Дома > Тетовски древности > Спомени и марифети > Верска традиција> Василица>

Василица - Стара Нова Година

Текстот подолу е авторско право и за прв пат објавен пишан опис на празникот, дел од необјавената граѓа на авторот Дарко Гавровски. Тие никогаш претходно не се напишани и презентирани, а се планираат да се објават како дел од едицијата ‘Тајните на Тетово’. Објавувањата и цитирањата мора да бидат со претходна дозвола на авторот.

Василичарски Песни

Пеењето на децата по куќи заради дочек на голем празник, со што ги истеруваат лошите духови, а носат среќа – не е само симбол на Бадник во Тетово.

Тоа се практикувало и пред други поголеми верски празници. Дали сте знаеле дека било задолжителен адет децата да одат низ маало и да пеат - василичарски песни вечерта уочи Василица, на 13.јануари, и тоа во самиот град Тетово.

Според интервјуата што ги водев со најтарите Тетовчани, оваа традиција порано била доста жива, кога полека почнала да изумира – за целосно да згасне првата половина на 1950-тите.

Децата порано оделе маскирани (сигурно не како денес со маски на Мики Маус и Бетмен) туку со низи пипер или кромид околу вратот, превртено старо палто или гуња, стар капут и сл. Најбитно е што ја имам зачувано и песната коај ја пееле (во ритам како за Бдња Баба) а одела вака:

Ори бабо Василице,
Дај ми малу сланинице
Да нараним дечињата
Да им пукнат мешињата…

По ова ќе чукале силно на дрвената порта за домаќините да им отворат, и да им дадат париче, јабуче…

Жално што оваа традиција е изумрена пред само 60 години. Ама барем еве ја овде запишана засекогаш...

Комад со париче

Иначе адетот кој до ден денес е дефиниција за Василица секако е правењето за ручек на самиот ден (на 14.јануари), комад со париче (пита со паричка) не е битно дали комадот ќе биде со купус и карабибер, или со сирење, или со праз, или со коприје, или со зелје…. , ама битно е да има париче внатре.

Како е адетот:
Газдата (најстариот) во фамилијата е тој што команда со церемонијата. Он пред да го сече комадот најпрво го одлепува од тепсијата и дувнува под комадот на сите 4 ќушиња. Ова е демек да има ветер на гумното од сите 4 страни за да може да го плави житото. Тетовчани одамна немаат свои ниви и жито, па по ова се гледа колку е стара оваа традиција. Татко ми ја прави и ден денес.

Потоа комадот се сече на онолку парчиња колку што има членови семејството и он го дели на сите на трпезата.
Следно: тепсијата со комадот се врти 3 пати на масата за да се види како ќе застене, зошто секому ќе му падне она парче комад што е во тепсијата одма пред него. Парчето не се бира (ова-она го сакам). По правило парчето (среќата) не го бираш – тоа те бира тебе. Затоа на секого му следува она парче комад што е пред него.
Газдата ги дели парчиањата и ги става пред секого во чинија назначувајќи: Ова за Дарко, Ова за…, и обавезно едно се назначува дека е делот: ‘за куќата’ – дел за целиот дом и за среќа и напредија на целата куќа.

Кај кого ќе се падне паричето тој ќе има среќа цела година.
Лани се падна на куќата. Имавмо топол дом, наптредија, полна трпеза и само малку малку кавге ;)

Како е правилно?

Едно мора да го пишем како напомена: Ниеден прав Тетовчанец, никоаш нема да напрае леб со париче за вечера фамилијарна за Бадник (зошто тоа никогаш не бил Тетовски адет) – туку само Комад со Париче за Василица !

Така е во цела западна Македонија, но и Русија, Србија и поголемиот дел на православието. Чисто помодарство и непочитување на тетовските корени: да се прае лепче со париче за бадник, да се испушти на таа сметка - правењето комад со париче за Василица. Тоа е рамно на грев. Се знае: Париче се става у комад за Василица. Таќе праел прадедоми, таќе ме учела баба ми таќе ќе праем ја. Со векоој. Они знаа појќе од некој водител на А1 тв. Зош они го праеле за време турско, когај уште немало телевизија :)

Тетовскиот адет је у право, зошто така вика и житието на Свети Василиј: Тој бил богат човек кој сакал да помага. За да не ги увреди сиромашните со директно давање пари, тој им ставал по еден златник во пита и така им делел од богатството. Во сеќавање на тој чин и ние како него денес делиме паричка во пита.


Нека ни је Василица – за многу године.
Среќна Стара Нова Година

Авторски права: Дарко Гавровски, 13.01.2010.

.

  • tweeterIcon
  • facebookIcon
Детална прогноза
weather icon
  • макс:
  • мин:
weather icon
  • макс:
  • мин: