Објавени Наслови: |
ГО ЉУБИМ ТЕТОВО >
Тетосќи Новине !
Тихомир Крстовски - најголемиот тетовски собирач на народни песни
Тихомир Крстовски (01.10.1914 - 29.12.1999) или меѓу тетовчани знаен по прекарот Томе Голубар, а со ко се гордееше, е човекот кој целиот свој живот го посвети на собирање на тетовските народни песни, и ретко кој тетовчанец има за својот живот оставено дури 6 книги посветени на својот град. Сепак, до денеска, не постоеше ниту еден извор каде што можеше да се прочита повеќе за него. Затоа си зедов за задача и го посетив неговиот син Борислав Крстовски и ги објавувам овде деталите од тоа интервју.
Најрани денови: Непроштено - Тетово - Белград
Далечните претци насемејтвото на Томе се по потекло од Призрен, но уште за време Турско, заедно со 25 други фамилии сите од родот Терзиини, заедно се населуваат во тетовското село Ѓермо, потоа во Сетоле за на крај најголемиот дел од овој род (меѓу кои и претците на Томе) да заврши во Непроштено.
Крајот на 19.век родителите на Томе се селат во Тетово (на ул. Јане Сандански на самиот пат пред денешно кафуле Имиџ), но зошто Бугарската власт решава да ја руши куќата за да ја отвори улицата Ј.Сандански, тие се враќаат назад во Непроштено. Тогаш на 01.10.1914 во Непроштено и се раѓа Тихомир (Томе) од мајка Ѓурѓана и татко Ацо.

Набргу потоа пак се населуваат во Тетово купувајќи 12 дуќани од турското семејство Топук на денешна ул. И.Р.Лола бр.132, каде што ќе
живее Томе, а денес живее неговиот син.
Набрзо потоа, таткото на Томе, Ацо, заминува на гурбет како фурнаџија во Белград каде имале куќа со дуќани на ул.Сараевска 2, и дуќани на Зелени Венац. Во Белград доаѓа и Томе за да учи и каде завршува приватно трговско училиште ‘Комерциум', каде по дипломирањето во 1932/33 се заинтетресирал за народните песни. Првите ги забележал кога овдешните сопственици на над 600 фурни се собирале со нивното здружение во неделите во хотел Славија во Белград, пеејќи народни песни.
Враќање во Тетово
Тоа што го натерало да се врати во тетово била љубовта. Прво се верил а по извесно време и оженил за Иванка која имала 16 години. Таа никако не сакала да се сели во Белград, што било причината Томе да се врати и да се насели конечно во Тетово. Со Иванка имале среќен живот а таа му родила 3 деца: Борислав (род. 1940), Магдалена (род. 1944) и Ацо (род. 1950).
Веднаш по војната, бил мобилизиран како постручен кадар да се вработи како службеник во Собранието на општина Тетово каде останал да работи се до својата пензија околу 1974.
Во Тетово бил познат по својата ведрина, речитост и желба за дружење. Бил член на пеачкото друштво при Здружението 'Иљо Антески Смок', каде дошле до идеја да оформат своја пеачка група.
Таа заедно со Душан Штица, Цветан и Томе Шикла во 1960-тите и 1970-тите имале група за фолклорни песни, наречена ‘Мокри Браќа’, а потоа истата група продолжува како трио со него и уште двајца негови братучеди.

Настапувале често на фолклорни смотри и пееле на радио Скопје.
Живот во Детроит и назад во Тетово
Во меѓувреме неговиот син Ацо заминува во Детроит, добива деца, но за жал набргу починува. Гледањето на внуците биле главна причина заедно со сопругата околу 1976. да се преселат во Детроит каде заедно живеат се до околу 1994/5 кога се враќаат назад во Тетово со сопругата која била веќе болна и изнемоштена, и која набргу починува во Тетово. Чичко Томе продолжува неуморно да работи и летото 1999. ја вади својата последна книга за своето страсно хоби 'Голубарството во Тетово', по кои дури го носел и прекарот Томе Голубар. Само неколку месеци потоа починува во тетово на 29.12.1999 година.
Библиографија - Неговите 6 книги
За време на својот живот, секогаш запишувал народни песни, одејќи често по тетовските села. Тие ги објавил во своите 4 книги, делумно во 5-тата заедно со други македонски печалбарски песни, а 6-тата книга била посветена на Голубарството во Тетово
- 1971-Крстовски, Ми долета ред голуби : народни песни од Тетовско; Одбор за прослава на 200 - годишницата од раѓањето на Кирил Пејчиновиќ - Тетоец: Центар за информирање и издавачка дејност "Полог"; Тетово. 118 с. (во која има 79 тетовски песни).
1978-Крстовски, И ти дејче надеај се; Тетово : 118 с. (со 77 тетовски песни);
- 1982-Крстовски, Распукала Шар Планина : [изворни народни песни од Тетово и Тетовско]; Тетово : 94 с. (со 65 тетовски песни);
- 1985-Крстовски, Пукна пушка горе Балтепе; Тетово : 102 с. (со 64 тетовски песни).
- 1995-Крстовски, Македонски Печалбари-Патриоти; тетово : 112 с. (во која има 50-тина песни собрани од печалбарите во Детроит, и од други краеви од Македонија, а дел препечатени тетовски песни од неговите претходни збирки).
- 1999-Крстовски, Гулабарството во Тетово; Тетово : 23 с. (за хобито Голубарство)
![]() |
Мара Ѓорѓевиќ - првиот тетовски професионален пеач

Тетовчанката Мара Ѓорѓевиќ:
- прв солист во историјата на Радио Скопје
- со нејзини тетовски песни се отворил првиот ден на Радио Скопје
- пеач од 'Прва-А класа' на Радио Белград
- првиот тетовски професионален пеач
- прв тетовчанец, кој снимил свои песни на носач на звук (1952.)
- ги направила првите и најстари снимки на тетовските песни: Ѓорушица и други (овде десно ставени 3 )
...
Најстарата снимена верзија на 'Ѓорушица':
Тетовски денови
Мара (Марија) Ѓорѓевиќ е родена 31.јануари 1916 во Одобешти, источна Романија, во печалбарско семејство, на родените тетовчани Александар Мишовиќ и Руса Џинлевиќ (фамилија Џинлевци). Истата година во јули, од астма добиена уште додека бил во Америка, и умира татко и, а мајката Руса, со неа и трогодишниот син Јован, веднаш по погребот тргнува низ пеколот на Првата св.војна за на крај, сепак, сите живи да стигнат во родното Тетово.
Семејството Мишовиќ ја славеле славата Воведение и по потекло биле од околината на Ѓаковиц. Во Тетово, Мара Ѓорѓевиќ ја поминала младоста и завршила за шнајдерка во Женската раденичка школа (денешниот објект на Музичко), а не и се остварила желбата да запише учителска школа во Скопје. Паднала на музичкиот испит (!)
