Дома > Тетовски древности > Спомени и марифети > Верска традиција> Водице>

Водице

Текстот подолу е авторско право и за прв пат објавен пишан опис на празникот, дел од необјавената граѓа на авторот Дарко Гавровски. Тие никогаш претходно не се напишани и презентирани, а се планираат да се објават како дел од едицијата ‘Тајните на Тетово’. Објавувањата и цитирањата мора да бидат со претходна дозвола на авторот.

 

Овој празник уште се вика и литературно Водици, но и Водосвет, Војордание и Богојавление и е денот кога Јован Крстител го крштевал Исус Христос во реката Јордан. Според верските канони, секој 19 јануари, се организира фрлање на крст во вода во која чекаат да го фатат момци. Оној кој ќе го фати крстот ќе има среќа цела година, а со тој чин е осветена водата и симболично извшено крштевање.

Денес централната манифестација на ‘фаќање на крстот’ на самиот ден Водици во гр.Тетово, се случува во црковниот базен изграден специјално за таа намена во дворот на соборниот храм ‘св.Кирил и Методиј’. По селата тоа се прави во најблиската река. Адетот е тој што го фатил крстот, со дружината потоа одат од куќа на куќа каде ги даруваат со пари, ракија...

Двапута се фрља крстот

Тетово не би било Тетово ако нема поинакви чешит адети од другите. Имено, од пред 20-тина година во Тетово, крстот се фрла не само утрината на 19.јануари во св.Кирил, туку и еден ден порано, утрината на 18.јануари се фрла крстот во базенот на црквата св.Богородица во Горно Маало. Така во Тетово два пати се фрла и се фаќа крстот во две цркви два дена едно подруго – еднаш на 18-ти во Богоројца (Водокрст, наречен и Водопост зошто е строг пост - денот кога е крстен самиот Јован Крстител), другпат на 19-ти во св.Кирил.

Дека е ова несекојдневен настан - реткост во православието, на кој присуствува и Митрополитот Кирил, читај на официјалната страна на МПЦ (со многу слики и имиња на кумовите и на оние кои се фрлале по крстот):

Именд‘н

Зошто овој празник уште се вика и ‘Војордание’ (во Јордан реката) - овој ден им е именден на сите што се викаат Јордан, Јорданка, Данче, Данчо, Даниела...

Утредента е св.Јован Крстител, па именден им е на Јован, Јованка, Ване, Ванчо...

Среќен ви имендан - Вечно ви име.

Водице се праело у Река Пена

Ама тоа што најчесто ме прашуа Тетовчани, е зошто крстот нe се фрла во река и дали некогаш тоа се правело. Епа моите вести нема да бида ексклузивни, ако пак за прв пат пред тетовската јавност не преставимо нешто ново.

Јас го пронајдов, и овде (види десно) како посластица ви го преставувам, новинскиот исечок од локалниот весник ‘Глас Полога’ во кој детално се опишува церемонијата за Водици баш од пред 75 години, на самиот ден - 19.јануари 1935 година:

Народот се собирал во црквата св.Кирил, за од таму, во 09:00 часот да тргне со литии во долга процесија се до камениот мост близу гимназијата (доскоро Медицинско, сега пак Гимназија, крај Полиција). Тој мост денес е метален, зошто претходно камениот на тоа место е разрушен со поплавата 1979 година.

Кога попот го фрлал крстот до голите капачи кои чекале во реката Пена, деца во исто време пуштале гулаби, а потоа сите земале од светената вода.

Од следната година 1936. крстот се фрлал од новиот мост изграден летото 1935 - мостот пред амамот (пред шарена Џамија) на денешна улица Илинденска.

Овој прекрасен адет денес непостои. Последен пат Водице се организирало на Река Пена, во јануари 1941. Тогаш се случило нешто страшно: крстот се загубил во водите на реката. Капачите неможеле да го фатат. Рипнале и други граѓани, ама крстот никаде го немало. Како во земја да пропаднал. А по старите суеверни обичаи - тоа било лош нишан. Знак дека нешто лошо ќе се случи годината....  За 3 месеци, на 06.април истата година започнала Втората Светска Војна....

Војната недозволила со најголеми свечености да се организира фрлањето на крстот. Почнало тоа да го прават во базенот во црквата св.Кирил. Војната завршила, но дошол комунизмот кој неоставал многу да се става акцент на верските прашања. Па ова продолжило да се прави во црковниот базен... И така , се до денес...  Останале само убавите сеќавања на големите литии, одењето во процесија од црква до река, пуштањето голуби кој се фрљал крстот...

(с) Дарко Гавровски, 18.01.2010.

  • tweeterIcon
  • facebookIcon

.

.

Новински исечок од тетовскиот локален весник ‘Глас Полога’

посветен на Водици во Тетово,

од 19.јануари 1935

.

Детална прогноза
weather icon
  • макс:
  • мин:
weather icon
  • макс:
  • мин: