Ерата на Тетовските Биоскопи

posted Feb 18, 2019, 4:19 AM by Darko Gavrovski   [ updated Feb 18, 2019, 4:58 AM ]
~ 30.01.2013 ~ За историјата на биоскопите (кината) во Тетово

Аудиоскопик

„Ете, нашето кино ’Балкан‘ во Тетово прво во Вардарска бановина го прикажа најновиот (за тоа време) изум на филмската индустрија аудиоскопикот. Тридимензионален филм! Од дистрибутерите ни беше препорачан како чудо. Заедно со филмот добивме цел сандак со книжни очила во две бои. На едното око црвена, а на другото сина боја. Ги продававме на благајната по цена од 1 динар. Без очила не можеше да се гледа – сè беше заматено. Кога ќе ги ставиш очилата наеднаш се наоѓаш во средиште на дејствието. Чудо едно! Материјалот не беше класичен филм, туку беше составен од повеќе разновидни инсерти кои овозможуваа најдобро да се почувствува тридимензионалноста. Се сеќавам, имаше инсерт со еден виолинист со гудало на чиј крај се наоѓаше едно мало глувче. И кога виолинистот ќе го испружеше гудалото, глувчето ’влегуваше‘ во салата. Овој тридимензионален рекламен материјал го прикажавме пред редовниот игран филм ’Ноќ во операта‘.“

Сензацијата аудиоскопик „гостувала“ во тетовското кино „Балкан“ од 24 до 28 март 1937 година. Рамно 66 години и некој ден плус подоцна (на 18 април 2003-та година) седам во пријатниот дом на пензионираниот дипломиран инженер архитект Ристо Ристоски. Во една од високоградбите во строгиот центар на Тетово. Повеќечасовен убав разговор со пријатен соговорник. Ги бележам неговите сеќавања за некогашното кино „Балкан“ во сопственост на неговиот татко Матеа Ристоски. На лист хартија, со прецизни потези на пенкалото во рака (што може да ги направи еден висок професионалец - архитект) ја исцртува внатрешноста на киното. Сè е прецизно: димензиите, колку фиксни и колку подвижни столчиња, екран, кинокабина, благајна, хол... Ме прашува дали некогаш сум била во тетовските кина. Одговарам потврдно. „Пред едно 25 години во киното ’19 Ноември‘ (во строгиот центар на градот) имавме многу успешна кинотечна програма“, му одговарам. „Е, гледаш, токму тоа кино е нашето, старото ’Балкан‘. Таму беше и Дирекцијата на Градските кина. А другото кино, она старото ’Лешковиќ‘, а потоа ’Братство‘ е десно од плоштадот, во едно помало уличе. Ама кога се градеше, тоа беше центарот на Тетово. Сакаш сега да ги видиш кината?“, љубезно ме прашува мојот домаќин. Јасно дека сакам и ќе прошетам до таму, но сега е сè доста изменето и искажувам сомневање дали ќе се снајдам. Архитектот повторно го зема пенкалото и лист хартија - во миг пред мене се оформува ситуациониот план/тлоцртот на центарот на Тетово. На заминување господин Ристоски ме испраќа до лифтот, ме потсетува, доколку сакам и имам време, се разбира, да појдам да ги видам кината. „А утре кога повторно ќе дојдеш, кажи ми ги впечатоците“.

Поаѓам од плоштадот кон улицата „Тодор Циповски – Мерџан“. Во заднина - бликнало волшебното Бал Тепе. Ги наоѓам локациите и на двете кина. Некогашни! Закатанчени влезови, напуштено/запуштено... „Кинопретпријатието е во стечај, има и стечаен управник, ама никаде го нема. А ние треба да ја преземеме документацијата, инаку ќе пропадне, па после оди и истражувај“, ми појаснуваат колегите од Тетовскиот архив. Утредента, господин Ристоски уште од врата ме дочекува со испитувачки поглед: „И?“ „Немам коментар“, одговарам. „И јас немам коментар. Веќе десеттина години не работат кината. Има повремени проекции во Домот на културата, ама и тоа е преку година. Еј..., воздивнува мојот домаќин, на што спадна мое Тетово; кон крајот на деветнаесеттиот век го имавме првиот дипломиран фармацевт во Македонија, Александар Парлиќ, уште на почетокот на дваесеттиот век имавме индустриски капацитети, имавме хидроцентрала, имавме училишта, имавме болница, имавме театарски и музички групи, имавме кина... Имаше печалбари, имаше имотни тетовски семејства, имаше интелигенција и сите заедно се грижеа за напредокот на градот. Може некој да ми забележи што велам ’мое Тетово‘ оти ние сме дојденци од Гостивар, ама јас од четиригодишна возраст сум во Тетово и како да не речам ’мое Тетово‘.“

Мојот домаќин, архитект Ристоски, ги кажува основните податоци: роден во Гостивар, во 1928 година. Татко - Матеа Ристоски од Гостивар и мајка - Анѓа Ристоска (моминско Божиновска) од Тетово. И додава: „Ако татко ми не притиснеше да одам на студии по архитектура (тој ја откри мојата дарба за цртање, проектирање...), можеби ќе бев киноапаратер. Оти го знаев тој занает. Ме интересираше киното. Сега скоро читав една книга за Тетово и таму гледам - во Тетово имало филмски проекции уште од 1919 година. Биле повремени, во бавчата на Александар Парлиќ во маалото Јаковчеа чешма, ама, важно имало проекции.“

Историја на Киното Балкан

Но, да ја раскажеме приказната за тетовското кино „Балкан“.

Матеа Ристоски бил роден во Гостивар, во 1892 година. Татко му Ристо по занает бил бојаџија и целиот живот се занимавал со таа работа. Матеа во Гостивар го завршил основното образование и започнал да му помага на татка си во бојаџиската работилница. Под влијание на својот стрико, кој бил печалбар во Америка, Матеа, на 19-годишна возраст (значи во 1911 година) заминал за Америка, во Детроит. И Матеа во Америка ќе помине вкупно 24 години, со повремени подолги и покуси престои во Македонија. Во Детроит најнапред работел како работник во автомобилската индустрија, но штедејќи успеал да стане сопственик на драгстор. Значи, започнал да се занимава со трговија. Кон крајот на дваесеттите години Матеа се враќа во Гостивар. Со себе носи добра заштеда. Се вљубува во едно младо моме, Анѓа Божиноска од Тетово. Се земаат и на 10 август 1928 година им се раѓа машко дете. Го крштеваат по името на дедото Ристо. Тоа детуле е сегашниот мој соговорник, архитект Ристоски. Со посебна интонација на гласот (со многу љубов) зборува за мајка си и за нејзиното семејство: „Мајка ми Анѓа потекнуваше од едно познато тетовско трговско семејство. Имаше помлад брат Јован (Божиноски), јас си го викав Јошко. Тој беше роден во Тетово, во 1912 година. По занает беше столар. Но подоцна Јошко стана најблизок соработник на татко ми во работата со киното. Но, уште една роднинска врска ќе го ’врзе‘ татка со киното. Јован Атанасовски беше познат тетовски рентиер и тој со татко ми беа баџанаци. Значи, беа женети со две братучетки. Е, тој Јован Атанасовски, во почетокот на триесеттите години, во центарот на Тетово изгради убава семејна куќа со додатен станбен и деловен простор во дворот. И тука некаде почнува приказната. Татко ми скоро вратен од Америка и без некое определено занимање се сложил заштедените пари да ги вложи во кино. Значи да прецизираме - мотивацијата на татко ми да се зафати со киното била - нешто да се работи! И да знаеш - иницијатива и големо влијание за оваа одлука имал блискиот роднина на мајка ми Анѓа, харизматичниот Кузман Најденоски. Треба да знаеш дека Кузман Најденоски бил двигател на културниот живот во Тетово и бил сопственик и главен уредник на весникот ’Глас Полога‘. Гледај како сега се врзуваат работите! За оваа идеја се заинтересирал и баџанакот на татка Јован Атанасовски. Тој веќе го имаше изградено објектот во центарот на градот. По мое гледање, според едноставноста, тој објект веројатно бил изграден за магацин или за работилница. Но паднал договор - тука ќе се прави кино!“

Јован Атанасовски го дал објектот, а Матеа Ристоски вложил во опремувањето на киното. Купил кинопроектор, озвучување, неопходна инсталација, мебел... На 15 март 1932 година банот на Вардарска бановина, врз база на повеќе законски прописи и извештаи, издава решение со кое се одбрува работата на киното „Балкан“. Матеа Ристоски го сели семејството во Тетово. Во почетокот на 1932-та година. „Се сместивме во дворната куќа на Атанасовски. Се сеќавам, кога беше лето, кај нас доаѓаа пријатели и роднини и од дворот, низ отворените врати на киното, ги гледавме филмовите.“

Киното „Балкан“ имало фоаје, благајна, кинокабина над благајната и интерполирана во висина на салата, киносала, санитарни јазли, прирачни магацини и до објектот била изградена мала барака во која бил сместен трансформаторот. „Киносалата имаше околу 370 седишта и тоа вака распоредени: напред имаше десет реда клупи, па потоа неколку реда столчиња поврзани со летви за да не се мрдаат и на крај имаше 22 маси со по три столчиња. Ти велам, не беше тоа модерна киносала, немаше ниту балкон, ниту ложи, ниту фиксни седишта, а и подот беше рамен, значи немаше косина која ќе овозможува подобро гледање. Ама нејсе, публиката си доаѓаше. Ова е интересно - забележи го: фоајето беше озвучено. Пред проекциите и во паузите мегу чиновите пуштавме модерна, забавна музика, а кога ќе почнеше проекцијата и од холот можеше да се следи дијалогот или музиката од филмот. Кинопроекторот беше „Ернеман 2“ со Цајсиконова оптика. Татко ми го набави од Германија. Светлосниот извор се обезбедуваше со помош на јаглени електроди. Тоа беше посебна песна. Требаше нон-стоп да се внимава - електродите брзо се трошеа и тоа влијаеше врз јачината на светлината и со тоа на самата слика. Сега е лесно - со ламби, апаратерот е слободен.“ Во прво време проекциите ги водел Живоин Тотиќ, киноапаратер од Лесковац. Но во 1936 година Јошко Божиноски го положил испитот за киноапаратер и целосно ја презел обврската околу техничката работа во киното.

„Киното работеше секојдневно. Во делничен ден имавме само вечерна проекција, а во неделите и празниците и матине и вечерна. Во киното немавме бифе. И сега слушај: имавме еден проектор и кога требаше да се менуваат ролните - ете пауза од 3-4 минути. И тогаш доаѓаа сопствениците од соседната слаткарница и нудеа слатки. Оние пак што сакаа да се напијат клакери одеа до соседниот дуќан.“ Инаку репертоарот бил договаран за цела година. Дистрибутерите, пред секоја нова година, доставувале каталози и ете ја можноста да се направи најсоодветен избор. Во тоа време Тетово било некако скраја, немало добри транспортни врски, па затоа Ристоски и Божиноски филмовите ги менувале седмично - еден филм, една недела. Инаку комбинирањето на програмата била вообичаена за тоа време: најнапред „актуелности“ (филмски журнал, најчесто од Фокс), па потоа игран филм. Така било во делничните денови. Но кога бил празник или недела тогаш програмата изгледала вака: најнапред бурлеска, па игран филм и најодзади филмски журнал. „Се сеќавам, вели архитект Ристоски, беше Велигден. Кај нас на репертоарот еден хит-филм за Исусовото воскресение. Билетите беа распродадени со денови однапред. Дојдоа воглавно средновечни и стари луѓе. Жените, кога ги гледаа сцените кога Исус го носи крстот, не седеа туку клечеа на душемето и се крстеа. Ова го паметам многу добро. Инаку, големи турканици имаше и за филмовите ’Во знакот на љубовта‘, ’Бенгали‘, ’Шпанска романса‘, ’Преријата во пламен‘, ’Вива Вила‘, ’Модерни времиња‘, ’Тарзан‘, ’Грофицата Валевска‘ и за редица други. На повозрасните тетовци филмски љубимци им беа Марлен Дитрих, Жан Габен, Шарл Боаје, Грета Гарбо, Рамон Новаро, додека ние помладите ги сакавме Гари Купер, Џони Вајсмилер и други ѕвезди што настапуваа во авантуристичките и вестерн филмовите. Многу млади тетовци се фотографираа, имитирајќи ги своите филмски љубимци. Меѓу нив беше и вујко ми, Јошко Божиноски. Нему му беше лесно. Работејќи во киното имаше најголема можност да ги ’простудира‘ однесувањето и позите/манирите на големите ѕвезди и да ги имитира пред фотографскиот апарат. Што се однесува, пак, до рекламирањето на репертоарот користевме плакатирање. Исцртувавме големи плакати и ги постававме на најпрометните места во градот. Во фоајето постававме паноа со оригинални плакати од дистрибутерите, и од филмот што е на репертоар и на оној што доаѓа. Ама во чаршијата имаше уште еден начин за реклама. Еве, за секој филм што ќе дојдеше правевме пробна проекција во потесен круг на која обично имаше и по некој претставник од власта. Тие проекции по правило беа наутро. Еден час по завршување на проекцијата во чаршијата веќе се знаеше каков филм ќе има. Пожива реклама од ова - здравје!“

Киното го посетувале претежно чаршиските луѓе (поимотни занаетчии, трговци) и интелигенцијата. Тие доаѓале иа вечерните претстави, и тоа фамилијарно. Во Тетово имало и поголем број државни службеници и тие доаѓале само да ги видат журналите и потоа заминувале. „Знаеш, Тетово беше патријархален град. Не можеше да се замисли девојка сама да појде во кино. Или, пак, со момче! Можеше, евентуално, со некоја другарка, но со многу молења и кумења. За учениците беше строго забрането сами да одат во кино на вечерните проекции. Беше вообичаено на вечерните проекции во киното да има по некој дежурен професор. Исто како и дежурањето на корзото. Ќе дојдеше седум часот навечер, ќе се појавеше на корзото лично директорот на гимназијата и ние - магла, да нè нема!“

Киното „Балкан“ во првите три години работело рентабилно, но веќе во првата половина од ’35-тата се чувствува извесна криза. Неколку месеци подоцна, поточно на 23 октомври 1935 година, во Тетово проработело и второто постојано кино „Лешковиќ“. „Е тоа веќе беше модерно кино. Ги имаше сите предуслови што се неопходни за една културна институција. Имаше 460 седишта. Имаше партер, балкон и ложи. Но набргу во семејството Лешковиќ се случи голема трагедија. Некако едноподруго починаа двата сина на стариот Лешко, па со киното раководеа нивни блиски роднини Саво Нонески и Борис Петроски.“

Појавата на второто кино ја поделило публиката. Во град со жители чија бројка се движела помеѓу 14000 и 15000 - две кина биле премногу. И двете работеле на работ на рентабилноста. И така, во 1938 година, Матеа Ристоски повторно заминува за Америка. Таму, во земјата отаде Големата бара, го затекнува Втората светска војна. Во Македонија се враќа по војната, во 1946 година, со првиот брод што отпловил од Америка за Југославија. Што се случува со киното? „Во киното остана да работи вујко ми Јошко. Тој полека почна и мене да ме воведува во работата со киното. И така јас, кој пред тоа бев само набљудувач или ако сакаш најточно „лево сметало“, почнав сернозно да работам во киното. Најнапред вујко ми ме обучи да пуштам музика, потоа научив да ги премотувам ролните и на крајот научив да работам и со кинопроекторот. Во 1942 година се случи моето огнено крштевање како киноапаратер. Самостојно го пуштав филмот ’Робин Худ‘.

За 2.светска војна и потоа

“И дојде Втората светска војна. Тетово е во италијанско-албанската фашистичка окупациона зона. Врз Јошко Божиноски се врши притисок да го отстапи киното. И тој, за да го сочува животот на семејството (и неговото и на Матеа), потпишува дека киното им го предава на други сопственици: Даут Имери, Ќамил Иљази и Јаја Сељмани. Платиле за инвентарот - ништожна цена, колку да се каже дека нешто платиле. „Тоа беа смешно мали пари за откуп на инвентарот на киното. Беше тоа само форма како да се приграби нешто што не е нивна сопственост. Но вујко ми морал да се согласи затоа што, во тоа време, можеше темнината сите нас да нè проголта. Инаку, ние си продолживме да работиме во киното: вујко ми беше цело време таму, а јас се почесто ја вршев киноапаратерската работа. Од сопствениците во киното наминуваше само Даут Имери. Тој по професија беше шофер. Останатите двајца никогаш не ги видовме. Јаја се занимавше со политика, му беше помошник на злогласниот Џемо. По војната Јаја и целото негово семејство беа егзекутирани. А Ќамил Иљази и Даут Имери се иселија за Турција.“

По ослободувањето Јошко Божиноски бара од новата власт дозвола за продолжување на работата на киното. Ја добива. Во тоа време од Америка се враќа и Матеа. „Се собравме повторно сите. И вујна почна да работи во киното како благајник. Работата тргна. И тука има еден интересен момент: Татко и вујко Јошко, заедно со раководителот на киното ’Лешковиќ‘ Сава Нонески и со сопственикот на гостиварското кино ’Уранија‘, формираа едно заедничко приватно киноприкажувачко претпријатие. Со тоа ги намалија издатоците за изнајмување и за рекламирање на филмовите. Филмовите ги пендлуваа - еден ист филм се прикажуваше во сите три кина, но со различно време на почеток. Така ролните можеа да се пренесат од едно до друго место. Убаво тргна. Јас размислував за факултет, ама киното ме имаше врзано како со магнет.“

Ама дојде онаа ’48 година. Што многумина ќе ја паметат!

„Еве како се сеќавам за таа година. Беше топло пролетно време. Вујко ми и јас бевме во фоајето и цртавме плакати за наредните филмови. Наеднаш влегуваат тројца и ни наредуваат да го напуштиме киното. Велат: ’Национализирано е. Од овој момент киното е државно‘. Ни кажаа само дека примопредавањето ќе го изврши некаква комисија. Татко ми и вујко ми повеќепати бараа да видат што се случува со таа комисија, но сè остана залудно. Тоа ми се чини беше пресудно и татко ми рече: ’Терај на факултет. Да не те видам тука, учи, а ние ќе се снаоѓаме‘. Јас и подоцна, кога веќе бев студент, наминував во киното. Беа набавени нови Искрини проектори, во киното почна да работи и градскиот театар. Се сеќавам некаде 1951-53 се извршија некои адаптации, беа изградени и гримиорни. Во киното се всели и Управата на Градските кина - Тетово. Кога доаѓав дома, во Тетово, наоѓав време да направам и некоја сценографија за театарски претстави. Еве, направив сценографии за ’Заеднички стан‘ и за ’Македонска крвава свадба‘. Јас докрај останав врзан за тој простор. Татко ми и вујко ми си тераа своја работа, но никогаш повеќе не зборуваа за киното. Знам дека тоа ги болеше, ама молчеа. Тагата си ја носеа во себе. Јас, пак, ете поинаку. Сакав да дојдам до киното, да го осетам мирисот на холот, да ги слушнам проекторите... И сега каде да појдам? Затоа инсистирав да појдеш, да видиш! Каде сега да одам? Да ја видам замандалената врата?“

Сега, пензионираниот инженер архитект Ристо Ристоски ќе се види на кратко со некои блиски познаници, ќе направи убаво кафе, ќе позборува за времето кога во Тетово беше главен градски архитект и толку. Или, пак, ќе појде до Скопје да се види со децата и нивните семејства. „За киното немам со кого да зборувам. Вујна е болна, а и таа не сака да зборува за киното. Но, ете, дојде ти и, гледаш, три дена едноиодруго зборувам, зборувам... Ме врати во едно друго време. Мое Тетово со занаетчиите, со центарот Бунар, со Масларскиот пазар, со Горна чаршија... и над сето тоа - Бал Тепе. Знаеш како велевме ние тетовци за нашиот град во тоа време? Тетоо наше ка мау Париз“. Заминувам од домот на господин Ристоски. „Дојди и другпат. Без повод. Ќе помуабетиме. А може и до кината да скокнеме.“ Со последниот автобус се враќам кон Скопје. Единствен патник сум. Шоферот ми покажува - еве, ова е Карпалак. Зад мене останува Бал Тепе. И еден господин кој станал познат архитект, а почнал како киноапаратер. Сонувачи на секој чекор!


Извор: Илинденка Петрушева; Сонце на дирек - мали приказни за македонските филмски сонувачи; Македонска реч, Скопје, 2005; ISBN 9989-163-06-5

Comments