Во Тетово на 20.мај 1934 и се омажила за Слободан Ѓорѓевиќ, учител, познат тетовски фискултурец, пеач и музичар, инаку по потекло од село Јабучје крај Лајковац. Тука им се родиле и двата сина: Драгиша и Војкан.
Тетовската песна
Како млада ја засакува тетовската песна. Прекрасно пеела и секаде ја викале да пее. Пеела од срце и неуморно.Музикалноста ја наследила од родителите. Велеле дека татко и прекрасно пеел, додека од мајка и научила многу песни. Омилена тетовска песна која сакала 'Се разболе Катерина' која приватно да си ја пеела се до смртта, во моменти на носталгија и тага по исчезнатиот родителски дом во Тетово. Сепак, најмногу тетовски песни научила од тогаш надалеку познатиот тетовски пеач Ноне Грнчар. Него секогаш го споменувала со голема почит и благодарност.
Прв солист во историјата на Радио Скопје - отворено со нејзини изведби на тетовски песни !
Радио Белград во јануари 1941. вршел припреми за отворање на нова радио-станица, Радио Скопје, па во склоп на тоа, била организирана аудиција за радио-пеачи. Марас е јавила на тој конкурс, а претседател на комисијата бил Стеван Сијачки, истиот оној кој години порано ја паднал на музичкиот испит заради која неможела да запише учителска школа. Сега Мара победила на конкурсот како најдобра меѓу 85 кандидати (а Сијачки и рекол: 'дете мое веројатно тогаш не си имала слух, а сега слухот ти се развил...').
Мара е примема како како прв воопшто радио-солист во историјата на Радио Скопје. При отворањето на Радиотона 27.јануари 1941. таа пеела во првата емисија. Првата песна која е отпена во македонскиот радио-етер со коее отворено радиото е со - тетовска песна. Радио Скопје ја започнало историјата со Марината изведба на тетовската 'Благуњо Дејче', а продолжила со цел сплет тетовски песни.
По повод, нејзиниот прв настап, списанието 'Радио Белград' пишува:
"Pravo otkrovenje ucinila je gdja Mara Djordjevic iz Tetova. Ona je sinoc otpevala citav ciklus pesama iz tetovskog kraja, uz pratnju gitare. Svojim izvanredno prijatnim i obradjenim glasom i bogastvom repertoara, koji se sastojao i iz dosta nepoznatih pesama, ona je ostavila najdublji utisak na sve koji su je culi...
Gdja Mara Djordjevic, po uverenju poznavalaca i strucnjaka iz Radio Beograda, najbolji je interpretator juznosrbijanske pesme koja se mogla cuti preko radija. Ona je odlican poznavalac i interpretator pesama iz oba Pologa, narocito iz Tetova."
На Радио Скопје; Мара пеела кратко. На 06.април 1941. започнала Втората св.војна, а тогаш веќе никому не било до песна.
Војната и Радио Приштина (1945-1950)
Поради тоа што сопругот Слободан бил мобилизиран првите воени денови, таа заедно со двете деца и мајка и Руса се преселиле во селото на предците на сопругот, Јабучје крај Лајковац. Потоа нашле скровише во Нишка Бања каде останале до пред крај 1944, по што се селат во тукушто ослободената Приштина. Братот Јован починал на сремски фронт и бил погребан во Тетово. По ослободувањето, кога за тоа разбрала, Мара се вратила во Тетово но неговиот гроб никогаш не го нашла. Мајка и Руса починала и е погребана во Приштина.
Во Приштина сопругот се вработил како наставник по фискултура, а Мара се приклучила во културно-уметничкото друштво 'Раднички' како член на хорот и солист. Таму научила многу косовски песни по која останала посебно позната до смртта. Во 1945 започнува да пее како радио-солист на Радио Приштина.
Нејзиното пеење се прочуло и била повикана на аудиција и во Радио Белград во 1947. Веднаш била примена и до 1950. пеела во двете радија и во Приштина и во Белград. Се до 1950. кога решаваат да се преселат во Панчево, па продолжила да пее само за Радио Белград. Таа дури овде го дожиевела својот врв.
Таа станала постојан солист на Радио Белград каде го добила статусот на 'радио-пеач од I-A класа'. Настапувала со Царевац, а ја прател и оркестарот на Душан Радетиќ. Настапувала низ цела Југославија и гостувања во странство.
Сите трајни снимки Мара ги снимила за Радио Белград од 1956 до 1969. Покрај многу плочи на кои биле и други пеачи, таа имала и свои соло-албуми. Две ЛП плочи објавени се од 'Југотон' (1952. и 1956.) а две за ПГП РТБ. Пред својата смрт ПГП РТБ во 2000. објавува ЦД со 21 нејзина песна 'Месме Косова и Метохије' од кои последните 3 се заведени како 'Македонске (Тетовске) песме': 'Ѓорушице, црно око', 'Од поле идат бабо сејмени' и 'Ај коња спремам, коњ дорија'.
Забележана дискографија: ОВДЕ.
Крајот на животот
Во 1971. здружението на естрадни уметници и го признава стажот од сите 3 радија и можноста за пензија. До смртта живее во Панчево на ул. Бранко Радичевиќ бр. 17, каде често пеела во Клубот на просветните работници. Починала на 22. јануари 2003 на 87 години во Панчево каде е и закопана.
Колегите за Мара Ѓорѓевиќ
Mile Bogdanović: "Mara Đorđević je neprevazidjeni solista narodnih pesama sa Kosovai Metohije, veliki pevac i umetnik. Umela je da odabere pesme i bila je dosledna u svom repertoaru. Pevala je onako kako narod peva.Pesme koje je ona pevala nikada se nece zaboraviti i pevace se, tako da kazem, dokle je sveta i veka. Te pesme danas svi pevaju, i mladi i stari. Ja znam mnogo pesama, a sve kosovske pesme koje pevam, od nje sam naucio.
Mi smo bili generacija koja se medju sobom postovala. Biti solista Radio Beograda tada je to bilo najvece priznanje, najvisa kvalifikacija, jer to zaista nije mogao da bude svako. Kad smo ulazili u Radio Beograd kao da smo ulazili u akademiju nauka. Tako smo se osecali.
Svi pevaci su bili kategorisani, razvrstavani po kategorijama, a Mara Djordjevic je bila u I kategoriji. Zaista je bila postovana i voljena, kako od pevaca tako i od muzicara. Za svakog kolegu je imala samo lepu rec, pazila je da nikoga ne povredi. Prosto je umela da vas celog uzme i osvoji dobrotom i paznjom. Ona je izuzetan covek i neprevazidjeni solista."
Merima Njegomir: "Ja Maru Đorđević obozavam. Ona je neponovljiva. Prosle su mnoge godine a jos nisam cula da neko od pevaca ima slican glas. Kroz njenu pesmu zrace emocije i jedna velika topla dusa. Postovala sam je i pre nego sam je upoznala, a kada smo se srele osvojila me je na prvi pogled, neposrednoscu i vedrinom.
Dobro je sto se neko setio da objavi njene pesme jer je ona prava legenda kosovske pesme. Jedne godine, kad sam pobedila na "Mesamu", okrenula je telefon i cestitala mi je. Ona meni! Bilo mi je, naravno, jako drago.
Eto, jos uvek prati narodnu muziku i ume drugima iskreno da cestita. Tako se ponasaju samo veliki pevaci."
Jordan Nikolić: "Kada je reč o kosovsko-metohijskoj pesmi sve počinje od Mare Đorđević. Od nje počinje afirmacija ovog melosa izvan Kosova i Metohije.
Prvi put sam je čuo preko radija i bio sam oduševljen kako peva. Od tada je počeo moj svesni odnos prema narodnoj pesmi i narodnoj tradiciji koja je čudno lepa. Na taj način je Mara na mene delovala podsticajno.
Kad sam je čuo, setio sam se pevanja nekih veoma muzikalnih žena iz detinjstva, ne znam tačno kojih i ne znam gde, ali mi je to ostalo duboko urezano u svesti, kao nešto božansko. Kao san. E, ona mi je svojim pevanjem oživela tu sliku, taj doživljaj iz ranog detinjstva, i tako pokrenula u meni najdublju ljubav prema ovim pesmama. Ta me ljubav nije napustila do današnjeg dana.
Mara Đorđevnć je velika interpretatorka. Ona peva neobičnim izvornim glasom i na poseban način. Za nju se s punim pravom može reći da je nedostižna."
Последното нејзино радио интервју во кое раскажува и за животот во Тетово, овде:
I
Ерата на Тетовските Биоскопи
~ 30.01.2013 ~ За историјата на биоскопите (кината) во Тетово
Аудиоскопик

„Ете, нашето кино ’Балкан‘ во Тетово прво во Вардарска бановина го прикажа најновиот (за тоа време) изум на филмската индустрија аудиоскопикот. Тридимензионален филм! Од дистрибутерите ни беше препорачан како чудо. Заедно со филмот добивме цел сандак со книжни очила во две бои. На едното око црвена, а на другото сина боја. Ги продававме на благајната по цена од 1 динар. Без очила не можеше да се гледа – сè беше заматено. Кога ќе ги ставиш очилата наеднаш се наоѓаш во средиште на дејствието. Чудо едно! Материјалот не беше класичен филм, туку беше составен од повеќе разновидни инсерти кои овозможуваа најдобро да се почувствува тридимензионалноста. Се сеќавам, имаше инсерт со еден виолинист со гудало на чиј крај се наоѓаше едно мало глувче. И кога виолинистот ќе го испружеше гудалото, глувчето ’влегуваше‘ во салата. Овој тридимензионален рекламен материјал го прикажавме пред редовниот игран филм ’Ноќ во операта‘.“
Сензацијата аудиоскопик „гостувала“ во тетовското кино „Балкан“ од 24 до 28 март 1937 година. Рамно 66 години и некој ден плус подоцна (на 18 април 2003-та година) седам во пријатниот дом на пензионираниот дипломиран инженер архитект Ристо Ристоски. Во една од високоградбите во строгиот центар на Тетово. Повеќечасовен убав разговор со пријатен соговорник. Ги бележам неговите сеќавања за некогашното кино „Балкан“ во сопственост на неговиот татко Матеа Ристоски. На лист хартија, со прецизни потези на пенкалото во рака (што може да ги направи еден висок професионалец - архитект) ја исцртува внатрешноста на киното. Сè е прецизно: димензиите, колку фиксни и колку подвижни столчиња, екран, кинокабина, благајна, хол... Ме прашува дали некогаш сум била во тетовските кина. Одговарам потврдно. „Пред едно 25 години во киното ’19 Ноември‘ (во строгиот центар на градот) имавме многу успешна кинотечна програма“, му одговарам. „Е, гледаш, токму тоа кино е нашето, старото ’Балкан‘. Таму беше и Дирекцијата на Градските кина. А другото кино, она старото ’Лешковиќ‘, а потоа ’Братство‘ е десно од плоштадот, во едно помало уличе. Ама кога се градеше, тоа беше центарот на Тетово. Сакаш сега да ги видиш кината?“, љубезно ме прашува мојот домаќин. Јасно дека сакам и ќе прошетам до таму, но сега е сè доста изменето и искажувам сомневање дали ќе се снајдам. Архитектот повторно го зема пенкалото и лист хартија - во миг пред мене се оформува ситуациониот план/тлоцртот на центарот на Тетово. На заминување господин Ристоски ме испраќа до лифтот, ме потсетува, доколку сакам и имам време, се разбира, да појдам да ги видам кината. „А утре кога повторно ќе дојдеш, кажи ми ги впечатоците“.
Поаѓам од плоштадот кон улицата „Тодор Циповски – Мерџан“. Во заднина - бликнало волшебното Бал Тепе. Ги наоѓам локациите и на двете кина. Некогашни! Закатанчени влезови, напуштено/запуштено... „Кинопретпријатието е во стечај, има и стечаен управник, ама никаде го нема. А ние треба да ја преземеме документацијата, инаку ќе пропадне, па после оди и истражувај“, ми појаснуваат колегите од Тетовскиот архив. Утредента, господин Ристоски уште од врата ме дочекува со испитувачки поглед: „И?“ „Немам коментар“, одговарам. „И јас немам коментар. Веќе десеттина години не работат кината. Има повремени проекции во Домот на културата, ама и тоа е преку година. Еј..., воздивнува мојот домаќин, на што спадна мое Тетово; кон крајот на деветнаесеттиот век го имавме првиот дипломиран фармацевт во Македонија, Александар Парлиќ, уште на почетокот на дваесеттиот век имавме индустриски капацитети, имавме хидроцентрала, имавме училишта, имавме болница, имавме театарски и музички групи, имавме кина... Имаше печалбари, имаше имотни тетовски семејства, имаше интелигенција и сите заедно се грижеа за напредокот на градот. Може некој да ми забележи што велам ’мое Тетово‘ оти ние сме дојденци од Гостивар, ама јас од четиригодишна возраст сум во Тетово и како да не речам ’мое Тетово‘.“
Мојот домаќин, архитект Ристоски, ги кажува основните податоци: роден во Гостивар, во 1928 година. Татко - Матеа Ристоски од Гостивар и мајка - Анѓа Ристоска (моминско Божиновска) од Тетово. И додава: „Ако татко ми не притиснеше да одам на студии по архитектура (тој ја откри мојата дарба за цртање, проектирање...), можеби ќе бев киноапаратер. Оти го знаев тој занает. Ме интересираше киното. Сега скоро читав една книга за Тетово и таму гледам - во Тетово имало филмски проекции уште од 1919 година. Биле повремени, во бавчата на Александар Парлиќ во маалото Јаковчеа чешма, ама, важно имало проекции.“
Историја на Киното Балкан
Но, да ја раскажеме приказната за тетовското кино „Балкан“.
Матеа Ристоски бил роден во Гостивар, во 1892 година. Татко му Ристо по занает бил бојаџија и целиот живот се занимавал со таа работа. Матеа во Гостивар го завршил основното образование и започнал да му помага на татка си во бојаџиската работилница. Под влијание на својот стрико, кој бил печалбар во Америка, Матеа, на 19-годишна возраст (значи во 1911 година) заминал за Америка, во Детроит. И Матеа во Америка ќе помине вкупно 24 години, со повремени подолги и покуси престои во Македонија. Во Детроит најнапред работел како работник во автомобилската индустрија, но штедејќи успеал да стане сопственик на драгстор. Значи, започнал да се занимава со трговија. Кон крајот на дваесеттите години Матеа се враќа во Гостивар. Со себе носи добра заштеда. Се вљубува во едно младо моме, Анѓа Божиноска од Тетово. Се земаат и на 10 август 1928 година им се раѓа машко дете. Го крштеваат по името на дедото Ристо. Тоа детуле е сегашниот мој соговорник, архитект Ристоски. Со посебна интонација на гласот (со многу љубов) зборува за мајка си и за нејзиното семејство: „Мајка ми Анѓа потекнуваше од едно познато тетовско трговско семејство. Имаше помлад брат Јован (Божиноски), јас си го викав Јошко. Тој беше роден во Тетово, во 1912 година. По занает беше столар. Но подоцна Јошко стана најблизок соработник на татко ми во работата со киното. Но, уште една роднинска врска ќе го ’врзе‘ татка со киното. Јован Атанасовски беше познат тетовски рентиер и тој со татко ми беа баџанаци. Значи, беа женети со две братучетки. Е, тој Јован Атанасовски, во почетокот на триесеттите години, во центарот на Тетово изгради убава семејна куќа со додатен станбен и деловен простор во дворот. И тука некаде почнува приказната. Татко ми скоро вратен од Америка и без некое определено занимање се сложил заштедените пари да ги вложи во кино. Значи да прецизираме - мотивацијата на татко ми да се зафати со киното била - нешто да се работи! И да знаеш - иницијатива и големо влијание за оваа одлука имал блискиот роднина на мајка ми Анѓа, харизматичниот Кузман Најденоски. Треба да знаеш дека Кузман Најденоски бил двигател на културниот живот во Тетово и бил сопственик и главен уредник на весникот ’Глас Полога‘. Гледај како сега се врзуваат работите! За оваа идеја се заинтересирал и баџанакот на татка Јован Атанасовски. Тој веќе го имаше изградено објектот во центарот на градот. По мое гледање, според едноставноста, тој објект веројатно бил изграден за магацин или за работилница. Но паднал договор - тука ќе се прави кино!“
Јован Атанасовски го дал објектот, а Матеа Ристоски вложил во опремувањето на киното. Купил кинопроектор, озвучување, неопходна инсталација, мебел... На 15 март 1932 година банот на Вардарска бановина, врз база на повеќе законски прописи и извештаи, издава решение со кое се одбрува работата на киното „Балкан“. Матеа Ристоски го сели семејството во Тетово. Во почетокот на 1932-та година. „Се сместивме во дворната куќа на Атанасовски. Се сеќавам, кога беше лето, кај нас доаѓаа пријатели и роднини и од дворот, низ отворените врати на киното, ги гледавме филмовите.“
Киното „Балкан“ имало фоаје, благајна, кинокабина над благајната и интерполирана во висина на салата, киносала, санитарни јазли, прирачни магацини и до објектот била изградена мала барака во која бил сместен трансформаторот. „Киносалата имаше околу 370 седишта и тоа вака распоредени: напред имаше десет реда клупи, па потоа неколку реда столчиња поврзани со летви за да не се мрдаат и на крај имаше 22 маси со по три столчиња. Ти велам, не беше тоа модерна киносала, немаше ниту балкон, ниту ложи, ниту фиксни седишта, а и подот беше рамен, значи немаше косина која ќе овозможува подобро гледање. Ама нејсе, публиката си доаѓаше. Ова е интересно - забележи го: фоајето беше озвучено. Пред проекциите и во паузите мегу чиновите пуштавме модерна, забавна музика, а кога ќе почнеше проекцијата и од холот можеше да се следи дијалогот или музиката од филмот. Кинопроекторот беше „Ернеман 2“ со Цајсиконова оптика. Татко ми го набави од Германија. Светлосниот извор се обезбедуваше со помош на јаглени електроди. Тоа беше посебна песна. Требаше нон-стоп да се внимава - електродите брзо се трошеа и тоа влијаеше врз јачината на светлината и со тоа на самата слика. Сега е лесно - со ламби, апаратерот е слободен.“ Во прво време проекциите ги водел Живоин Тотиќ, киноапаратер од Лесковац. Но во 1936 година Јошко Божиноски го положил испитот за киноапаратер и целосно ја презел обврската околу техничката работа во киното.
„Киното работеше секојдневно. Во делничен ден имавме само вечерна проекција, а во неделите и празниците и матине и вечерна. Во киното немавме бифе. И сега слушај: имавме еден проектор и кога требаше да се менуваат ролните - ете пауза од 3-4 минути. И тогаш доаѓаа сопствениците од соседната слаткарница и нудеа слатки. Оние пак што сакаа да се напијат клакери одеа до соседниот дуќан.“ Инаку репертоарот бил договаран за цела година. Дистрибутерите, пред секоја нова година, доставувале каталози и ете ја можноста да се направи најсоодветен избор. Во тоа време Тетово било некако скраја, немало добри транспортни врски, па затоа Ристоски и Божиноски филмовите ги менувале седмично - еден филм, една недела. Инаку комбинирањето на програмата била вообичаена за тоа време: најнапред „актуелности“ (филмски журнал, најчесто од Фокс), па потоа игран филм. Така било во делничните денови. Но кога бил празник или недела тогаш програмата изгледала вака: најнапред бурлеска, па игран филм и најодзади филмски журнал. „Се сеќавам, вели архитект Ристоски, беше Велигден. Кај нас на репертоарот еден хит-филм за Исусовото воскресение. Билетите беа распродадени со денови однапред. Дојдоа воглавно средновечни и стари луѓе. Жените, кога ги гледаа сцените кога Исус го носи крстот, не седеа туку клечеа на душемето и се крстеа. Ова го паметам многу добро. Инаку, големи турканици имаше и за филмовите ’Во знакот на љубовта‘, ’Бенгали‘, ’Шпанска романса‘, ’Преријата во пламен‘, ’Вива Вила‘, ’Модерни времиња‘, ’Тарзан‘, ’Грофицата Валевска‘ и за редица други. На повозрасните тетовци филмски љубимци им беа Марлен Дитрих, Жан Габен, Шарл Боаје, Грета Гарбо, Рамон Новаро, додека ние помладите ги сакавме Гари Купер, Џони Вајсмилер и други ѕвезди што настапуваа во авантуристичките и вестерн филмовите. Многу млади тетовци се фотографираа, имитирајќи ги своите филмски љубимци. Меѓу нив беше и вујко ми, Јошко Божиноски. Нему му беше лесно. Работејќи во киното имаше најголема можност да ги ’простудира‘ однесувањето и позите/манирите на големите ѕвезди и да ги имитира пред фотографскиот апарат. Што се однесува, пак, до рекламирањето на репертоарот користевме плакатирање. Исцртувавме големи плакати и ги постававме на најпрометните места во градот. Во фоајето постававме паноа со оригинални плакати од дистрибутерите, и од филмот што е на репертоар и на оној што доаѓа. Ама во чаршијата имаше уште еден начин за реклама. Еве, за секој филм што ќе дојдеше правевме пробна проекција во потесен круг на која обично имаше и по некој претставник од власта. Тие проекции по правило беа наутро. Еден час по завршување на проекцијата во чаршијата веќе се знаеше каков филм ќе има. Пожива реклама од ова - здравје!“
Киното го посетувале претежно чаршиските луѓе (поимотни занаетчии, трговци) и интелигенцијата. Тие доаѓале иа вечерните претстави, и тоа фамилијарно. Во Тетово имало и поголем број државни службеници и тие доаѓале само да ги видат журналите и потоа заминувале. „Знаеш, Тетово беше патријархален град. Не можеше да се замисли девојка сама да појде во кино. Или, пак, со момче! Можеше, евентуално, со некоја другарка, но со многу молења и кумења. За учениците беше строго забрането сами да одат во кино на вечерните проекции. Беше вообичаено на вечерните проекции во киното да има по некој дежурен професор. Исто како и дежурањето на корзото. Ќе дојдеше седум часот навечер, ќе се појавеше на корзото лично директорот на гимназијата и ние - магла, да нè нема!“
Киното „Балкан“ во првите три години работело рентабилно, но веќе во првата половина од ’35-тата се чувствува извесна криза. Неколку месеци подоцна, поточно на 23 октомври 1935 година, во Тетово проработело и второто постојано кино „Лешковиќ“. „Е тоа веќе беше модерно кино. Ги имаше сите предуслови што се неопходни за една културна институција. Имаше 460 седишта. Имаше партер, балкон и ложи. Но набргу во семејството Лешковиќ се случи голема трагедија. Некако едноподруго починаа двата сина на стариот Лешко, па со киното раководеа нивни блиски роднини Саво Нонески и Борис Петроски.“
Појавата на второто кино ја поделило публиката. Во град со жители чија бројка се движела помеѓу 14000 и 15000 - две кина биле премногу. И двете работеле на работ на рентабилноста. И така, во 1938 година, Матеа Ристоски повторно заминува за Америка. Таму, во земјата отаде Големата бара, го затекнува Втората светска војна. Во Македонија се враќа по војната, во 1946 година, со првиот брод што отпловил од Америка за Југославија. Што се случува со киното? „Во киното остана да работи вујко ми Јошко. Тој полека почна и мене да ме воведува во работата со киното. И така јас, кој пред тоа бев само набљудувач или ако сакаш најточно „лево сметало“, почнав сернозно да работам во киното. Најнапред вујко ми ме обучи да пуштам музика, потоа научив да ги премотувам ролните и на крајот научив да работам и со кинопроекторот. Во 1942 година се случи моето огнено крштевање како киноапаратер. Самостојно го пуштав филмот ’Робин Худ‘.
За 2.светска војна и потоа
“И дојде Втората светска војна. Тетово е во италијанско-албанската фашистичка окупациона зона. Врз Јошко Божиноски се врши притисок да го отстапи киното. И тој, за да го сочува животот на семејството (и неговото и на Матеа), потпишува дека киното им го предава на други сопственици: Даут Имери, Ќамил Иљази и Јаја Сељмани. Платиле за инвентарот - ништожна цена, колку да се каже дека нешто платиле. „Тоа беа смешно мали пари за откуп на инвентарот на киното. Беше тоа само форма како да се приграби нешто што не е нивна сопственост. Но вујко ми морал да се согласи затоа што, во тоа време, можеше темнината сите нас да нè проголта. Инаку, ние си продолживме да работиме во киното: вујко ми беше цело време таму, а јас се почесто ја вршев киноапаратерската работа. Од сопствениците во киното наминуваше само Даут Имери. Тој по професија беше шофер. Останатите двајца никогаш не ги видовме. Јаја се занимавше со политика, му беше помошник на злогласниот Џемо. По војната Јаја и целото негово семејство беа егзекутирани. А Ќамил Иљази и Даут Имери се иселија за Турција.“
По ослободувањето Јошко Божиноски бара од новата власт дозвола за продолжување на работата на киното. Ја добива. Во тоа време од Америка се враќа и Матеа. „Се собравме повторно сите. И вујна почна да работи во киното како благајник. Работата тргна. И тука има еден интересен момент: Татко и вујко Јошко, заедно со раководителот на киното ’Лешковиќ‘ Сава Нонески и со сопственикот на гостиварското кино ’Уранија‘, формираа едно заедничко приватно киноприкажувачко претпријатие. Со тоа ги намалија издатоците за изнајмување и за рекламирање на филмовите. Филмовите ги пендлуваа - еден ист филм се прикажуваше во сите три кина, но со различно време на почеток. Така ролните можеа да се пренесат од едно до друго место. Убаво тргна. Јас размислував за факултет, ама киното ме имаше врзано како со магнет.“
Ама дојде онаа ’48 година. Што многумина ќе ја паметат!
„Еве како се сеќавам за таа година. Беше топло пролетно време. Вујко ми и јас бевме во фоајето и цртавме плакати за наредните филмови. Наеднаш влегуваат тројца и ни наредуваат да го напуштиме киното. Велат: ’Национализирано е. Од овој момент киното е државно‘. Ни кажаа само дека примопредавањето ќе го изврши некаква комисија. Татко ми и вујко ми повеќепати бараа да видат што се случува со таа комисија, но сè остана залудно. Тоа ми се чини беше пресудно и татко ми рече: ’Терај на факултет. Да не те видам тука, учи, а ние ќе се снаоѓаме‘. Јас и подоцна, кога веќе бев студент, наминував во киното. Беа набавени нови Искрини проектори, во киното почна да работи и градскиот театар. Се сеќавам некаде 1951-53 се извршија некои адаптации, беа изградени и гримиорни. Во киното се всели и Управата на Градските кина - Тетово. Кога доаѓав дома, во Тетово, наоѓав време да направам и некоја сценографија за театарски претстави. Еве, направив сценографии за ’Заеднички стан‘ и за ’Македонска крвава свадба‘. Јас докрај останав врзан за тој простор. Татко ми и вујко ми си тераа своја работа, но никогаш повеќе не зборуваа за киното. Знам дека тоа ги болеше, ама молчеа. Тагата си ја носеа во себе. Јас, пак, ете поинаку. Сакав да дојдам до киното, да го осетам мирисот на холот, да ги слушнам проекторите... И сега каде да појдам? Затоа инсистирав да појдеш, да видиш! Каде сега да одам? Да ја видам замандалената врата?“
Сега, пензионираниот инженер архитект Ристо Ристоски ќе се види на кратко со некои блиски познаници, ќе направи убаво кафе, ќе позборува за времето кога во Тетово беше главен градски архитект и толку. Или, пак, ќе појде до Скопје да се види со децата и нивните семејства. „За киното немам со кого да зборувам. Вујна е болна, а и таа не сака да зборува за киното. Но, ете, дојде ти и, гледаш, три дена едноиодруго зборувам, зборувам... Ме врати во едно друго време. Мое Тетово со занаетчиите, со центарот Бунар, со Масларскиот пазар, со Горна чаршија... и над сето тоа - Бал Тепе. Знаеш како велевме ние тетовци за нашиот град во тоа време? Тетоо наше ка мау Париз“. Заминувам од домот на господин Ристоски. „Дојди и другпат. Без повод. Ќе помуабетиме. А може и до кината да скокнеме.“ Со последниот автобус се враќам кон Скопје. Единствен патник сум. Шоферот ми покажува - еве, ова е Карпалак. Зад мене останува Бал Тепе. И еден господин кој станал познат архитект, а почнал како киноапаратер. Сонувачи на секој чекор!
Извор: Илинденка Петрушева; Сонце на дирек - мали приказни за македонските филмски сонувачи; Македонска реч, Скопје, 2005; ISBN 9989-163-06-5
Куќите од 1986 кои ги нема, до Културен Дом
Десно се куќите на тетовската фамилија Гулевци сликани 09.октомври 1986. СЕ НАОЃАЛЕ НА: улица Маршал Тито, веднаш спроти денешното седиште на СДСМ Тетово и Уни Банка. Овие куќи се рушени само 1 година подоцна во 1987 и со тоа завршува проектот целиот кварт на кој се наоѓа Денешниот Културен Дом да биде посветен нему, а куќите да се рушат. Тој проект започнал со рушење на Тупан Џамија 1965, а завршил по 22 години, пролеттта 1987 токму со рушење на овие останати куќи. Сите куќи се експроприрани, а моите соговорници се сеќаваат дека Културниот Дом паралено се градел позади нивниот двор (пуштен е во употреба 1972 година) додека они сеуште живееле тука. На втората слика дури и се гледа врвот од Културен Дом зад куќите. На нивното место денеска е всушност вториот коловоз од Булеварот Маршал Тито кој беше проширен. Зад куќиве денеска би бил влезот на Денешната Градска Библиотека под Културен Дом. Куќите на ГулевциНа првата слика се двете куќи на Фамилија Гулевци. Десната на првата слика (или целата куќа на втората слика) е постарата купена во балканските војни од Сане Ристов Гуле (познат илинденец и забележан тетовски револуционер. Тука живеел и починал), и таа куќа ја наследил неговиот син Атанас, кој пак е татко на Тома Ристоски - Гуле (денес преселен во Гевгелија). Зад оваа куќа започната била куќа за вториот брат Драго кој починал 1948 и затоа била недовршена (таа била користена како магацин на Треска, а потоа на нејзино место е дел од Домот на Култура кој до скоро беше шаховскиот клуб) За да бидат браќата заедно, за третиот брат - Душан се купува плацот десно од оваа куќа (на првата слика: десна куќа, на третата: десна куќа и на четвртата: куќата во средина). Таа е изградена 1928 година (се гледа и датумот на зумираната слика) и во неа живееле и неговиот син Санко-Гуле, и синот на Санко - Крсте (денес преселен карши Тетовскиот Црвен Крст). Адресата на оваа куќа на Душан се сеќаваат дека се водела 'Ул.Маршал Тито бр.33'. Во неа долу имало 3 дуќани, и тоа пред рушењето: Бомбониера 'Бамби', железара 'Занат Сервис Македонија' и продавница за авто-гуми (oдреден период и дуќан за модни обувки). На четвртата слика, најдесно на крај, високата куќа е на фамилија Анчевци. После неа е раскрсницата на Ул. Јане Сандански и ул. Маршал Тито, а по неа во низот била куќата на Тупанче. Ова би била сликата на оваа улица, која би ја затекнале од 1920-тите до 1987 година, штом на едни куќи пишува дека се градени 1928, а некои и порано пред и за време на балкансите војни. За поголема резолуција, погледни ги сликите во албумот: ОВДЕ. Благодарност за сликите на фамилија Гулевци: Крсте Ристоски и синовите Саше и Мики. |
Нов проект: Дигитализација на Тетовското Наследство
21.10.2017 ~ Започнуваме уште еден Мега Проект: 'ДТН - Дигитализација на Тетовското Наследство' каде планирам да ги ставам сите новински исечоци, магазини, стари книги за Тетово на едно место, и кои ќе помогнат на сите идни истражувачи и историчари. Првата збирка новински исечоци е веќе поставена: Тетово (Калканделен) во весници на Англиски Јазик од времето на Османлиското владеење (до 1912 година) Следат уште збирки по теми и години... Целокупната збирка ќе биде ставена на следниот линк: http://www.gavro.com.mk/galerija/docs |
Заштитено Културно Наследство во Тетовско (?)
~ 06.03.2017 ~ Ако сте се прашувале некогаш зошто секој ден се рушат примероци на старата градска архитектура во Тетово, одговорот е следен: Во Градот Тетово ЕДИНСТВЕНО 9 (девет) куќи се заштитени со Закон и на листата за Културно Наследство. Ќе се сложите дека во Тетово има многу повеќе од 9 куќи што треба да бидат заштитени. И тоа веднаш. Само нема кој да предложи валоризација после последната од пред 40 години.
Во цела Македонија вкупно за културно наследство се прогласени 1235 објекти и места. Од нив само 28 се од Тетовскиот крај, од кои само 14 во самиот Град Тетово.
