад Борец 
  • Студентски Збор 
  • Компас (локален тетовски весник)
  • Монитор (локален тетовски весник)
  • Неколку ревијални весници во Македонија 
  • Борба (на сојузно ниво, во 1970-тите) 
  • Весник ’Фудбал’ 
  • Весник ’Спорт’
  • Од 1967 до 2001 - весник ’Вечер’ 
  • Од 1999 до денес – ’Утрински Весник’ 
  • 2003/2004 – Радио Детроит на Македонски Јазик во САД
  • Од 2011/12 до денес – весник ’Пензионер’ 

Книги на Ефтоски:

Ефтоски е самостоен автор или коавтор на неколку монографии и книги:

Биографија

  • 13.09.1941 – роден во Врапчиште Гостиварско по што се сели со семејството во Тетово. 
  • 1959 завршува учителска школа во Скопје. 
  • 1960-63 работи како стипендист на Тетовската Околија во Општина Жеровјане.
  • 1963-65 е на Виша Социјална Школа во Скопје
  • 1965 е на отслужување на воениот рок во Билеќа.
  • 1966 – Претседател на Оптштинскиот Комитет Тетово за ССМ (Сојуз на Социјалистичка Младина) а потоа и член на ССМ на ниво на Македонија и член на Сојузната Конференција на Социјалистичка Младина на Југославија.
  • 1967 – Го формираат заедно со Живко Стефановски весникот Полог
  • Од 1967 до 2001 дописник на Вечер
  • Во 1974 завршува ’Југословенскиот Институт за Новинари’ во Белград
  • 1983-1990 – на општесвени функции како Извршен секретар на СКМ и секретар на општинската конференција на ССРМ (Сојуз на слободните работни луѓе на Македонија)
  • Во 1980-тите член на одборот на Одбојкарскиот Клуб Љуботен а во еден период и Претседател. Член на одбојкарскиот сојуз на Македонија и на Југославија (таму и член на претседателството)
  • 1990 – до пензионирањето 1999 работи во Центарот за Социјална работа во Тетово
  • 2011-2015 Претседател на Собранието на Здружение на Пензионери –Тетово. Денес член на истото.


12.03.1981 - Ефтоски (во средина) 
со Лазар Мојсов (лево) и Јован Павлоски (десно)


11.11.2003 - Ефтоски (најдесно) 
на промоција во Музичко Училиште


Весник ПОЛОГ - историја

Локалниот Весник ПОЛОГ е локален тетовски весник кој излегувал со најдолг стаж цели 25 години - од 1967 до 1992 (последен број 643).

Еве ако бил насловен по броеви:

  • Од бр. 1 (1967) - Полог : орган на ССРН-Тетово / главен и одговорен уредник Живко Стефановски = Pollog : organ i LSPP-Tetovë / kryeredaktor dhe redaktor përgjegjes Zhivko Stefanovski
  • Од бр.11 (1968) - поднаслов: орган на општинските организации на ССРН Тетово и Гостивар
  • Од бр.41 (1970) гл.и одг.ур.: Гојко Ефтовски.
  • Од бр.52 (1971) - изл.одделно на алб.и макед.јаз.; период:неделно
  • Од јуни (1971) - повремено: Службен гласник на општина Тетово (на мак,и алб.јаз.со посебна нумерација).
  • Од јан.(1975) - Полог и на турски јаз. 
  • Бр.424 (1983) - гл.и одг.ур.: Живко Стефановски.
  • Од год.19,бр.500 (1986) - поднаслов: весник за општествено-политички и стопански прашања; гл.и одг.ур.: Магдалена Наумовска.
  • Од год.20,бр.510 (1986) - поднасл.:орган за општинските организации на ССРНМ Тетово и Гостивар.
  • Год.22,бр.603-604 (1989) - 45год.слободно Тетово.
  • Од год.22,бр.628 (1990) - без поднаслов.

Comments