село Једоарце

Подолниот текст е за прв пат објавен токму на овој портал и е најдетален опис за секое од тетовските села, кој моментално постои. Ова е авторски труд на авторот – Дарко Гавровски, и текстовите се заштитени со авторски права. Не е дозволено никакво репродуцирање без дозвола на авторот. Овој текст е само дел од мојот нареден мегапроект ‘Енциклопедија на Тетовските Села’ во која ќе бидат вброени историите на сите 92 тетовски села.

Једоарце е мала селска населба (денес само 5 постојани жители) во склоп на Општина Тетово, на падините на Шар Планина 6 км северно од центарот на градот. Селото е ридско со надморна висина од 660 м, и со мошне мал атар од само 150 хектари, од кои на обработливо земјиште одпаѓа 49 ха, на пасишта 24 ха, а на шуми 68 ха.

Голем дел од населението на ова село е исселено пред се во градот Тетово, но сепак денес е доста посетувано особено во лето како викенд населба. Заедно со Сетоле и Отуње тие прават три села кои се скоро иселени но популарни по својот чист воздух и викенд куќи. Според првите букви на овие села, тие се нарекуваат уште и Сој (Сетоле-Отуње-Једоарце, или на шега: нешто како Бенелукс). Заради тоа што овие села први се иселиле во град, најстарите Тетовски градски фамии во голема мера имаат потекло баш од овие села.


 

ЕТИМОЛОГИЈА НА НАЗИВОТ НА СЕЛОТО

Једоарце е македонско село, и називот е со словенска етимологија.

МЕСНИ ТОПОНИМИ / МААЛА

  • Извори и чешми: Гиновци, Под Карпа, Чешмиче, Јела, Османица, Трска, Млака, Извор, Мал Камењ;
  • Потеси под паша и шума околу селото: Волче, Падиње, Присој, Кошарица, Грки Дол, Треска, Брененица, Камчиња, Маринкоа нива, Селиште, Лисичина дупка, Црква, Шаторник;
  • Ниви: Самоќница, Ќулумица, Ѓуновце, Извор, Рамниште, Варник, Преку дол, Пешчина;
  • Потеси: Ружин лаз, Волчик, Османица, Мал камењ, Сеч (на граница на атарот кон Ѓермо);
  • Маала: Једоарце се дели на две маала Горно и Долно Маало

ИСТОРИЈА

Најстари археолошки наоѓалишта:

Во атарот на ова село не се пронајдени археолошки наоѓалишта од Праисторијата и Антиката. Најстари траги се рушевините (гробови и темели од црквата Св.Никола) од Средновековието во месноста Ѓиновце (долот ј/з од селото кон Џешчиште), каде според народната традиција се наоѓало истоименото село. Ова село најверојатно било иселено и пред доаѓањето на турците (се верува заради чумата) зошто во турските пописни тефтери (најраниот од 1453.) село со вакво име веќе не се споменува.

Прво споменување во пишан документ:

Во пишаните податоци ова село под името Јадварци и Јадоварци прв пат се споменува во пишана повелба датирана околу 1343. на цар Душан во која тој селската црква св.Никола (денес непостои) ја приложува на манастирот св.Богородица од Тетово.
Во 1348. тој во една друга повелба селото заедно со црквата ја завештува на манастирот Хиландар на Света Гора. Од тогаш датира и поменувањето на попот Прибец кој бил од ова село а боравел во соседното село Крпена (денес непостои).

Tурски пописни тефтери (15.-17. век)

Во турските пописни тефтери стојат следниве податоци. (Само за споредба на големината на селото: во истите пописи Тетово има од 103 до 180 семејства, зависно од пописот) Интересно е што во пописите се појавуваат две: само името Једварце, но и Једварце Мало (т.е. Мало и Големо Једоарце):

Једварце:

  • 1453 – 20 христијански семејства 1 самец (неженет)
  • 1468– 25 христијански семејства 2 вдовици 2 самци (неженети)
  • 1545 – 19 христијански семејства 2 вдовици 2 неженети;      
  • 1568 – 11 христијански семејства 3 неженети

Једварце Мало:

  • 1453 - 5 христијански семејства 1 неженет
  • 1468 - 10 христијански семејства 1 неженет
  • 1545 – 5 христијански семејства 1 неженет
  • 1568 - 5 христијански семејства.

Во официјалниот турски попис од 1626/27 во вилаетот Калканделен се споменува село Једоарче со 25 христијански домаќинста (џизие ханета), но и 3 домаќинста во село Балја-и Једоард коа најверојатно е приселок (маало) на ова село.

За време Турско

Једоарце покасно за време турско било расселено. Народната традиција кажува дека првобитната локација на ова село било на местото на денешната месност Селиште, југозападно од денешното село. Таму има денес осбраснати остатоци од гробови, а според кажувањето на старите мештани тука се наоѓала и старата средновековна црква св.Никола, за која велат дека и денеска има остатоци од темелите.

