село Сетоле

Подолниот текст е за прв пат објавен токму на овој портал и е најдетален опис за секое од тетовските села, кој моментално постои. Ова е авторски труд на авторот – Дарко Гавровски, и текстовите се заштитени со авторски права. Не е дозволено никакво репродуцирање без дозвола на авторот. Овој текст е само дел од мојот нареден мегапроект ‘Енциклопедија на Тетовските Села’ во која ќе бидат вброени историите на сите 92 тетовски села.

Сетоле е мала селска населба од збиен тип, во склоп на Општина Тетово, на падините на Шар Планина 8,5 км североисточно од центарот на градот. На пат е на целосно раселување со само 2 постојани жители изброени на последниот попис во 2002.

Селото е планинско со надморна висина од 915 м, и со мал атар од 370 хектари, од кои на обработливо земјиште одпаѓа 78 ха, на пасишта 91 ха, а на шуми 194 ха.

Голем дел од населението на ова село е исселено пред се во градот Тетово, но сепак денес е доста посетувано особено во лето како викенд населба. Заради тоа што овие села (Сетоле, Отуње и Једоарце) први се раселиле во град, најстарите Тетовски градски фамии во голема мера имаат потекло баш од овие села.

Селото живеело од овчарство, но и овоштарство како познато по своите костени и ореви. Имало свое училиште кое се споменува во 1905, а се вели дека едно време тоа броело и 70 ученици.

Ова село е познато по опеаните ‘три неесте сетолчанќе’ во народната песна ‘Огреала Месечина’, а од ова село е потеклото и на контроверзната револуционерка Мара Бунева.

Ова село е најголемо од трите во низа (споредено со Отуње и Једоарце), а тука најсвечено е на селската слава Мала Богородица (21.сеп). Во Сетоле е сместен и Ловечкиот дом на ловното друштво Шар Планина од Тетово.


 

ЕТИМОЛОГИЈА НА НАЗИВОТ НА СЕЛОТО

Сетоле е македонско село, и називот е со словенска етимологија.

МЕСНИ ТОПОНИМИ / МААЛА

  • Чешми: Топилиште, Збирало, Студенец, Кумоа чешма;
  • Извори околу селото: Коритишта, Извор, Плоча, Гулоа ливада, Вртљане;
  • Потеси: Волче, Требеница, Османица, Коштанлиќе, Ѓорчеи падини, Под гумно, Паленице, Ограда, Ќукала, Габер, Вртљане, Полојна, Срториште, Косноа леска,  Камен, Лазои, сеч, Рид, Рибар, Скок, Бузов лаг, Ѓуров лаз, Леништа, Три реќе, Церлиќе, Бел Муш;
  • Маала: се дели на три маала: Преко Дол, Збироало и Опар Маало.

ИСТОРИЈА

Најстари археолошки наоѓалишта:

Во атарот на ова село не се пронајдени археолошки наоѓалишта од Праисторијата и Антиката, но се пронајдени значајни трагови од карпеста уметност (Детале опис во мојата книга ‘Тетовски Древности’).

Од доцното средновековие има остатоци од разрушеното старо село (Старо Сетоле или Горно Сетоле) кое е расселено во денешно Сетоле, а се наоѓало над денешната позиција на селото.

Прво споменување во пишан документ:

Во пишаните податоци ова село под името Сетоле прв пат се споменува во турскиот пописен тефтер од 1453 година (види подолу).

Tурски пописни тефтери (15.-17. век):

Во турските пописни тефтери стојат следниве податоци. (Само за споредба на големината на селото: во истите пописи Тетово има од 103 до 180 семејства, зависно од пописот).

Сетоле се споменува баш под истото име: 

  • 1453 – 8 христијански семејства, 2 вдовици
  • 1468– 19 христијански семејства, 1 вдовица
  • 1545 – 14 христијански семејства, 2 вдовици  
  • 1568 – 20 христијански семејства, 7 вдовици

Во официјалниот турски попис од 1626/27 во вилаетот Калканделен се споменува село Сетоле со 25 христијански домаќинста (џизие ханета).

За време Турско:

Народната традиција кажува дека најпрвин постоеле две села Горно и Долно Сетоле. Горно Сетоле било мало село населено со македонски фамилии кое денес не постои зошто семејтавата под притисок на Албански продори од Љума (област во сев.Албанија) се исселиле во Долно Сетоле, кое е всушност денешното Сетоле. Ги забележав и кажувањата според кои Сетоле прво ‘било погоре’ (Горно Сетоле) па тотоа цело се преселило на денешната локација. Затоа некои таа месност (т.е.Горно Сетоле) ја викаат и Старо Сетоле. Со време местото запустело а атарот на ова село припаднал на Долно Сетоле (денешно Сетоле). Главни потеси на ова Старо Сетоле се викаат: Горно сетоле, Бела вода, Жежница, Кутлина, Ружин лаз.

Од Горно Сетоле, иако имало повеќе македонски родови, поименично се знае само за родот Џинлевци кои се исселиле во денешно Сетоле (подетално читај подолу).

Долно Сетоле било помала населба, зошто за цело Турско време, населението непрестано се исселувало. Што заради притисоци, што заради гурбет. Околу 1890. Сетоле прераснало на 70 куќи, но пред крајот на Турското владеење пред се заради чести напади од Албанци од соседното село Ѓермо, во тој перид се иселиле доста куќи. Најголемиот дел од нив се населиле во Тетово, каде како поимотни, веднаш влегле во градските кругови, па денес голем дел од оние кои се сметаат за градски семејства всушност имаат потекло од ова или од другите две соседни села (Отуње и Једоарце).

Помени (19. – почеток на 20. век):

  • 1900 - Според Кнчов (1900) во селото Сетоле е село населено со 370 жители христијани.
  • 1905 - На почетокот на 20.век и ова село потпаѓа под страните пропаганди, па според Мишев, во 1905 тоа брои 352 жители христијани егзархисти (под капата на бугарската црква), и дека во селото постоело бугарско училиште.
  • 1929 – Селишчев пишува дека Сетоле е село во Џепчишка Општина и има 36 куќи со 216 православни жители.

Официјални пописи (20.век - денес):

  • 1961 - 25 постојани жители (сите Македонци)
  • 1994 - 7 постојани жители (сите Македонци)
  • 2002 - 2 постојани жители (сите Македонци)

Најнова историја:

За време на албанската окупација во втората светска војна, според Трифуноски, македонците од Сетоле имале многу тежок живот. Тогаш тие во целост биле затворени во своите домови и несмееле ниту надвор од нив, ниту во шума со стоката на испаша. Тогаш Албанците (особено од соседно Ѓермо) убиле доста видни домаѓини, на кои им ја опљачкале сета стока и целата покуќнина.

СТАРИ РОДОВИ И ФАМИЛИИ

При своето истражување Трифуноски го има посетено селото во 1947. кога има затечено 22 домови поделени во 15 рода, сите православни Македонци. Родовите во ова село се делат на староседелци и доселени (пред се според времето на населување на селото). Интересно е што поголемиот дел од оние кои се сметаат за доселени фамилии, се дојдени од Призренско:

Стари фамилии:

  • Бачоски (2 куќи, куќна слава Пречиста), порано имале многу овци и преку лето живееле во бачила, по што го добиле името. Многубројната стока преку зима ја чувале во подолното село Непроштено, каде имале нивни ниви и ливади. За време Турско, нивната стока многу пати била пљачкосувана од Албанци, но потоа обновувана. Како големи сточари овој род бил доста разгранет по бројот на куќите, но со време многу се исселиле. Имаат исселени семејства во Тетово, Скопје и Габрово;
  • Буневци (2 куќи, куќна слава Пречиста), имаат исселени во Тетово, Софија и Силистрија. Од овој род потекнува и познатата револуционерка Мара Бунева, а нејзиниот Татко Никола Бунев бил градоначалник на Тетово за време на Бугарската окупација (1915-18);
  • Ѓиковци (2 куќи, куќна слава Голема Богородица), (кај Трифуноски по грешка - Ќуковци), била броен род кој рано се иселил од Сетоле. Потеклото и на мојот дедо по мајка е од овој род (фамилија Сароски, Попоски). Во овој род спаѓа и фамилијата од град Тетово со прекар Цацар. Имаат раселено во Тетово и Скопје, а една раселена фамилија во Романија;
  • Тасеи (2 куќи, куќна слава Алимпије Столпник), имаат расселено една фамилија во с.Туденце.

Доселеници:

  • Фандовци (2 куќи, куќна слава Петковден и св.Никола), Македонци по потекло од Фанда (сев.Албанија), по што го добиле и името. Во Сетоле дошле како православни жители уште доста рано (дошол нивниот предок Јован Фанда). Сега овој род понекогаш се вика и Богдановци. Имаат исселено фамилии во Тетово, Рушчук (2) и на други страни. За старите Фандовци се вели дека се јаки и високи луѓе;
  • Џинлевци (1947: 1 куќа, куќна слава Петковден и св.Никола) Овој род по потекло е од некое место околу шарпланинскиот превој Џини-Бег (2360 м), по што го добиле и името Џинлевци. Напоменавме дека постоеле Горно и Долно Сетоле. Овој род бил прво населен во Г.Сетоле и е единствен род кој со име знаеме дека бил од Г.сетоле (се знае дека во Г.сетоле имало и други родови, кои некада се расселиле). Потоа се преселил во денешно Сетоле. Некој нивни предок во Г.Сетоле имал три сина, од кои еден прешол во Д.Сетоле во родот Фандовци. Подоцна Џинлевци на покана на Фандовци, сите прешле во Д.Сетоле (денешно Сетоле). Од тука многу фамилии од овој род се исселени во Тетово, Скопје, Белград и на други страни;
  • Бутковци (1 куќа, куќна слава Петковден и св.Никола), доселени се доста рано ‘од Призренцо’ (некои велат од Призренска Гора). Во Сетоле се дојдени после Џинлевци. Од ова семејтво како најзнаменит го прикажуваат Трпко, викан Топал, кој бил страв и трепат за Турците. Од овој род се исселени во Тетово, Скопје и Бугарија;
  • Мазниковци (1 куќа, куќна слава Петковден и св.Никола), населени се во исто време и со исто потекло се нако и Бутковци. Нивна исселена фамилија има во Тетово;
  • Филиповци (2 куќи, куќна слава Петковден и св.Никола), потекло и време на населување – како и претходните два рода. Една нивна фамилија живее во Бугарија;
  • Пљешкои (2 куќи, куќна слава Петковден и св.Никола), потекло и време на населување – како и претходните родови;
  • Дојчиновци (1 куќа, куќна слава Петковден и св.Никола), потекло и време на населување – како и претходните родови. Имаат исселени фамилии во Скопје и Бугарија;
  • Дуковци (1 куќа, куќна слава Петковден и св.Никола), потекло и време на населување – како и претходните родови
  • Ецо Рогопеч (1 куќа, куќна слава Петковден и св.Никола), дошол нивен предок како домазет од село Брезно;
  • Биљјаковци (1 куќа, куќна слава Голема Богородица), потекнуваат од предок Костадин кој дошол од с.Вратница;
  • Јосифоски (1 куќа, куќна слава Петковден и св.Никола), домаќин на овој дом е Сава, кој бил роден во Брезно, а како посинет дошол во Сетоле. Во Брезно припаѓал на родот Бојковци.

Целосно исселени родови за кои во 1947 само се раскажувало дека претходно живееле тука се:

  • Ѓеровци – еден дел од овој род изумрел во сетоле, а другиот дел се исселиле во Тетово;
  • Качовци (4 куќи) сите се преселиле во соседното село Лешок;
  • Грубановци – не се знае каде се исселиле;
  • Стеван (1 куќа) иселен во Лешок;
  • Цинцаровци (6 куќи) исто така иселени во Лешок.
     

РЕЛИГИЈА

Верски објекти:

Во селото има една селска црква - Рождение на Пресвета Богородица (Мала Богоројца) а се наоѓа на западниот крај на селото. Изградена е 1862. врз темели на постара црква. Во дворот на оваа црква се наоѓаат и селските гробишта и трпезарија во кој се служи ручек за време на селските слави.

Селска слава:

Рождение на Пресвета Богородица (Мала Богоројца, 21.сеп), кога се празнува со богослужба, народен собир и делење ручек во црковната трпезарија.

ИНТЕРЕСНО

  • Огреала Месечина - позната тетовска народна песна во која се опејуваат ‘три неесте сетолчанќе’ кои од Сетоле тргнале за Тетово за да купат белило и црвило. Слушни ја песната изведена од Васка Илиева.
  • Мара Бунева по потекло од Сетоле - Познатата македонска револуционерка Мара Бунева е родена во Тетово, но нејзините предци се од село Сетоле од родот Буневци, кои се иселиле во градот. Нејзиниот татко Никола Бунев бил градоначалник  на Тетово од 1915-1918, за време на Бугарската Окупација. Читај повеќе...
  • Тодор Скаловски по татко Сетолчанец - Во својата автобиографија (Скопје, 2003) познатиот македонски композитор и музички деец, Скаловски пишува дека тако му Алекса е роден во Сетоле (дедо му се викал Илија), од каде се иселил во Тетово. Значи по татко Скаловски е Сетолчанец. Читај повеќе...

ЗНАЧАЈНО

ДОПОЛНИТЕЛНИ ЛИНКОВИ

ЛИТЕРАТУРА / ИЗВОРИ

  • Теренски истражувања и интервјуа со стари жители на ова село (2009), на авторот на овој портал – Дарко Гавровски;
  • Гавровски Д; Тетовски Древности; Тетово 2009;
  • Трифуноски Ј; Полог – Антропогеографска проучавања; Српски Етнографски Зборник, кн 42; Београд 1976.
  • Панов М, Енциклопедија на селата во Р.Македонија, Скопје 1998.
  • Тетово и Тетовско низ историјата, Тетово 1982: с. 189-195 (турски пописни тефтери)
  • Турски извори за българската история, т. VII, София 1986.
  • Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  • Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905.
  • Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929.
  • Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови

   

(c) Дарко Гавровски

  • tweeterIcon
  • facebookIcon

Назив

 Македонски / Официјален (кирилица)

Сетоле


Англески (Латинична транскрипција)

Setole


Локален назив

Сетоле


Албански

Setolle


Жители (машки род, женски род и множина)

Сетолчанец / Сетолчанка / Сетолчани


 


Факти

Број на жители (последен попис 2002)

2


Површина на селски атар (во хектари)

370


Дел од општина (административна поделба 2006)

Oпштина Тетово


Одалеченост од центарот на Тетово (во км, најкратка патна линија)

8,5 км / северо-источно


Одалеченост од Скопскиот Аеродром (во км, патна линија)

52,3 км


Географска позиција (ГПРС / Географска ширина и должина)

 42° 3' 16'' Сев.  /   21° 3' 20'' Ист.


Просечна надморска висина  (во метри)

915 м

 

Детална прогноза
weather icon
  • макс:
  • мин:
weather icon
  • макс:
  • мин: