село Лисец

Подолниот текст е за прв пат објавен токму на овој портал и е најдетален опис за секое од тетовските села, кој моментално постои. Ова е авторски труд на авторот – Дарко Гавровски, и текстовите се заштитени со авторски права. Не е дозволено никакво репродуцирање без дозвола на авторот. Овој текст е само дел од мојот нареден мегапроект ‘Енциклопедија на Тетовските Села’ во која ќе бидат вброени историите на сите 92 тетовски села.

Лисец е големо планинско село, во склоп на Општина Тетово, на падините на Шар Планина 10 км западно од центарот на градот, на патот кон ски-центарот Попова Шака.

Селото е на надморска висина од 1220 м, и со атар од 1370 хектари, од кои на обработливо земјиште одпаѓа 371 ха, на пасишта 667 ха, а на шуми 331 ха.

Највеќе жители во селото изброени се со пописот во 1981 (вкупно 1070), а денес има 692 жители во целост албанско население.

Во селото има осумгодишно училиште, џамија и амбуланта со дежурен лекар кој доаѓа од соседното село Шипковица. Во атарот на ова село е и ски-центарот Попова Шапка.

Во атарот на ова село има и еден заселок - Расадиште кој е создаден во средината на 19.век, а се наоѓа под Лисец (на околу половина час одење), а се состои од две групи куќи меѓусебе раздвоени со долина.


 

ЕТИМОЛОГИЈА НА НАЗИВОТ НА СЕЛОТО

Лисец е со назив со словенска етимологија.

МЕСНИ ТОПОНИМИ / МААЛА

  • Чешми: Крој Ѓат и Крој Вогљ;
  • Потеси околу селото: Ѓури Ѓат (Долг Камен), Голгота, Шпеља (Пештера), Уј Втофт, Личени, Влак, Белток, Аре Динас (Динова Ливада), Ливаде Зогит (Зогина Ливада), Ливаде Реџас, Унгаре, Уј Бард, Попова Шапка, Пашина Ливада, солило, Шеља вегра (Козја пештера), Карпа, Ѓул Стенгур (Стрмен Камен), Кајнак Шаини, цере, Црн Камен, Ограде, Ќелајца, Капиштец, Ара Идризит, Котар Стојанит (Сојанов котар), Расадиште, Кодра Селимит, Бег Бунар, Љуги Зонаве, слива, Ошљак, Карпа;
  • Маала: се дели на три маала: Бака, Џоке и Љила (наречени по главните родови).

ИСТОРИЈА

Најстари археолошки наоѓалишта:

Во атарот на ова село не се пронајдени археолошки наоѓалишта од Праисторијата и Антиката (Детален опис во мојата книга ‘Тетовски Древности’).

Прво споменување во пишан документ:

Во пишаните извори ова село прв пат се споменува во документот од околу 1343 година - ‘Хтетовско Бревно’ (пергамент кој се чува во манастирот Хиландар на св.Гора) каде се наброени имотите кои и припаѓале на црквата ‘св.Богородица Хтетовска’. При описот на границите на атарот на соседното село Речица се наведува дека на нејзинатат граница се наоѓа брдо наречено Лисечко краиште. И ден денс селата Речица и Лисец се граничат со своите атари.

Tурски пописни тефтери (15.-17. век):

Во турските пописни тефтери стојат следниве податоци. (Само за споредба на големината на селото: во истите пописи Тетово има од 103 до 180 семејства, зависно од пописот).

Лисец се споменува баш под истото име: 

  • 1453 – 9 христијански семејства
  • 1468– 17 христијански семејства, 1 вдовица, 1 самец (неженет)
  • 1545 – не се споменува
  • 1568 – не се споменува

За време Турско:

Пред доселувањето на сегашното албанско население, Лисец бил населен со Македонско православно население. Албанците почнале да го населуваат ова село кон средината на 18 век, кога како најстар род се населил албанскиот род Шаља. Најголемиот дел на албанските родови се од областа Љура (во околината на Скадар, ден.Албанија).

Со се помасовното доселување на алабанските родови, истовремено, македонските родови почнале да се иселуваат во подолните полски села и во градот Тетово. Веќе во 1880-тите се иселил и последниот македонски род од ова село.

Дека имало континуитет помеѓу Македонците и доселените Албанци зборува и фактот што дел од топонимијата е словенска (името на самото село, месностите Стојанов котар, Попова Шапка и сл.). Селската црква постепено пропаѓала без православно население, за конечно врз нејзините темели во 1939 да биде изградено новото селско училиште.

Во средината на 19.век во атарот на селото е создаден и еден заселок - Расадиште, кога на ова место се населиле дојденци од Лисец од родот Џока. Тие тука имале свои трла и раскрчени ниви, па ова свое земјиште тие постојано го населиле.И денес овој заселок се вбројува при пописите како дел од Лисец.

Помени (19. – почеток на 20. век):

  • 1900 - Според Кнчов (1900) селото Лисец е село населено со 330 жители ‘Арнаути Мухамедани’ (Албанци Муслимани)
  • 1929 – Селишчев пишува дека Лисец е село во Селечка Општина (со седиште во Шипковица) и има 100 куќи со 540 жители Албанци.

Официјални пописи (20.век - денес):

  • 1948 - 770 жители (767 Албанци, 2 Турци, 1 Македонец)
  • 1953 - 798 жители (797 Албанци, 1 друго)
  • 1961 - 852 жители (836 Албанци, 4 Турци, 6 Македонци, 6 друго)
  • 1971 - 1046 жители (1039 Албанци, 1 Македонец, 6 друго)
  • 1981 - 1070 жители (1062 Албанци, 3 Македонци, 5 друго)
  • 1994 - 814 жители (812 Албанци, 1 Македонец, 1 друго)
  • 2002 - 692 жители (сите Албанци)

Најнова историја:

Денес Лисец има осумгодишно училиште, селска џамија и амбуланта со дежурен лекар кој повремено ја посетува доаѓајќи од соседното село Шипковица.

СТАРИ РОДОВИ И ФАМИЛИИ

Кога ги истражувал Трифуноски, родовите во Лисец, во 1948 година, затекнал 7 родови во 109 домаќинства (погледни ги последните 7 на подолната листа). Сепак неговото истражување покажало дека селото најпрвин било населено со македонски православни родови.

Погледнете ги подолу сите родови со родословие (генеологија) на првите доселени/иселени во/од Лисец:

Македонски иселени родови и фамилии. Денес поименично се знаат неколку македонски родови кои живееле во Лисец, до крајот на 19 век целосно се иселиле од Лисец. Во Лисец постоела и црква на чие место во 1939 е изградено училиштето. Денес веќе во Лисец нема Македонци:

  • Типицои  - Од Лисец иселени се во село Лавце над Тетово. Подоцна од Лавце преселени се во Тетово каде и денес живеат.
  • Мамикомадовци (4 куќи) преселено во полското село Сараќино. Таму се прејдени од Лисец околу почетокот на 19 век. Родословот наназад им оди вака: Ристе (во 1948 жив на 73 години) – татко му Божин – Димитрија – Симун - Маринко (кој бил роден во Лисец и од Лисец се иселил). Овој род преку Сараќино има иселено по една фамилија во с.Челопек и с.Долно Седларце.
  • Лишчани или Младенои (24 куќи) иселени од Лисец во с.Раотинце каде живеат и денес. Таму од Лисец прешол оснивачот на родот Младен заедно со синовите на почетокот на 19.век. Родословот наназад оди вака: Јоше (во 1948 жив на 53 години) – Васиљко – Ристо – Петре – Младен (кој бил роден и се иселил од Лисец). Од Лишчани преку Раотинце дополнително се иселени фамилии во Тетово (6) и Скопје (3). Лишчани кажуваат дека во Лисец тие имале стари кумови кои од нив подоцна се иселиле и тоа во с.Доброште.
  • Пауноски (5 куќи) од Лисец се имаат најпрвин иселено во тетово, но набргу потоа од тука во с.Брвеница каде станале чифчии (работеле на чифлик). Овој род и денес постои во Брвеница, а од таму имаат една раселена фамилија во Бугарија. Пауноски во Лисец имале стари кумови кои подоцна се иселиле во Тетово.
  • Аврамовци или Кукушовци (4 куќи) сега живеаат во с.Радиовце, каде се имаат доселено од лисец околу средината на 19.век. Родословот наназад оди вака: Ѓуре (во 1948 жив, на 43 години) – Никола – Аврам – Ристо (кој од Лисец се иселил). Кога дошле во Радиовце биле многу сиромашни и живееле во колиба а се издржувале од тоа што чувале селски говеда. Подоцна успеале да купат земја.
  • Шкиреловци (5 куќи) и овој род живее во с. Радиовце каде се имаат доселено од Лисец во исто време како и родот Аврамовци.
  • Златевци (3 куќи) ова се најверојатно последниот род кој се иселил од Лисец. Лисец го имаат напуштено  1880-тите, од каде се преселиле во полското село Долно Седларце каде и денес живеат. Родословот наназад оди вака: Тоде (во 1948, на 19 години) – Коце – Злате – Стојан (кој се иселил од Лисец). Денес северно од Лисец има потес кој се вика Котар Стојанит, кој можеби го крие споменот на последниот Македонец кој се иселил од Лисец. Златевци во Лисец имале кумови кои се иселиле во Тетово.

Албански Родови:

  • Шаља (Shala  /  37 куќи) Ова се најстарите албански доселеници во Лисец. Родовското име го добиле по фисот (родот) Шаља во сев.Албанија од каде се имаат доселено (околината на Скадар). Во Лисец се доселени околу средината на 18.век, кога нивниот предок Јонуз Љила се иселил од Скадарско и со домашните сенаселил право во Лисец. Родословието наназад: Рефик (во 1948 жив, на 45 години) – Скендер – Реџеп – Хасан – Рамадан – Селим – Јонуз (кој прв се доселил). Овој род го населува маалото Љила. Овој род има родовски гранки кои од нивното место во сев.Албанија се имаат иселено во с.Челопек (родовите: Осман, Мет и Бајрам Мусас – сите живеат во челопечкото маало Чакр), а меѓу нив и денес се одржуваат родбински врски.
  • Баки (Baki  /  12 куќи) доселени од фисот Шаља во сев.Албанија (околината на Скадар). Во Лисец живеат од крајот на 18.век. Родословието наназад: Биљал (1948 жив, 27 години) – Алил – Баки – Биљал – Абдула – Сељман – Исен (кој прв се доселил). Основачот на овој род Исен, другите родови го викале Пуља, зошто бил мал ‘како пиле’. Исен Пуља се доселил со својот брат Јонуз, и со уште еден брат (име непознато а кој се населил во Челопек) . Овој род во Лисец има истоимено маало. Од родот Баки од Лисец се имаат раселено фамилии во Тетово (15 куќи, таму ги викаат Маљолар), и во Долно Палчиште (3 куќи, таму ги викаат Лисеци).
  • Љуц (Luc  /  11 куќи) по потекло се од Љура во сев.Албанија. Велат дека името го добиле по областа од каде што дошле. Во Лисец се доселени на почетокот на 19.век. Родословието наназад: Лиман (во 1948, на 45 години) – Зендел – Мустафа – Ајдар – Мустафа (кој се доселил прв од овој род во Лисец). Две фамилии од овој род денес се преминати во полското село Озормиште.
  • Арнор или Цили Мили (Arnor, Cili Mili  /  14 куќи) по потекло се од Љура во сев.Албанија. Доселени во Лисец околу 1770-тите. Родословието наназад: Узеир (во 1948 жив, на 35 години) – Мерџан – Муниш – Осман – Хода – Зибер – Ибиб (кој прв се доселил). Надимакот Цили Мили велат дека го добиле по предокот Осман кој бил голем кавгаџија.  Од нивното место во сев.Албанија една нивна фамилија се населила во с.Селце и таму се познати под името Лапушалар (14 куќи).  Едно семејство од родот Арнор е прејден во с. Мала речица. Родови со ова име има и во селото Орашје, но и во Качаничко и Скопско.
  • Џоке (Xhoke / 15 куќи) по потекло од село Ујмиште во областа Љума (сев.Албанија), а во Лисец се доселени околу 1750-тите. Родословот наназад: Шаин (во 1948 на 50 години, кога живеел во Расадиште, заселок на Лисец,) – Сулеман – Акик – Имер – Дервиш – Реџеп – Исен (кој прв се доселил). Предците на родот Џока, како што се наведува, во Љума биле христијани и верувале во св.Илија, а не во Мухамед, како што кажуваат. Го примиле исламот дури кога дошле во Лисец. Но и покрај тоа овој род не се држи до сите муслимански прописи: не празнуваат рамазан, пијат алкохол, џамија ретко посетуваат (ова на истражувачот Трифуноски му го потврдиле Албанци и во Лисец, и во Гајре и Речица). Од овој род има раселено фамилии во Расадиште (10), Мала Речица (2), Голема Речица (2) и Тетово (2), а некои преставници од овој род имаат прејдено и во Дебар и во с.Дуф, Гостиварско.
  • Берише (Berishe  /  16 куќи)родовското име го добиле по фисот во сев.Албанија од каде се доселиле. Таму нивните предци живееле во областа Аси Сат (Сув Хас), Скадарско, каде биле католици. У Лисец се доселени на самиот почеток на 19.век. Родословие: Риза (во 1948 жив, на 60 години) – Мустафа – Зибер – Решат – Максут (кој се доселил заедно со браќата Ферат, Шасивари и Алил). Овој род има раселено фамилии во Тетово (4), Топлица (2) и Копанце (4). Самите членови на овој род раскажуваат дека некои гранки од нивниот род сеуште на Метохија (Косово) живеат како католици. Куќите на родот Бериша се наоѓаат во лисечкото маало Џоке.

Поалбанчени Македонци:

  • Торбеши (Torbeshi  /  4 куќи) дојдени се во средината на 19.век од торбешкото село Урвич. Родословие наназад: Раман (во 1948 на 70 години) – Иљаз – Асан (кој што се доселил). Кога дошле во Лисец тие најпрвин зборувале Македонски. Дури потоа заради опкружувањето го попримиле Албанскиот јазик. Иако ова го потврдуваат нивните соседи, тие самите денес го прикриваат пред туѓинци, своето потекло. Некогаш дури се прикажуваат како да припаѓаат на вистинскиот албански род Баки, зошто живеат со нив во исто маало.

Родови во заселокот Расадиште:

Кон средината на 19.век овде се населил албанскиот род Џока од Лисец, кој тука имал свој имот па изградил и куќи - види го потеклото на ово род погоре. Во Расадиште дошол огранок на овој род (родословие: Шаин, во 1948 жив на 50 години - Сулејман - Акик - Имер, кој прв се доселил). Во 1948 имало 10 домови од еден род (Џока). Жителите на Расадиште иако се муслимани не ги вршат прописно муслиманските обичаи (немаат џамија, не држат рамазан, пијат алкохол итн) па околните муслимани ги нарекуваат Бектеши. Самите жители на Расадиште често го посетуваат тетовското Арабати Баба Теќе.

РЕЛИГИЈА

Верски објекти:

  • Забележано е дека во селото имало селска црква како остаток од македонското православно население, кое се иселило до 1880-тите по што црквата опустела и се разрушила (или била разрушена?). На остатоците од темелите во 1939 година било изградено селското училиште.
  • Денес во центарот на селото постои една богата селска џамија.

ИНТЕРЕСНО

  • Попова Шапка - Овој најпознат македонски скијачки центар се наоѓа во атарот на село Лисец. На шега би се рекло, дека Лисец е единствено село во Тетовско со свој ски-центар.

  • Тетовскиот градоначалник од Лисец - Сегашниот градоначалник на Тетово - проф.др.Сади Беџети е роден во селото Лисец на 01.ноември 1957. Читај повеќе..

  • Хиџет Рамадани - познат правник и политичар, е родум од ова село ( Лисец, 2 октомври 1924 - Скопје, 1990). Бил учесник во НОВ, бил на значајни функции, а повеќе пати бил избиран за републички пратеник, потпретседател на Собранието на СРМ, член на Советот на Федерацијата во 1970 и член на Претседатеслтвото на СРМ од 1974 година. (Повеќе во ‘Македонска Енциклопедија’; том.2; МАНУ; Скопје 2009 - стр: 1251).

ЗНАЧАЈНО

ДОПОЛНИТЕЛНИ ЛИНКОВИ

ЛИТЕРАТУРА / ИЗВОРИ

  • Теренски истражувања и интервјуа со стари жители на ова село (2009), на авторот на овој портал – Дарко Гавровски;
  • Гавровски Д; Тетовски Древности; Тетово 2009;
  • Трифуноски Ј; Полог – Антропогеографска проучавања; Српски Етнографски Зборник, кн 42; Београд 1976.
  • Панов М, Енциклопедија на селата во Р.Македонија, Скопје 1998.
  • Тетово и Тетовско низ историјата, Тетово 1982: с. 189-195 (турски пописни тефтери)
  • Турски извори за българската история, т. VII, София 1986.
  • Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  • Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929.
  • Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови

   

(с) Дарко Гавровски

  • tweeterIcon
  • facebookIcon

Назив

 Македонски / Официјален (кирилица)

Лисец


Англески (Латинична транскрипција)

Lisec


Локален назив

Лисец


Албански

Lisec


Жители (машки род, женски род и множина)

Лишчанец / Лишчанка / Лишчани


 


Факти

Број на жители (последен попис 2002)

692


Површина на селски атар (во хектари)

1370


Дел од општина (административна поделба 2006)

Oпштина Тетово


Одалеченост од Тетово (во км, најкратка патна линија)

10 км / западно


Одалеченост од Скопскиот Аеродром (во км, патна линија)

62,0 км


Географска позиција (ГПРС / Географска ширина и должина)

 42° 1' 59'' Сев.  /   20° 55' 27'' Ист.


Просечна надморска висина  (во метри)

1220 м

 

Детална прогноза
weather icon
  • макс:
  • мин:
weather icon
  • макс:
  • мин: