АНТИКА
РАНА АНТИКА
Влијанијата на грчките занаетчиски центри врз овој дел на Балканот, всушност ќе доведат до дополнителна промена на културата и начинот на живот на овдешните популации. Токму тие промени го најавуваат новиот, архајски период и преминот од епохата на праисторијата во епохата на историјата и антиката. На археолошки план овие трансформации се видливи преку новите материјални (нови типови керамика, накит и други занаетчиски производи), и духовни (нов начин на погребување: кремирање наместо инхумација, прифаќање на култовите на грчките божества) и други обележја, кои отпрвин биле прифаќани како престиж од најелитните општествени слоеви, а потоа и од останатото население, што најдобро се гледа од т.н. кнежевски гробници, од кои најпозната е онаа од Тетово, во која е пронајдена и познатата статуетка на Менада.
Во минатото имаше различни теории за тоа, кое античко племе го населувало овој крај. Сепак според најновите сознанија, целиот простор на Јужна Србија, Источно Косово и Северна Македонија, вклучително и Полог, во овој период, а се до 3. век ст.е. бил населен од најсеверното античко-македонско (пајонско) племе Агријани (Agrianes). Ова се гледа по континуитетот во археолошките хоризонти, развиениот керамички импорт од грчкиот југ, богатите кнежевски гробници и сл. Ова племе имало свои кралеви од кои најпознат е Лангар (Langaros) кои во 335. ст.е. му помогнал на македонскиот крал Александар III, при неговиот поход против Трибалите на север. Агријаните него го следеле и при неговиот поход низ Азија кога се покажале како едни од најбезмилосните борци во многу клучни битки, по што станале особено познати во античкиот свет.
Поради економскaта и трговска развиеност и одредени градови ковале свои автономни монети. Таков бил случајот со градот Пелагија (Pelagia) кој низ целиот 4. век ст.е. кова свои сребрени монети во ковницата во Дамастион. Градот Пелагија се смета дека се наоѓал близу денешно Тетово, и е всушност, во урбанистичка смисла негов антички предок, од чиј назив подоцна е изведено и денешното словенско име на целата котлина Полог (Пелагија-Полог, како во случај и со Скупи-Скопје, Астибо-Штип, Тесалоника-Солун итн).
Кон крајот на 4.век ст.е. ослабента агријанска држава потпаднала под власт на кралот Авдолеон од Пајонија, а веќе до средината на 3. век ст.е., сите нивни територии биле заземени од Дарданците од север (на југ сосе Северна Македонија и Полог), што се гледа и преку дисконтинуитет во археолошките хоризонти од тој период. Овие погранични краеви низ целиот нареден период ќе биде користен како логистичка позадина, од каде Дарданија организирала јаки пљачкосувачки походи на југ кон богатото кралство Македонија, дури и откако тие територии ќе потпаднат во склоп на Римската Империја во 168. ст.е.
РИМСКИ ПЕРИОД
Дури во 29. ст.е. и Полог, задно со останатите делови на Дарданија, па на север сè до Дунав, ќе подапнат под римска управа, по што ќе започне ера на стабилизација, мирен живот, трговија и напредок. Од 2-3 век н.е. датираат неколку камени плочи- стели, на кои епитафот е напишан со грчко писмо што говори дека овој регион бил во склоп на грчката јазична сфера, за разлика од Косово и скопкскиот регион кои биле дел од латинската јазична сфера. Ова значи дека во Раноцарскиот период (1-3 век н.е.) Полог бил дел од римската провинција Македонија, а во доцната атника (3-6 век н.е.), по реформите на Диоклевцијан дел од провинцијата Македонија Втора (Macedonia Secunda). Пронајдените стели содржат и богат ономастички материјал и лични имиња кои се доминатно автохтони и од кои се гледа дека романизацијата на овиепериферни краеви, надвор од главните патишта, не зела голем замав.
Поучена од големите варварски продори (Келти, Остроготи, Хуни) кои сè почесто се случувале од 3. век, а траеле и низ наредните векови, римските императори почнале во доцниот 4. век да градат укрепени градови и тврдини на доминантни ридови. Од тој период датираат и бројните каструми (castrum), кастели (castellum) и збегови (refugium) за населението во тетовскиот крај од кои најзначајни се оние близу денешните села Рогле, Орашје, Лешок, Стенче, Јегуновце, Градец и локалитетот Исар-Бањиче крај Тетово.
Иако христијанството во Македонија доаѓа со Св.Апостол Павле во 50-тите години од 1. век н.е., сепак дури по легализацијата на Константин вo 313. н.е. тоа можело помасовно да продре до обичните луѓе, и да се отпочне со градење на ранохристијански цркви- базилики. До денес во Полог се регистрирани траги од 16 ранохристијански базилики, од кои 12 во Тетовско и 4 во Гостиварско, пришто најдобро проучени се базиликата од Стенче од 5. век н.е. која е единствена во Македонија со 3 крстилници (баптистериуми), и онаа во Туденце која датира од втората пол. 6. век. и е најстарата триконхална (трикорабна) црква воопшто во Република Македонија, а е ретка и во цела Јужна Европа.
Сепак, по силните аварско-словенски продори во доцниот 6. век н.е. сите тврдини се напуштени но не во целост и срушени. Поголемиот дел од нив, два-три века подоцна, кога повторно е воведена стабилна државна организација, повторно ќе бидат обновени со истата намена, но овојпат тие ќе бидат населени од доминантното словенско население поставувајќи ги темелите за новите средновековни гратчиња.
__________
* Резиме од книгата: Гавровски Д; Тетовски Древности - Полог од праисторијата до 7.век н.е. со посебен осврт на тетовскиот крај; Тетово 2009.


