село Фалише

Подолниот текст е за прв пат објавен токму на овој портал и е најдетален опис за секое од тетовските села, кој моментално постои. Ова е авторски труд на авторот – Дарко Гавровски, и текстовите се заштитени со авторски права. Не е дозволено никакво репродуцирање без дозвола на авторот. Овој текст е само дел од мојот нареден мегапроект ‘Енциклопедија на Тетовските Села’ во која ќе бидат вброени историите на сите 92 тетовски села.

 

Фалише е мала рамничарска селска населба, во склоп на Општина Тетово, а веќе составено со самиот град Тетово, наоѓајќи се јужно од него на левиот брег на Вардар.

Селото е со мал атар од 400 хектари, од кои на обработливо земјиште одпаѓа 366 ха.

 

Во атарот на ова село има трагови на живот од доцната антика, а за прв пат под името Хвалише се споменува околу 1343 година. Низ турскиот период многу пати било раселувано и повторно населувано, за денес да брои над 500 жители.

Денес ова село привлекува и нови жители заради својата местоположба, а има основно училиште, услужни објекти и свој урбанистички план.


 

ЕТИМОЛОГИЈА НА НАЗИВОТ НА СЕЛОТО

Фалише е македонско село, и називот е со словенска етимологија. Според бугарскиот академик Иван Дуриданов името на ова село (според првото име Хвалише) потекнува од старословенското лично име Хвал. Во постарата литература ова село се споменува и како Долно Фалише (покрај опустеното Горно Фалише).

ИСТОРИЈА

Најстари археолошки наоѓалишта:

Најстари трагови на живот во атарот на ова село имана околу 500 метри ј/и, во месноста ‘Старо Село’, каде на двете страни од патот кон Стримница, се најдени фрагменти од керамички садови и градежен материјал, кои имплицираат дека тука постоела населба од доцноантичко време (5-6 век). (Детален опис во мојата книга ‘Тетовски Древности’).

 

Од доцното средновековие има остатоци од запустеното старо село (денес познато како: Старо Фалише, а во средновековните документи како Хвалише) кое е расселено во денешно Фалише (подетално види подоле).

 

Прво споменување во пишан документ:

Во пишаните податоци ова село под името Хвалише прв пат се споменува во Бревното (грамотата) на Тетовскиот Манастир св.Богородица од околу 1343 година. Таму стои дека средновековниот господар на ова село - по име Варнава, заради тоа што се замонашил, на овој манастир му подарува седмина од селото.

 

После ова селото се споменува по турското освојување, најпрвин во турскиот попис од 1453, но и во пописот од 1468. Помеѓу овие 2 пописи, под името Долно Фалише се споменува и во една пресуда на тетовскиот кадија од 1461/1462 во врска со имотен спор за ниви во атарот на ова село.

 

Tурски пописни тефтери (15.-17. век):

Во турските пописни тефтери од 15. век, во исто време се споменуваат и Хвалишта и Горно Хвалишта, најверојатно посочувајќи дека можеби преслбата од Старо Фалише во сегашното веќе тогаш била во тек и паралелно постоеле двете населени села, по што едното потоа опустело. Таму стојат следниве податоци: (Само за споредба на големината на селото: во истите пописи Тетово има од 103 до 180 семејства, зависно од пописот). Во целиот период ова село било населено само со христијани.

 

Сепак многу чудно е што во пописните тефтери од 1545 и 1568 ова село воопшто не се споменува (под ниту едно име), што може да зборува дека можеби при турски зулими во 16.век ова село било целосно раселено, па дури подоцна повторно населено.: 

  • 1453 –  Хвалишта: 25 христијански семејства, 2 вдовици, 1 неженет самец  /  Горно Хвалишта: 12 христијански семејства, 2 самци.
  • 1468–  Хвалишта: 30 христијански семејства, 2 вдовици, 1 неженет самец  /  Горно Хвалишта: 28 христијански семејства, 1 вдовица, 1 самец.

 

За време Турско:

Според научните истражувања и раскажувањата на старите Фалишани, локацијата на ова село најпрвин била токму во месноста викана Старо Село или Старо Фалише на 500 метри или 15 минути одење ј/и од сегашното село на патот кон селото Стримница. Тоа било село населено со Македонци во кое имале и селска црква посветена на св.Атанасиј.

 

Според кажувањата, заради тоа што старото село се наоѓало близу патот кон Скопје, во Турскиот период се случувал голем притисок од некој Албанци од Дебар, па селото се расселило од таа локација на сегашната. Денес на местото на ‘Старо Фалише денев воглавно се ниви на албанци од соседното село Стримница. И до ден денес при орање на тоа местос е наоѓаат остатоци од куќи, стари православни гробови. Се знаат каде се наоѓаат и рушевините од старата црква па Фалишани на ден св.Атанасиј се собираат околу тоа место и тука ги вршат своите обичаи и прославуваат, но денес се поретко.

 

За време турско ова било чифличко село. Последни забележани сопственици на чифлици биле: Алим бег, Али ефендија, Хусеин бег, Асим ага, Селман ага и Али ќаја. Алим бег во ова село имал кула во која што живеел. И другите аги имале кули во кои живееле субашиите. Од чифлиштвото селаните се ослободиле дури 1917 година кога турците земјата нагло ја распродале.

 

Помени (19. – почеток на 20. век):

  • 19.век - Според историчарот Селишчев на почетокот на 19.век селото имало и 52 домаќинста, но потоа во втората половина на 19.век имало само 30 православни домови.
  • 1860 - Според Кнчов (1900) во селото Фалише во 1860 е село со 30 христијански куќи, но дека бргу потоа запустело.

  • 1900 - А.Стојанов забележува дека Фалише е чифлик со 8 куќи и 1 црква.

  • 1905 - На почетокот на 20.век и ова село потпаѓа под страните пропаганди, па според бугарскиот автор Димитар Мишев, во 1905 во селото имало 16 христијани егзархисти.
  • 1929 – Селишчев пишува дека Фалише е село во Желинска Општина (со седиште во Сараќино) и има 16 куќи со 207 православни жители но и албанци.

 

Официјални пописи (20.век - денес):

  • 1913 - 78 жители.
  • 1920 - 207 жители.
  • 1948 - 210 жители.
  • 1953 - 260 жители (219 македонци, 19 албанци, 2 турци и 20 срби).
  • 1961 - 294 жители (264 македонци, 17 албанци и 13 срби).
  • 1971 - 320 жители (290 македонци, 23 албанци, 7 срби).
  • 1981 - 510 жители (475 македонци, 20 албанци, 15 срби).
  • 1994 - 565 жители (525 македонци, 25 албанци, 13 срби и 2 други).
  • 2002 - 546 жители (519 македонци, 19 Албанци и 8 други).

 

Понова историја:

За време на албанската окупација во втората светска војна, заради тешкиот живот и стравот од репресии, скоро сите Македонци од Фалише се иселиле во Тетово, а во селото се вратиле дури после војната.

СТАРИ РОДОВИ И ФАМИЛИИ

При своето истражување na antropo-географот Трифуноски го има посетено селото во 1947. кога има сондирано разговори со најстарите жители и кога има затечено 29 домови поделени во 14 родови (13 родови на православни Македонци и  1 албански род со 2 куќи).

 

Интересно е што сите од родовите знаат дека се доселени од друго место, па и родот Коачовци кој се смета за најстар е населен овде од Кичевско околу 1850-тите. Ова најверојатно се должи на честото раселеување на селото при што и историчарот К‘нчов тврди дека иако во 1860 ова село имало 30 куќи во 1890 целосно опустело. И од официјалните пописи се гледа дека дури на почетокот на 20-тиот век селото повторно се обновува, но сега со родови кои дошле од други места. Голем дел од фамилиите се со потекло од областа Порече (околу Македонски Брод), но има населени и од други места.

 

Македонски родови:

  • Коачовци (8 куќи, куќна слава Св.Аранѓел), се сметаат за најстар род, како најпрви доселени од Кичевско уште 1850-тите (како што самите кажуваат). Пред овој род иамло и други постари македонски родови но или се иселиле или се изумрени. Овој род го основале три браќа кои заедно дошле: Трпе, Војне и Симун (и затоа се дели на Трпевци, Војновци и Симуновци). Дел од родословот на Трпевци наназад оди вака: Петре (во 1947 на 70 години) - Зако - Трпе (еден од браќата кој прв се доселил). Овој род имаат една фамилија во  -иричино (од Симуновци) и раселено во Тетово и Америка;
  • Ванчески (2 куќи, куќна слава Св.Аранѓел)  по порекло се од с.Сушица - Порече, а се населени отприлика во исто време како Коачовци, кога прв дошол предок по име скоро Ване. Родословот наназад оди вака: Ѓорѓи (во 1947, жив на 40 години) - Трпе - Стојан - Ване (кој се доселил);
  • Велешани или Мартиновци (1 куќа, куќна слава Мартинци), дошле во 1916 година од соседното село Сараќино и овде купиле земја и се населиле. Во Сараќино имаат истоимени роднини. Подалечното потекло им е од оклината на Велес (по кое го добиле името), а овде се познати и како Мартиновци;
  • Петревци (2 куќи, куќна слава Св.Никола), доселени се 1917 година на аграрна земја а потоа купиле и свои ниви. По потекло се од Старо Село во Порече, каде биле со постаро потекло од два брата доселени од некоја област во Албанија.
  • Апостолски (1 куќа, куќна слава Св.Никола), доселени во 1924 година од с.Радиовце. Прво работеле туѓо земјиште (под ќесим), а потоа купиле и свои ниви.
  • Горанци или Стојчевци (3 куќи, куќна слава Св.Никола и Св.Илија), дошле во 1924 година, на купена земја, а од селото Горанце во Качаничката Клисура (после граничниот премин јажинце, ден.Косово). Таму припаѓале на родот Сибиновци.
  • Урдовци (1 куќа, куќна слава Св.Аранѓел и Св.Никола), доселени се 1925 година од селото Могилец во Порече, каде и денес имаат роднини.
  • Петкоски (4 куќи, куќна слава Св.Никола), доселени во 1925 година од с.Растеш во Порече.
  • Стојчески (1 куќа, куќна слава Митровден), дошле во 1929 година, на купена земја, а од селото Рогачево, каде так род се со Грујовци кои со подалечно потекло се од Горна Морава (ден.Косово).
  • Димоски (1 куќа, куќна слава Петровден), доселени се 1938 година од селото Јажинце, каде припаѓале на последниот македонски род од ова село Јовчевци (кој последни се иселиле). Нивната куќа и дуќан во Јажинце денес е сопственост на Албанец, но постоела се до 1960-тите.
  • Ѓорчески (1 куќа, куќна слава Митровден), доселени во 1940 година од с.Одри, а се гранка на тамошниот род Илијевци. Постарото потекло им е од Битолско.
  • Брајан (1 куќа, куќна слава Митровден), по потекло се од селото Звечан во Порече. Во Фалише купиле земјиште во 1940., а се населени во 1946 година.
  • Милошевци (1 куќа, куќна слава Св.Никола), доселени 1947 од селото Манастирец во Порече каде имаат истоимен род.

