ХУРЕМ виновна за постоење на Тетовското Теќе !?

posted May 2, 2013, 4:22 AM by Darko Gavrovski   [ updated May 2, 2013, 4:22 AM ]
~ 10.01.2013  ~  Ексклузивно и за прв пат објавено: Поврзаноста на основачот на Тетовското Теќе со царскиот двор на СУЛЕЈМАН ВЕЛИЧЕНСТВЕНИОТ.

Овде ексклузивно и за прв пат објавувам: Како е основано Тетовското бектешко Теќе, и се за неговиот основач и неговата поврзаност со царскиот двор на Сулејман Величенствениот (1520-1566)

Тетовското Теќе и Сулејман Величествениот, Хурем, Махидевран и Исмаил Паргали

Истражувајќи деновиве за историјата на познатото Тетовското Бекташко Теќе – Арабати баба Теќе или уште познато и како Серсем Али Теќе, дојдов до ексклузивни податоци досега непознати за пошироката јавност, а кој го става теќето во врска со историските ликови од мега-популарната турска серија која е во тек – Сулејман Величенствениот. Тие ликови имале врска со Тетово и ова Теќе. Еве како:

Оваа врска е спомената во турската википедија за одредницата Арабати Баба Теќе1), а со подлабоко истражување дојдов до повеќе детали кои ги има во една книга објавена пред само  2 месеци (на 29. Ноември 2012). Во оваа книга објавена во Англија а за Бектешката Архитектура и наследство од турскиот автор Zeynep Yurekli има детали токму за оваа врска на основачот на теќето со историските ликови од времето на Сулејман Величенствениот. 2)


Како е основано Тетовското Теќе

Бектешкиот ред е дел од Дервишката секта на Муслиманската Суфи Религија. Нејзин основач е Хаџи Бекташ Вели (околу 1209-1271). Негов најголем наследник бил Серсем Али кој дошол во Тетово и кој го основал Теќето (и околу кого се врти целата приказна за поврзаноста со сулејман Велеченствениот). По него Теќето е познато и ако Серсем Али Баба Теќе. Негов наследник во Тетовското Теќе и на Бектешкиот ред во Тетово бил Харабати Баба кој се смета за архитект и главен градител на Теќето кое е започнато во 1538, а главниот лик на Бектешки манастир го добива со градби околу турбето на  основачот Серсем Али кој починал во 1569 година.3)

Koга сме овде да напишам и што вели народната традиција од интервјуата кои ги правев со стари Тетовчани: како е одбрано местото за градење на Теќето? Основачот заклал 3 овци и ги поставил на 3 места во околината на Тетово со цел да види која од нив најспоро ќе скапе. Последна скапала онаа овца која била поставена на местото на денешното теќе, што покажувало дека тоа е најсвежо и најздраво место, со чист воздух од Шара, за туку да биде изградено и теќето....

Теќето постои и до денес, и може цела книга да се напише за него, но овде ќе се задржиме на неговиот основач – Серсем Али Баба.


Кој бил основачот Серсем Али?

Според историските податоци кои за прв пат ги објавуваме: Серсем Али бил всушност најпрвин Дворјанин на Царскиот Двор на цар Сулејман Величенствениот (1520-1566) во Истанбул.

Световното оргинално име му било Сервер Паша (а подоцна бил наречен со религиозното име Серсем Али) и бил роден брат на кралицата МАХИДЕВРАН и со тоа вујко на наследникот на тронот на Сулејман – принцот МУСТАФА (починат 1553). Според истиот извор тој бил по потекло Христијанин (Јаничар)

Сервер Паша бил со титула Везир (денешно: Министер) во владата на Големиот Везир (тоа денеска би било Премиер) – ИСМАИЛ ПАША ПАРГАЛИ (голем везир од 1523-1536)

Како што кажува историјата, тој еден ден му пристапил на Сулејман со зборовите дека сонил сон дека треба да стане Бекташ и да се посвети на религијата. Сулејман му одговорил: Ти сега си Везир, а сакаш да оставиш се и да се посветиш на религијата? Штом си глупав (по турски: Sersem) тогаш оди прави што сакаш. Οд таму потекнува и неговото подоцнежно верско име Серсем Али Баба (или Глупавиот Али Баба).

Според сите податоци со кои располагаме тој бил само една од жртвите на спорот помеѓу кралиците Махидеврам и Хурем, и големата желба на ХУРЕМ да исчисти се што и стои на патот, а особено сите трагови од влијанието на Махидевран. Во овој случај и нејзиниот брат требало да се отстрани.

Како што вели изворот: На барање на Сулејмановата жена ХУРЕМ, тој бил изгонет од Истанбул, најпрвин во градот во Егејска Македонија – Ениџе Вардар (Јаница). Потоа тој заминува од таму за Тетово каде го основа бектешкиот манастир – теќе.

Серсем Али сепак не бил заборавен од Сулејман, туку во 1521/22 Серсем Али бил назначен од Сулејман да го раководи и реотвори Бектешкото теќе во Истанбул, каде препородот на тоа теќе се гледа преку написите од 1553/54 па наваму.

Сепак, најголемиот дел од својот преостанат живот Серсем Али го поминал во Тетово, во теќето кој тој го основал. Во Тетово и починал во 1569 година, а неговиот гроб (турбе) и денеска е централно религиозно место во Тетовското Теќе.

Негов наследник по смртта бил Харабати Баба, кој дал голем белег во градење и проширување на теќето околу турбето на својот претходник, поради што денес ова теќе останало повеќе познато баш под неговото име Арабати Баба Теќе – Тетово, кое постои и до ден денес и е една од главните историски знаменитости на Тетово. За бектешкиот ред, историјатот на теќето до денешни денови... во некоја следна прилика. Овде сега за помалку познатите факти за основањето и Основачот на Теќето.

Велат во секое зло – има добро... Фаталната ХУРЕМ СУЛТАН да не го избркала Серсем Али од Истанбул... ние можеби денеска никогаш немаше да го имаме ова прекрасно историско здание во Тетово.

 

Извори:

1) http://tr.wikipedia.org/wiki/Harabati_Baba_Tekkesi

2)  http://www.bookpeeker.com/books/117631 

          3) http://www.balkantravellers.com/en/read/article/211

        Ова е авторорски заштитен текст на авторот на порталов Дарко Гавровски и секое преземање мора да биде со дозвола на авторот или со цитирање на изворот и името на порталов.

4) 


Comments