Ова е одговорт на сите оние кои се зачудени од секојдневното уривање на прекрасни примероци на стари градски куќи во градот Тетово - во целиот град само 9 куќи се воопшто ЗАШТИТЕНИ. Неможе да се зачува нешто што воопшто и не е заштитено, а причина за тоа е што не постои иницијатива од самите Тетовчани за предлог за заштита на значајните куќи во градот. Последната валоризација и истражување што да се зачува во Тетово е од 1970-тите. Да не зборуваме дека во целиот Тетовски Крај нема ама баш НИТУ ЕДЕН заштитен примерок на стара селска куќа од Долно-Полошкиот крај.
Се додека оваа листа е толку скудна ќе бидеме секојдневно сведоци на уривање на бисери на староградската архитектура. За ова или може да се чека некој да се сети седејќи во канцеларија на УЗКН во Скопје, или иницијативата треба хитно да биде покрената од Тетовчани.
Замислете не се заштитени објетктите на: стара библиотека, работнички универзитет, музичко училиште, куќата на Бранко Гапо, педесетина вредни куќи на ул. Гоце Делчев и споредните улици, Однадвор шараната турска куќа на Ул. К.Ј.Питу од 1905, Стариот лик на дуќаните на Ул. Страшо Пинџур од 1920-тите, Старата Пошта, Архивот.... Старите куќи во Горно Маало, Саат Маало... Листата може да биде бесконечна... Но нема кој да ја состави...
Најстрашно е што: и да не се заштитени, нема барем институционален каталог и валоризација, барем организирана официјална фото-докумнетација од старите објекти... а некој зема плата за тоа... Несериозно е државата да има листа од само 9 куќи како единствен репрезент на тетовската стара архитектура (едно време беа и до 17... ама ги избришаа од листата зошто пропаднаа...)
Ова значи дека секоја од овие вредни споменици на старата архитектура - може утре да биде рушена - а вам ќе ви остане само да викнете локална телевизија да сними... и толку
Можеби не е од незнаење... можеби некому одговара само побргу на тоа место да изгради нова зграда...
Изволте... Слободно рушете све освен овие 9 куќи... Според листата све друго е непотребно и слободно за зграда.. РУШИ
Подолу е листата на заштитено Културно Наследтво по Општини и населени места:
Галерија на Икони - во црквата Св. Кирил и Методиј
|
Скриениот Попис: сите тетовски жртви 1941-1945
~ 16.02.2017 ~ За прв пат го објавувам точниот број на жртвите во Тетовско од војната 1941-1945. Точно 546 жртви на ‘фашистичкиот терор’. За прв пат и целосна анализа на податоците од официјалниот статистички попис на жртвите кој претходно не бил објавуван намерно.
За прв пат го објавувам точниот број на жртвите во Тетовско од војната 1941-1945. Точно 546 жртви од старата Тетовска Општина на ‘фашистичкиот терор’. За прв пат и целосна анализа на податоците (по села, етнички состав, причини за погибијата и година на истата) од официјалниот статистички попис на жртвите кој претходно не бил објавуван намерно !
Погледни ја листата најдолу, можеби меѓу некои од овие имиња, се кријат и твоите предци
НАЈДОЛУ: Целокупната листа од Тетовско за секоја населба - со Име и Презиме на секоја жртва, раѓање, погинување...
Погледни ја листата најдолу, можеби меѓу некои од овие имиња, се кријат и твоите предци
Досегашната наука за овој период е или пристрасна во анализите или дава само паушални броеви и претпоставки... незнаејќи за постоењето на Официјален Попис на жртвите спроведен во 1964/65, а кој никогаш претходно не бил објавен од политички причини.
Сега овде, за прв пат пред тетовската јавност ги објавувам податоците за Тетово, (достојни можеби и за цела една научна книга објавена со ваков наслов) а со детална моја анализа и статистика, за конечно да се даде научна потврда за жртвите од овој период.
Имаме во предвид дека конечните факти за секоја жртва никогаш можеби нема да биде утврдена и конечна. Но до ден-денешен оваа листа составена врз онова на официјалниот попис 1964-65, е најкомплетната, официјална, научно верификувана листа за жртвите на војната 1941-1945 кога и да е објавена... пред очите на јавноста по цели 50 години !
Скриениот официјален попис на Жртвите од Војната 1941-45
Сојузниот Извршен Совет на СФРЈ, на 10.јуни 1964 одлучува да се изврши попис на воените жртви од 1941-1945. Врз основа на тоа на 17.јуни формирана е Сојузна Пописна Комисија а обработката на податоците е доверен на Сојузниот Завод за Статистика. Организацијата на пописот по Републики требало да го спроведат републичките комисии.
Според одлуката требало да се попишат сите жители на Југославија кои биле ’жртви на фашистичкиот терор’ во периодот од 06.април 1941 до 15.мај 1945. Во методологијата било јасно наведено дека треба да се попишат сите цивилни жртви по разни основи, како и сите припадници на партизаните (припадници на НОВ и ПОЈ).
За пописот биле ангажирани повеќе од 25.000 попишувачи и уште 5000 кои се занимавале со помошни работи.
Пописот е спроведен во Ноември 1964, а потоа продолжен до Април 1965.
Зошто пописот не бил објавен? Бројките во резултатите биле помалку од очекуваните !... имено, со овој попис излегло дека во цела Југославија има точно 597.323 жртви на војната, што било далеку под дотогаш прокламирани и проценувани 1.706.000! Затоа, Сојузниот Извршен Совет го прогласува пописот за неквалитетен, па донесена е одлука за ставање на забрана за користење на пописот. Целокупниот материјал е предаден на Архивот на Југославија каде и денес во оргинал се чува, притоа никогаш да не биде објавен.
Дури во март 1992 Извршниот Совет на новата Сојузна Република Југославија конечно ја трга забраната (го декласифицира) за користење на податоците од овој попис, при што биле објавени во едиција од 16 дела, која била достапна само на мал број институции на користење.
Во 1995 година во Белград институционално се формира Музеј на Жртвите на Геноцидот, која за примарна задача го превзема токму анализа и ревизија на списокот од овој попис. Го дополнува и ревидира 1995-98 и повторно 2002-2008 за конечно резулатите да ги стави достапни за јавност, поделени по Републики при што е и целокупната листа за Македонија од каде јас ги вадев податоците за Тетово.
Точно 546 жртви од Тетовско
Според анализата на листата од Тетовско најдолу (под што се подразбира старата Општина Тетово), овој крај дал точно 546 регистрирани жртви на ‘фашистичкиот терор’.
- Жртви: Секоја жртва е заведена со: Име, татково име и Презиме / година на раѓање / националност / која година е убиен / околности на смрта / каде е убиен / шифра под која се води во евиденција
- Населени места: Листата е поделена по населени места. Од Тетовско има жртви во 76 места (градот Тетово + 75 села). На листата се преставени по азбучен ред. Инаку Тетовско има 93 населби (градот +92 села). Ова значи дека само 17 села во Тетовско биле среќни да немаат ниедна жртва.
- Најмногу жртви по места: Тетово (116), Вратница (24), Беловиште (23), Челопек (20), Одри (17)...
- Најстара жртва: роден 1869 - старец од 74 години - Старчевиќ Петар од Тетово, србин, убиен 1943 во затвор
- Најмлада жртва: роден 1942 - бебе убиено во директен терор на само 1 година во 1943, - Цветановски Трајанче од Тетово, македонец.
Интервју: Гојко Ефтоски - тетовски новинар
~ 14.02.2017 ~ Интервју со Ефтоски, еден од доајените на тетовското новинарство, дописник од Тетово на многу весници, основач на локалниот Весник ПОЛОГ, и автор на повеќе книги за Тетово.
Иако цел живот правел интервјуа и репортажи, сега од мене за прв пат и тој е во позиција да биде интервјуиран, зошто го има задолжено Тетово со својот долгогодишен труд... и годинава со ЈУБИЛЕЈ од 50 ГОДИНИ НОВИНАРСКИ СТАЖ !!!
![]() На 14.02.2017 го имав првото интервју кој некој го прави со господин Гојко Ефтоски - човекот кој секогаш другого интервјуираше и правеше репортажи како Тетовски Новинар. Тоа е човекот кој по многу нешта го има задолжено Тетово... дописник од Тетово, основач, уредник, директор на локалниот весник ПОЛОГ, автор на книги за Тетово... Еве што Ефтоски сподели за нашиот Портал, како одредници од неговиот живот: Роден на 13.09.1941 во Врапчиште по што се населува во Тетово каде цел живот работи и живее. Негова сопруга е Бранка, деца: Јелица (1963-) и Сашо (1965-2001). Покрај бројните општествени функции на кои бил, тој најактивно се занимава со новинарство. Годинава празнува 50 години новинарски стаж, започнувајќи уште 1967 како дописнинк на вечер па се до ден денес ! Во 1967 избран на огласот за дописник од Тетово на весникот ’Вечер’ каде останува цели 34 години се до 2001. Дописник е и на други бројни весници (подолу цела листа). Во 1969 заедно со Живко Стефановски се основачите на Локалниот Весник ПОЛОГ, како орган на Сојузот на Социјалисти на Тетово, кој потоа се обединува со Радио Тетово во 1971 во еден 'Центар за Информирање и Издавачка Дејност ’ПОЛОГ’ - Тетово'. Токму Ефтоски бил и Директор на овој центар од 1975 до 1983. Во 1974 завршува и едногодишна школа на тогашниот престижен Југословенски Институт за Новинари во Белград, каде еден од неговите професори е и познатиот писател и новинар Момо Капор. Автор е на 8 книги за Тетово (види подолу листа) Значаен придонес има и во спортскиот живот со тоа што во 1980-тите е член на одборот на Одбојкарскиот Клуб Љуботен а во еден период и Претседател. Член на одбојкарскиот сојуз на Македонија и на Југославија (таму и член на претседателството). Од 1999 до денес е редовен дописник од Тетово за Весникот 'Утрински Весник'. На прашањето, на кои негови написи во кариерата е најповеќе горд, јасно одговара дека тоа се репортажите кои ги објавува во весниците, а се однесуваат на цели историски теми за историјата на Тетово (хоровите, школството, Лешок итн). Ефтоски напоменува дека според неговата евиденција во целокиупниот негов дописнички стаж во овие 50 години (1967-2017) тој има објавено над 30.000 прилози. Според пресметките, ако тие се во просек текстови од половина страна тоа значи дека има објавено над 15.000 страници текст. На шега вели: тоа ’во превод’ би биле дури 150 романи од по 100 страни... Негови идни планови, покрај ангажманот како дописник за ‘Утрински Весник’ и ‘Пензионер’ се и објавување на уште 3 книги со неговите новински написи за Војната 2001, Како и Неговите Новински Репортажи од Тетово, и новинските исечоци 'На минута со...' кое го објавуваше како дописник за Утрински. Весникот и Издавачки Центар ПОЛОГЕфтоски ни раскажа за историјата на Издавачкиот Центар Полог (каде 7 години бил и Директор) и двата најважни делови на овој Ценар: Весникот Полог и Радио Тетово: 1967 – Го формираат заедно со Живко Стефановски весникот Полог каде он е Главен и Одговорен Уредник а Живко Директор, првин на Македонски и Албански јазик, еднаш месечно. 1971 се спојуваат Полог и Радио Тетово во Центар за Информирање и Издавачка Дејност 'Полог' –Тетово – како орган на Социјалистички Сојуз на Општина Тетово 1975 излегува тројазично (сега и на Турски), а Центарот го превзема и водењето на Службениот весник на Општина Тетово. Седиштето на весникот е напрвин од 1967 во денешната зграда на денешното Биро за Социјални Работи во Тетово (ул.121), од каде 1971 им се придружува и радио Тетово префрлајќи се од Работнички Универзитет тука. Од 1976/7 Центарот се префрла во зградата на ул.Радован Цониќ (спроти Тетовскиот Музеј) каде останува до крајот. Издавачкиот центар во чиј склоп е и Радиото и Весникот од 5-6 вработени на почетокот станува на 24 вработени до 1983. Издавачката дејност покрива издавање и на над 40 наслови на книги на различни автори од Македонија. 1973/4 - Ефтоски е иницијатор за формирање на ’Здружение на Локални радио Станици во Македонија’ кое функционира до 1990-тите. Од 1975 до 1983 Директор на Центарот за издаваштво ’Полог’ е токму Гојко Ефтоски. 1975/6 – На Радио Тетово се воведува емисија на 4-ти јазик: Ромски – со што Радио Тетово влегува во историјата како Радио на кое прв пат во светот се слушнал Ромскиот јазик Посебно горд е што за време на неговиот манадат како директор, во 1981 се отвора зградата на Радио Тетово на патот кон Брвеница опремена со предавател од 2 кв, со среднобранова антена, ултра кратки бранови, 2 студија (мало и големо), скривница, најсовремен агрегат за струја... Се сеќава дека Радиото било толку рентабилно, особено со ‘поздрави и честитки’ што во одредени периоди само 10% од приходите биле од страна на општината и тоа можело да се самоодржува. Дејноста на издавачкиот центар, весникот Полог и Радио Тетово трае до 1990-тите кога згаснуваат особено по Законот за приватизирање на локалните радио станици. Ефтоски во својата кариера е тетовски дописник на:
Книги на Ефтоски:Ефтоски е самостоен автор или коавтор на неколку монографии и книги:
|
1-10 of 71