Албански род:

  • Маршиновци (2 куќи), дојдени се од гостиварското шарско село Горно Јеловце, каде што биле големи сточари. подалечното потекло им е од областа Љума во сев.Албанија. Овде имаат купено земја за време турско, па во 1913 година и се населиле. Имаат роднини (со истото име) и во Боговиње и Ново Село (над Боговиње).

 

РЕЛИГИЈА

Верски објекти:

Ова село секогаш било врзано со култот на св.Атанасија чие има го носела црквата и во старото раселено село каде денес постои црквиште. Изградбата на истоимената црква во село Стенче, е поврзана со разрушувањето на црквата во опустеното село Горно Фалише, кога, според народните легенди и кажувања - црквата се преселила во Стенче.

 

И во денешното село има нова селска црква - Св.Атанасија чие градење е започнато во 1985., а е осветена на 15.септември 1991 година. Внатре е живописана во 1989. од тетовскиот сликар Павле Кузмановски. Површината е 16 х 9,5 метри. Во 1991 изградена е и камбанерија. Во дворот се наоѓа и трпезарија (изградена во 1995.) каде се празнува славата на оваа црква и ова село за време на Св.Атанасиј зимски (31.јануари) и oсобено за Св.Атанасиј летен (15.мај) секоа година, а во полседно време со големо славење, игри и организиран панаѓур.

 

Селото Фалише (заедно со Брвеница и Долно Седларце) е дел од Брвеничката парохија на Тетовското архиерејско намесништво на МПЦ.

 

Селска слава:

Св.Атанасиј - летен (15.мај).

 

ЗНАЧАЈНО

ДОПОЛНИТЕЛНИ ЛИНКОВИ

ЛИТЕРАТУРА / ИЗВОРИ

  • Теренски истражувања и интервјуа со стари жители на ова село (2009), на авторот на овој портал – Дарко Гавровски;
  • Гавровски Д; Тетовски Древности; Тетово 2009;
  • Трифуноски Ј; Полог – Антропогеографска проучавања; Српски Етнографски Зборник, кн 42; Београд 1976.
  • Панов М, Енциклопедија на селата во Р.Македонија, Скопје 1998.
  • Тетово и Тетовско низ историјата, Тетово 1982: с. 189-195 (турски пописни тефтери)
  • Турски извори за българската история, т. VII, София 1986.
  • Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900.
  • Brancoff, D.M. "La Macedoine et sa Population Chretienne". Paris, 1905.
  • Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929.
  • Министерство за Локална Самоуправа. База на општински урбанистички планови

   

(c) Дарко Гавровски

  • tweeterIcon
  • facebookIcon

 

Назив

 Македонски / Официјален (кирилица)

Фалише


Англиски (Латинична транскрипција)

Falishe, Fališe


Локален назив

Фалише


Албански

Falisht


Жители (машки род, женски род и множина)

Фалишанец / Фалишанка / Фалишани


 


Факти

Број на жители (последен попис 2002)

546


Површина на селски атар (во хектари)

400


Дел од општина (административна поделба 2006)

Oпштина Тетово


Одалеченост од центарот на Тетово (во км, најкратка патна линија)

5,8 км / југо-источно


Одалеченост од Скопскиот Аеродром (во км, патна линија)

67,2 км


Географска позиција (ГПРС / Географска ширина и должина)

 41° 58' 48'' Сев.  /   21° 3' 0'' Ист.


Просечна надморска висина  (во метри)

438 м

 

 

 

Детална прогноза
weather icon
  • макс:
  • мин:
weather icon
  • макс:
  • мин: