Фотографии: Пронајден загубениот Крст од 1941 за Тетовските Водици

posted May 2, 2013, 4:30 AM by Darko Gavrovski   [ updated May 2, 2013, 4:30 AM ]
~ 21.01.2013  ~  Ексклузивно: Фотографии и Историјат за крстот кој се загинал при последното фрлање во тетовска река во 1941, бил пронајден во 1971/72, а денес прв пат во историјата се преставува Јавно на медиум.

Ексклузивно и за прв пат, објавено пред пошироката јавност: ФОТОГРАФИИ и Историјат од Чесниот крст кој се фрлал при последното фрлање на крстот за Водици во река Пена во 1941 пронајден и преставен пред Тетовчани. Погледни ги фортографиите ВО ПОСЕБЕН АЛБУМ со линк на дното на странава.

  

Имав напис за историјатот каде се бил фрлан крстот за Водици во град Тетово (види текст: ОВДЕ), и емисијата за таа намена која ја направивме за ТВ КИСС.

Таму објаснувам дека крстот кој последен пат се фрлал во Река Пена во 1941 од мостот кај денешниот амам, и тој таа година не бил фатен, се загинал и по долгото трагање на фаќачите што било знак за голема несреќа. Навистина, по 3 месеци започнала 2. Светска војна, а крстот иако со обиди во 1950-тите (и без церемонии и литии) никогаш на овој начин во Река не бил фрлан за Водици.

Емисијата на која гостував со тема ‘Водици во Тетово’ ТВ КИСС имаше огромна гледаност, но најважно што токму заради таа емисија се јави гледач од Тетово со неверојатна сторија: дека Овој загубен Крст од ова последно фрлање во Река – всушност постои кај неговиот кум, по што договоривме средба.

Денеска, на 21.јануари 2013 имав средба со домаќините кои го чуваат крстот и неможев да дочекам со свои очи да го видам. За овој крст досега се знаело само во потесниот круг на пријатели и се знаело дека е од губење за Водици ама не било поврзано со оваа приказна за 1941. Домаќинот ми кажа дека досега и од МТВ и други медиуми порано барале да се сними крстот, но прв пат во историјата дозволува да го снимам јас, токму како благодарност за трудот за Тетово. За прв пат сега – го гледате и вие.

Детали и Историјат:

Крстот завршил во Тетовската македонска и православна фамилија ЈОВАНОВСКИ (личните имиња и надимакот изричито ме замолија да не го пишувам) кај кои завршил во 1971/72 година – дури 30 години откако е загинат во 1941. Еве како:

Нивната куќа на ул. Љубо Божиноски Пиш (кај Тетовчанка каде живеат и денес) е градена во 1967/68, но при едно реновирање дома во 1971/72 нарачале песок. Песокот им бил донесен со коњска кола од Реката Пена и со денови седел пред врата, па заради дожд го пренеле песокот во подрум. Дури кога го префрлале со кофи за да градат – се појавил, на нивно големо чудење.

Набрзо била нивната куќна слава, и на попот кој им крштевал вода му го покажале. Попот кој бил еден од постарите Тетовски попови, веднаш го препознал и потврдил дека се работи за крстот кој е загинат при фрлањето кај амамот за Водици.

Се понудиле да го вратат во црква, но попот им рекол дека тоа е нивна семејна среќа и дека мора кај нив да остане. Со една назнака: дека никогаш несмее надвор од куќа да излага тој крст. Им рекол дека тој е толку свет, што со него можат да крштеваат вода исто како поп да крштевал: ‘ставетего само во вода, и таа вода со овој крст ќе биде крстена’. Го оставиле само 40 дена во црква да седи за дас е реосвети. Оттогаш никогаш крстот не излегол од нивната куќа.

Крстот е сребрен со варено дрво во средина. Домаќинот ми потврди дека околу бил со околу 1-2 см дрво од кого имало остатоци кога го нашле, но толку било скапано дрвото (од 30 години стоење во вода) што останал само овој метален дел. Сепак дрвото во средината најверојатно подруго е сработено, па до ден денес е нечепнато. Металниот дел е со димензии: височина 17,8 см х ширина 8,5 см.

Домаќинот на куќата кај кого завршил крстот во 1971/72 е одамна починат. Но тој има 2 синови (тогашни сведоци на наоѓањето) од кои едниот е во Хрватска, а  вториот сеуште во Тетово, во истата куќа кај кого се наоѓа крстот. Таму овој Чесен Крст и до ден денес стои како најголема семејна реликвија во семејството на ЈОВАНОВСКИ баш во Тетово.

За овој крст знеле само потесен круг на пријатели, и пред Тетовската јавност не бил објавен. Исто така, не се знаела деталната историја на крстот, и сега е поврзана конечно и историјатот на крстот и самиот крст.

Ако овој крст за кој сите беа сигурни дека се загубил – се врати... тогаш, нека ова биде знак од Бога дека и традицијата која ја изгубивме за фрлање на крстот во река – треба да ја вратиме.... и најважно: знак дека се враќа надежта која Тетовчани ја изгубиле за своето Тетово.

Ова не е обичен Крст. Овој загубен па најден Крст е сведок на една историја и генерација, симбол и иста слика токму за вербата на Тетовчани во свое Тетово.

Погледни повеќе фотографии од Крстот: кликни ОВДЕ !


Comments