~ 08.02.2017 ~ Борка Аврамова e родена Тетовчанка, првата македонка академска вајарка - автор на првата самостојна изложба на скулптури во Македонија што отворена во Скопје во 1954, воедно беше и првата самостојна изложба на жена-уметник кај нас.
Таа го задолжува родното Тетово со споменикот ПОБЕДА во 1962. кое денеска се наоѓа покрај Домот на Културата во центарот на градот.
Ова е обид за прв пат детално да се престави делото на оваа Тетовчанка пред нејзиниот град:
БиографијаБорка Аврамова е родена во Тетово на 09.октомври 1924. Во Скопје завршува Основно училиште, Гимназија и Уметничка школа (1945-1948). По ова заминува во Загреб каде Скулптура студира на Академијата за Ликовни Уметности (1948-1953) во класата на Проф. Фране Кршиниќ. Во Загреб го запознава и во 1950. се мажи за акдемскиот сликар Светозар Домиќ (Сплит, 02.08.1918 — Загреб, 30.01.1993). Со него имале само една ќерка која починала без да остави свои наследници. Во 1953. се враќа во Скопје каде станува член на ДЛУМ (Друштвото на Ликовни Уметници на Македонија). Во Скопје останува до 1960. каде учествува на самостојни и изложби на ДЛУМ. Во 1954. ја организира првата самостојна скулпторска изложба воопшто организирана во македонската историја од еден македонски вајар (скулптор) во ’Домот на Градежниците’ во Скопје. Од 1959-1960 е студиски престој во Париз како стипендист на Фондот Моша Пијаде. Во 1960. се враќа во Загреб каде истата година станува член на УЛУХ (Удружење Ликовних Уметника Хрватске) организира бројни самостојни изложби и изложби како дел на УЛУХ. Од 1960-1963 е соработникво државната Мајсторска работилница на проф. Фране Кршиниќ во Загреб. Нејзин основен материјал е глина и бронза, а во подоцнежниот период теракота. Ги работела идејните решенија за споменици (Петрова Гора и Макљен). Делата и се наоѓаат во галерии, музеи и приватни збирки ширум светот. Во Македонија има околу 25, можеби нешто повеќе дела на Борка Аврамова, земајќи ги предвид „Споменикот Победа“ во Тетово (1962) и мермерната парковска скулптура („Бизон“, 1967) во Прилеп. Најголемиот број е во посед на приватни лица, додека Националната галерија на Македонија во својата колекција има 4 дела, а по едно имаат МСУ, МАНУ, Музејот на Македонија и Дом на културата „Ацо Шопов“ во Штип. од 1960. во Загреб останува трајно да живее и твори се до својата смрт 25.март 1993.
|
При цитирање на текстов да се наведе извор: Дарко Гавровски / портал 'Тајните на Тетово' / gavro.com.mk