Тоа село најпрвин се викало Ѓиновце (таа месност во долот кон Џепчиште и денес постои), но заради голема чума сите жители се исселиле во денешно Кривопаланечко каде го основале истоименото село кое постои и денес – Гиновци.

Расселувањето на првобитното Једоарце се случило доста рано, уште кон крајот на 17.век. Старите велат дека старите мештани тогаш биле ‘испудени’ т.е. избркани од Турците и дека пребегале ‘во Преку‘ (преку Дунав, во Војводина). Велат дека старото село броело околу 80 христијански македонски домови.

Во разговор со постарите мештани го разбрав следното: Целиот атар на Једоарце останал пуст и ненаселен долго време. За време турско пред околу 300 години, кај турскиот бег од Ратае служел македонецот Дефто. Во тоа време било обичај: секој оној кој на турски водач ќе му служи верно 40 години – да добие имот на подарок од него. Така Дефто побарал место за куќа во запустеното Једоарце, но бегот задоволен од него му го дал цело Једоарце. Дефтовата жена умрела млада а за да има кој да го гледа неговото единствено дете – Стојан, тој се преженил за циганка од тетовската населба колтук (Колтучанка, Ѓупка), па така целиот негов род кој понатаму живеел во Једоарце се нарекува – Ѓупевци.

За да не седи сам во цело толкаво село, Дефто подоцна кани тука да се насели и еден Македонец, кој пак, кај бегот од Желино служел како асчија (готвач). Дефто му дал да се насели во долниот дел на селото, давајќи му дури и поголем и поубав дел. Не е јасно дали тој се викал Календар, но тој е основоположник на једоаречкиот род Календаровци.  Така и денес се знае дека Горно маало живеат Ѓупевци, а Долно маало Календаровци.

Дури подоцна во селото како бегалци се доселуваат и две фамилии од селото Калис (според едни: Калис е во Грција, според други- поверојатна варијанта, близу Корча во jужна Албанија). Овие фамилии се зародиле со Календаровци и денес се сметаат како еден род. Честа е варијантата дека целиот род Календаровци  е всушнос по потекло од село Калис (а името дека е или според ова село или според родоначалникот на овој род - извесен Календар (втората варијанта е помалку веројатна - погледни подолу).

Помени (19. – почеток на 20. век)

  • 1900 - Според Кнчов (1900) во селото Едуарци е село населено со 85 жители христијани.
  • 1905 - На почетокот на 20.век и ова село (Едоарци) потпаѓа под страните пропаганди, па според Мишев, во 1905 тоа брои 128 жители христијани егзархисти (под капата на бугарската црква).
  • 1929 – Селишчев пишува дека Едоварце е село во Непроштенската Општина и има 16 куќи со 113 православни жители.

Официјални пописи (20.век - денес)

  • 1961 - 37 постојани жители (сите Македонци)
  • 1994 - 11 постојани жители (сите Македонци)
  • 2002 - 5 постојани жители (сите Македонци)

СТАРИ РОДОВИ И ФАМИЛИИ

При своето истражување Трифуноски го има посетено селото во 1946. кога има затечено 15 домови поделени во 3 рода, сите православни Македонци, и тоа од следниве родови:

  • Ѓупевци (во 1946: 5 куќи, куќна слава Св.Никола) потекнуваат од погоре споменатиот Дефто (погоре е описот како го добиле името). Од овој род се фамилиите: Деспотовци, Ѓорѓиовци, Спасеновци. Од нив има раселени во Тетово, Скопје и Софија. Во Тетово и денес има многу од овој род (прекар: Ѓупе). Дел од овој род е и семејството Манојловски (Кабаш) во Тетово.
  • Календаровци (во 1946: 6 куќи, куќна слава Св.Никола) потекнуваат од Македонецот кој побегнал од Бегот на Желино (името не се знае). Ова е според цвстото уверување на стари мештани од ова село, иако честа е варијантата дека овој род потекнува од селото Калис (најверојатно овие два рода рано се ородиле и постанале еден род. Според извесни варијанти (погледни погоре) името на овој род е според селото Калис од каде потекнуваат. Друга помалку веројатна варијатна дека името е според родоначалникот на овој род Календар. Ова е неточно, согласно податоците кои во биографијата за своето семејство ги нуди етнологот Миодраг Хаџи Ристиќ, кој кажува дека прв родоначалник на овој род е Ѓорѓија од Калис кој единствен имал право како Македонец да носи оружје од Тетово до Вратница зошто бил преставник на народот во склоп на турската полиција.   Денес тие се делат на: Коруноој, Дејаноој, Серафиноој. Од нив има раселени во Тетово, Скопје и Америка. Видни преставници на овој род е фамилијата Хаџи Ристиќ која преку Тетово се преселила во Скопје каде Спиро Хаџи Ристиќ станува градоначалник на Скопје во два наврати (Ристиќева Палата е на ова семејство), а неговиот внук Миодраг Хаџи Ристиќ е знаменит македонски етнолог (читај повеќе подолу во ‘Интересно’). Овој род под презимето Календароски и денес има фамилии во Тетово.
  • Качовци (во 1946: 4 куќи, куќна слава Св.Никола) се сметаат за гранка на Календаровци. Имаат иселено по една фамилија во Скопје и Пловдив.

Покрај погорните родови, се споменува дека за време Турско тука живеел и род Терзиини, но се исселиле доста рано. Некои преставници од тој род денес живеат во селото Теарце.

РЕЛИГИЈА

Верски објекти:

Во селото има една селска црква - Св.Кузман и Дамјан (Св.Врачи) а се наоѓа на источниот крај на селото. Изградена е 1922. врз темели на постара црква. Во дворот на оваа црква се наоѓаат и селските гробишта и дел во кој се служи ручек за време на селските слави.

Селска слава:

Главните верски празнувања во Једоарце се Крстовден (27.сеп) и Св.Врачи (14.ное.) секоја година.
На овие два празника се празнува свечено со црковна служба и со кумства. Славењето на овие два празника е специфично и е поврзано со ‘побратимството’ кое ова село го има со македонците од соседното село Џепчиште.
Имено, на овие два празника, поручек окулу 18:00 часот се чекаат Џепчиштани организирано да пристигнат на гости на ручек во црковната трпезарија. Домаќините ќе ручаат последни откако ќе отиднат Џепчиштани.
Секаде прославата и ручекот е претпладне, но овде останало традиција тоа да се прави попладне.  Точно истиот адет се прави и при возвратни посети кога Једоарчани одат на гости на селските слави Голема Богородица (28.авг) и св.Атанасиј (31.01).

ИНТЕРЕСНО

  • Хаџи Ристиќ - Семејcтвото Хаџи Ристиќ е дел од родот Календаровци од Једоарце отселени прво во Тетово, а потоа во Скопје, каде највиден преставник е Спиро Хаџи Ристиќ градоначалник на Скопје во два мандата (во 1912, и потоа повторно од 1918-1920). Нивен објект е и денешната Ристиќева Палата во центарот на Скопје. Истакнат преставник на ова семејство е и Миодраг Хаџи Ристиќ, виден македонси Етнолог - Читај есеј кој детално ги опишува корените и историјатот на ова семејство.
  • Дани е Једоарчанка - Мајката на познатата македонска рок пачка Дани Димитовска (род. 04.06.1979 во Скопје) е по потекло од Једоарце.  Значи по мајка - Тетовчанка.

ЗНАЧАЈНО

ДОПОЛНИТЕЛНИ ЛИНКОВИ

ЛИТЕРАТУРА / ИЗВОРИ

  • Теренски истражувања и интервјуа со стари жители на ова село (2009), на авторот на овој портал – Дарко Гавровски;
  • Гавровски Д; Тетовски Древности; Тетово 2009;
  • Трифуноски Ј; Полог – Антропогеографска проучавања; Српски Етнографски Зборник, кн 42; Београд 1976.
  • Панов М, Енциклопедија на селата во Р.Македонија, Скопје 1998.
  • Тетово и Тетовско низ историјата, Тетово 1982: с. 189-195 (турски пописни тефтери)
  • Тасевски, J. Зборови од тетовскиот говор (с. Jедоарце). — Македонски јaзик, 1952, № 7, 169—172; № 8—9, 214—220; № 10, 244—246;
  • Турски извори за българската история, т. VII, София 1986.
  • Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  • Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905.
  • Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929.
  • Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови

   

(c) Дарко Гавровски

  • tweeterIcon
  • facebookIcon

Назив

 Македонски / Официјален (кирилица)

Једоарце


Англески (Латинична транскрипција)

Jedoarce


Локален назив

Једоарце, Једуарце, Једоарци

(поретко трите варијанти но без Ј на почетокот)


Албански

Jedoarci


Жители (машки род, женски род и множина)

  Једоарчанец / Једоарчанка / Једоарчани


 


Факти

Број на жители (последен попис 2002)

5


Површина на селски атар (во хектари)

141


Дел од општина (административна поделба 2006)

Oпштина Тетово


Одалеченост од Тетово (во км, најкратка патна линија)

6,5 км / северо-источно


Одалеченост од Скопскиот Аеродром (во км, патна линија)

51,3 км


Географска позиција (ГПРС / Географска ширина и должина)

 42° 1' 32'' Сев.  /   20° 57' 21'' Ист.


Просечна надморска висина  (во метри)

660 м

 

Детална прогноза
weather icon
  • макс:
  • мин:
weather icon
  • макс:
  • мин: